Втор брифинг за новинари во рамките на проектот „Систем за управување со погрешни информации и дезинформации и новинарски брифинзи“

 

На 9 ноември 2023 година, се одржа вториот брифинг за новинари на тема „Вакцинација против ХПВ“ во рамките на проектот „Систем за управување со погрешни информации и дезинформации и новинарски брифинзи“ спроведуван од Метаморфозис Фондација за интернет и општество во партнерство со УНИЦЕФ и во соработка со Министерството за здравство на Република Северна Македонија, а со финансиска поддршка од УСАИД. Целта на проектот е развивање на систем за управување со погрешни информации (мисинформации) и дезинформации врзани со вакцинацијата во нашата земја и зајакнување на капацитетите на медиумите при известувањето околу вакцинацијата.

Брифингот го отвори Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија, а по неа проф. д-р Александра Грозданова, претседателката на Комисијата за имунизација и проф. д-р Горан Димитров, специјалист гинеколог-акушер од Клиниката за гинекологија и акушерство споделија податоци и искуства во врска со состојбата, опфатот и придобивките од вакцинацијата против ХПВ.

Говорејќи за хуман папилома вирусот (ХПВ), докторите го истакнаа фактот дека тој е основен предизвикувач на ракот на грлото на матка во 99,8% од случаевите, а притоа постои вакцина со која може оваа сериозна болест да се превенира.

 

„Оваа вакцина се соочува со многу митови и стереотипи кои се апсолутно никако научно издржани. Една од нив е дека влијае на репродуктивната способност на жените. Напротив, намалувањето на репродуктивната способност се гледа токму кај оние парови , кај кои подолго време била присутна ХПВ инфекција. ХПВ вакцина не ниту нова, постои повеќе од 20 години е. Во 156 земји е внесена оваа вакцина во редовниот календар за имунизација. Високоразвиените земји како Австралија, Велика Британија, Скандинавија, веќе одат со тенденција со зголемување на опфатот и вакцинирање на генерации, зборуваме за висок процент, да дојдат до ерадикација на карциномот на грлото на матката. Да дојдеме да зборуваме за болест која може да биде комплетно превентабилна. Зборуваме за инфективно заболување, но тоа доведува до развој на рак. Тоа треба јасно да се објасни на родителите кога ја носат одлуката. Не би требало ниту еден родител да се соочи со прашањето од своето дете зошто не е вакцинирано против оваа болест, кога имаме ефикасна, бесплатна и исклучително безбедна вакцина“, истакна Грозданова.

 

„Ние се залагаме ХПВ тестот да биде примарен во скринингот, бидејќи е посензитивен. Се бориме да се намали процентот на заболени од рак, а тоа директно зависи од покриеноста, колку имаме подобра покриеност на вакцинацијата, толку повеќе ќе се намали бројот на заболени од канцер. Имаме таканаречен создавање на имунитет на стадо. Ако почнат да се вакцинираат и момчињата, ако имаме девојка која не е заразена, а е во сексуален однос со момче кое е вакцинирано, нема ширење на болеста и така се создава имунитет на стадо. Меѓутоа, процентот треба да расте, а добар процент е оној над 80-90 отсто“, рече проф. д-р Димитров.

 

Согласно последните податоци, во 2022 година, опфатот е 52,5% на оние што се вакцинирале против ХПВ. Овој опфат е најмал ако се земат предвид другите вакцини. Сепак, ланскиот опфат е поголем од оној од 2021 година, кога биле вакцинирани 35%. Девојчињата на 15-годишна возраст примаат три дози од оваа вакцина, а помалите примаат две дози, при што Комисијата за имунизација издаде и препорака за проширување на временскиот период на примање на вакцината, односно сите девојки коишто навршуваат 19 години до крајот на календарската година да можат да ја примат вакцината против ХПВ. Ефикасноста на вакцината започнува една година по примањето на последната доза.

 

 

 

Оваа Активност е подготвена од страна на Метаморфозис Фондација за интернет и општество како дел од проектот Превенција и одговор на КОВИД-19 во Северна Македонија финансиран од американскиот народ преку Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) и поддржан од Детскиот фонд при Обединетите нации (УНИЦЕФ) во соработка со Министерството за здравство на Република Северна Македонија.

Сподели: