Општините во Република Македонија исполнуваат 34% од индексот на отвореност, покажа истражувањето за степенот на отвореност на институциите во шест земји од регионот во рамки на проектот АКТИОН СЕЕ – Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа, кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество, „Метаморфозис“.

Просечниот индекс на отвореност на локалната самоуправа во Македонија е всушност еднаков на просечниот индекс на отвореност на локалните самоуправи во целиот регион и изнесува разочарувачки 34%. Политиката на отвореност мора да биде политика на сите општини и таа мора да го најде своето место помеѓу другите важни државни политики. Крајно време е да се почне со решавање на ова прашање.

Ова истражување ги опфаќа принципите за транспарентност, достапност, интегритет и ефективност, од кои општините во Република Македонија се на најниско ниво во споредба со другите држави во однос на индикаторите за достапност, односно општините исполнуваат 27% од индикаторите. Овие индикатори се однесуваат на обезбедување и почитување на постапките за слободен пристап до информации и зајакнување на интеракцијата со граѓаните.

Овој податок е загрижувачки со оглед дека мерењето е направено на обезбедувањето на пристап до информации кои треба да се објавени на општинските веб страници без да бидат побарани, како на пример, одлуките кои ги носат Советите на општините, одлуките кои ги носат градоначалниците, записниците од седниците на Советите на општините, Статутот на општините и Деловниците за работа на Советите.

На ниското исполнување на индексот на достапност од страна на општините влијае и нивната недоволна интеракција со граѓаните преку социјалните мрежи, необјавувањето на месечни информатори за граѓаните за работата на општините, како и недостатокот на јавни дебати за граѓаните за прашања од локално значење, необјавување на планови за јавни консултации со граѓаните за општинските политики и записниците од одржани средби со граѓаните.

Принципот на транспарентност, пак, подразбира објавување на информациите за организациската структура, буџетот за работа и објавувањето и пристапот до информациите за јавните набавки. За подобрена транспарентност на македонските општини, кои исполнуваат 35% од индексот за транспарентност, секоја активност која е финансирана со јавни пари мора да биде јавна, а информациите за овие активности мора да бидат еднакво и лесно достапни за сите граѓани.

Општините немаат пракса да ги објавуваат договорите и анексите на договорите склучени на отворените јавни набавки. Дури 2/3 од анализираните општини не го објавуваат Планот за јавни набавки за тековната година. Покрај тоа, загрижува и податокот кој покажува 0% исполнување на индикаторите од поткатегоријата јавни набавки од страна на 11 општини со што се отвора сомнеж дека се можни злоупотреби и корупциски дејствија во набавките со што слабее довербата на граѓаните во избраните претставници.

Со оглед дека активностите на општините се тесно поврзани со трошењето на јавните пари општините во иднина мора темелно да ја унапредат својата отчетност во овој дел, односно да ги објавуваат плановите за јавните набавки, одлуките, договорите, анексите на договорите, како и другите општински расходи.

Подобрување на финансиската транспарентност на општините

Индексот на транспарентност, во поткатегоријата транспарентност на буџетите, општините го исполнуваат со 49%. Голем дел од општините ги објавуваат донесените буџети и завршните сметки, но во заштитени пдф формати, што ги прави тешко пребарливи.

Исто така, на процентот на исполнувањето на индексот влијае необјавувањето на Граѓански буџети од страна на општините, како полугодишните извештаи за трошењето на буџетот.

Отворени податоци

И покрај тоа што во рамките на инцијативата за Отворено владино партнерство државата ги приоретизираше отворените податоци на локално ниво, истражувањето покажа дека општините исполнуваат само 8% од индикаторите за отворени податоци.

Свест

Понатаму, општините исполнуваат 33% од индикаторите за стратешко планирање бидејќи само 1/3 имаат усвоено развојни стратегии со јасно определени развојни цели. Во овој сегмент, општините се најслаби (21%) во полето на мониторинг и евалуација. Резултатите се ниски бидејќи општините не усвоиле менаџерски рамки кои ќе вклучат и индикатори според кои ќе се мери како општините ги исполнуваат своите цели, обврски и задачи.

Имајќи ги предвид големите разлики кои постојат помеѓу општините во поглед на исполнувањето на индикаторите за транспарентност очигледна е потребата за координирање и воспоставување на определени одредници кои би биле заеднички за општините и кои би претставувале минимални стандарди за отвореност. Ваквите стандарди не би требало да значат униформирање на општините, туку воспоставување гаранции за обезбедување на минималните услови за отвореност. За оваа цел потребно е и Заедницата на единиците на локалната самоуправа да ја зголеми својата улога и да преземе иницијатива.

Анализата на отвореноста на локалната самоуправа во Македонија и регионот претставува активност во рамки на проектот „ACTION SEE – Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа“ имплементиран со финансиска поддршка на Европската Унија.

Анализата е достапна за преземање на веб-страницата на Фондацијата Метаморфозис.

Сподели: