Трет брифинг за новинари во рамките на проектот „Систем за управување со погрешни информации и дезинформации и новинарски брифинзи“
На 12 декември 2023 година, се одржа третиот брифинг за новинари на тема „МРП вакцинација“ во рамките на проектот „Систем за управување со погрешни информации и дезинформации и новинарски брифинзи“ спроведуван од Метаморфозис Фондација за интернет и општество во партнерство со УНИЦЕФ и во соработка со Министерството за здравство на Република Северна Македонија, а со финансиска поддршка од УСАИД. Целта на проектот е развивање на систем за управување со погрешни информации (мисинформации) и дезинформации врзани со вакцинацијата во нашата земја и зајакнување на капацитетите на медиумите при известувањето околу вакцинацијата.
На брифингот говореа Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјата, д-р Кристина Ставридис, епидемиолог од Институтот за јавно здравје и прим. д-р Љиљана Којиќ, специјалист педијатар од Клиниката за детски болести. На брифингот беа презентирани податоци за состојбата, опфатот и придобивките од МРП вакцинацијата во земјата, како и за влијанието на соработката на медиумите и здравствените работници врз процесот на МРП вакцинацијата.
Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани, кажа дека милиони деца во светот ја имаат примено МРП вакцината без последици и истакна дека се прима на безбеден начин.
„МРП е најважна за рутинска имунизација на децата затоа што морбилите се најзаразен вирус и опфатот треба да биде 95 отсто за да се постигне колективен имунитет. Овде процентот не е толкав, на национално ниво изнесува 70 отсто. Има намалување на овој опфат. Куманово има 40 отсто, што е многу пониско од очекуваниот процент. Ако децата добијат морбили тие се во ризик да бидат сериозно болни, да имаат проблем со плодноста, да имаат други болести, па дури и смрт и затоа вакцинацијата е неопходна“, рече ДиЏовани, потенцирајќи дека нема научни докази за тоа дека постои поврзаност меѓу МРП вакцината и аутизмот.
Д-р Кристина Ставридис, епидемиолог од Институтот за јавно здравје, кажа дека морбилите се јавуваат најчесто во детската возраст.
„Малите сипаници се респираторно заболување кое може да доведе до тешки компликации и фатален исход. Тоа може да предизвика компликации кај оние кои ќе прележат, а најсериозни се пневмонија и воспаление на мозокот. Под најголем ризик се децата под 5 години и возрасните над 20 години, но и имунокомпромитираните лица и бремените жени“, рече таа.
Таа информира дека во државата има опфат од 70 отсто за прва, и 89 отсто за втора доза со МРП вакцина.
„Овој опфат за втора доза, ни покажува дека родителите не ја избегнуваат вакцината, туку ја одложуваат. Низок е опфатот во последните две години и кај нас и во светот (74 отсто за втора доза), со што се соочуваме со зголемен ризик од појава на епидемија. Од почетокот на декември веќе во Романија има епидемија на мали сипаници, со над 1.800 случаи регистрирани, на возраст до 9 години, главно невакцинирано население“, истакна Ставридис.
Д-р Лилјана Којиќ, од Клиниката за детски болести, кажа дека во 1972 година вакцината е донесена во Македонија.
„Јас сум родена неколку години пред да биде донесена вакцината во земјава. Не сум била вакцинирана и сум заболела од морбили. Сум имала тешка форма на пневмонија. Затоа, сметам дека вакцината е една од најголемите цивилизациски придобивки и благодарение на тоа, ние немаме болести“, кажа таа.
Д-р Којиќ истакна дека има група на збунети и исплашени родители, кои читаат дезинформации по социјалните мрежи и кажа дека мора да се работи со луѓето, да се објаснат убаво работите за вакцинацијата од секој аспект, да им се кажат сите можни компликации. Зборувајќи за нејзината работа како педијатар, докторката кажа дека успевала да ги разубеди родителите кои не биле сигурни околу вакцините.
На крајот на брифингот имаше презентација за влијанието на соработката на медиумите и здравствените работници врз процесот на МРП вакцинацијата, подготвена од страна на Светлана Сиљјаноска, соработник за комуникации и односи со јавност за НАТО и безбедносни прашања во Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, инаку член на експертската група што функционира во рамките на проектот „Систем за управување со погрешни информации и дезинформации и новинарски брифинзи“.
Сподели: