Отвореноста на судовите и јавните обвинителства во регионот не е на задоволително ниво, покажа истражувањето за степенот на отвореност на судските органи во регионот спроведено во шест земји од регионот во рамки на проектот АКТИОН СЕЕ – Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа, кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Во просек, судовите во регионот задоволуваат 48% од индикаторите за отвореност додека јавните обвинителства задоволуваат 40%. Судовите и јавните обвинителства мора да имаат независна позиција во системот на власт и во нивната работа мора да ги почитуваат основните принципи: непристрасност, отчетност, ефикасност и транспарентност.

Транспарентноста на судовите е многу важен елемент кој придонесува кон независност на судството, а транспарентноста во работењето на судовите и јавноста на постапките можат да придонесат кон зголемување на довербата на граѓаните во судскиот систем.

Судовите во Република Македонија исполнуваат 52% од индикаторите на отвореност, додека Судскиот совет на РМ е незначително подобар и исполнува 58% од индикаторите на отвореност.

Во поглед на обвинителствата, Јавното обвинителство на РМ исполнува 51% од индикаторите на отвореност, Советот на Јавните обвинители исполнува само 38%, а недоволно исполнување на индикаторите од 26% е од страната на основните и вишите јавни обвинителства.

Во однос на принципите транспарентност, достапност, интегритет и ефективност, по кои е правено истражувањето, исполнувањето на индикаторите за транспарентност од страна на судовите во Р.М. е на најниско ниво, односно судовите исполнуваат само 33% од индикаторите, а кои подразбираат објавување на информациите за организациската структура, буџетот за работа и објавувањето и пристапот до информациите за јавните набавки. За подобрена транспарентност на основните судови неопходно е да ги објавуваат Годишните извештаи за работа на своите веб страници, што беше констатирано како недостаток при ова истражување. Голем број од основните судови ги немаат објавено овие извештаи што влијаеше на ниското исполнување на индикаторотот за транспарентност.

Отвореност на Јавните обвинителства во Република Македонија

Резултатите од исполнувањето на индикаторите за отвореноста на јавните обвинителства со 26% се на исклучително ниско ниво. Единствено помалку отворени се независните извршни институции во РМ кои исполнуваат 24% од индикаторите. Ситуацијата е подобра, но не е задоволителна, кај Јавно обвинителство на РМ кое исполнува 51% од индикаторите за отвореност. И Советот на Јавните обвинители се одликува со исклучително ниска отвореност зошто исполнува само 38% од индикаторите за отвореност.

Основни и виши јавни обвинителства

Гледано по категории, јавните обвинителства во делот на транспарентноста имаат поразителни 1% зашто тие немаат своја веб страница на која би ги објавувале податоците како што се: тековни стратегии; програми и планови за работа; своите годишни извештаи; надлежности; органограми; персонал, вклучително и име, презиме и плата на обвинителите итн. Овие информации, со исклучок на годишните извештаи, не се содржани ниту на страницата на Јавното обвинителство на РМ.

Јавно обвинителството на РМ

Просекот на исполнетост на индикаторите за отвореност на Јавното обвинителството на РМ е повисок, но сепак е на незадоволително ниво од 51%. Највисоки оценки ова обвинителство има за достапноста односно за обезбедување пристап до информации од јавен карактер – 75%, а најниски за транспарентноста – 37%. И покрај тоа што ова обвинителство во хиерархијата е највисок орган на прогонот пред кој одговараат и основните и вишите обвинителства и кое треба да послужи како пример, сепак, Обвинителството на РМ не објавува ниту една информација поврзана со буџетот на институцијата и е оценето со 1% на исполнетост на индикаторите.

Совет на јавни обвинители

Советот на Јавни обвинители исполнува само 38% од индикаторите за отвореност и е уште една слаба алка во обвинителскиот систем. Советот има најслаби оценки за достапноста зашто индикаторите за пристап до информации не ги исполнува воопшто, а најмногу ги исполнува индикаторите за интегритет (72%), односно за етички кодекс 82% и за независност 62%. Индикаторите за транспарентност на Советот се исклучително ниски – 27%, бидејќи Советот воопшто не објавува информации за јавните набавки, не ги објавува основните документи како извештаи, планови за работа или стратегии, ниту го објавува својот буџет.

Забелешките и на Европската комисија во нејзиниот последен извештај се сериозни[1], со што уште еднаш се подвлекува потребата од итни заложби за реформа на правосудните органи.

Анализата на отвореноста на судските органи во регионот и Македонија и регионот претставува активност во рамки на проектот „ACTION SEE – Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа“ имплементиран со финансиска поддршка на Европската Унија.

Анализата е достапна за преземање на веб-страницата на Фондацијата Метаморфозис.

 

[1] Извештај за 2016 за РМ на Европската Комисија, https://ec.europa.eu/neighbourhood-enlargement/sites/near/files/pdf/key_documents/2016/20161109_report_the_former_yugoslav_republic_of_macedonia.pdf, страница 13 и 54.

Сподели: