Мени

Прилог на Фондацијата Метаморфозис кон јавната консултација за нацрт-верзијата на Концепцијата за далечинско образование

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, одговорајќи на јавната покана од Министерството за образование и наука од 6 јули 2020 г. за Јавна консултација за нацрт верзијата на Концепцијата за далечинско образование, го подготви следното мислење врз основа на своите досегашни искуства и специјалистичка експертиза развиени преку проектите и иницијативите  Национална стратегија  за  развој на информатичко општество (2004-2005), Безбедно на интернет (2007-денес), Слободна култура – Криејтив комонс, Отворен пристап до академски содржини и европската мрежа Комунија (2007-денес), истражувањето Употреба на компјутери во образованието (2010), Отворени образовни ресурси (2012-денес),  Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк (2018-денес), Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA (започнат 2020 г.) и низа други претходни и тековни активности.

 

Процедурални забелешки

Најнапред, „Метаморфозис“ процедурално укажува дека рокот за поднесување предлози и сугестии до 10 јули (само 4 дена) е прекраток да се направи издржана анализа на објавениот нацрт на Концепцијата и да се добијат мислења од сите заинтересирани страни, заради што предлага тој рок да се продолжи и државните институции да понудат повеќе форми на консултации, меѓу другото и со користење средства за дигитална комуникација како онлајн средби и искористување на можностите на системот ЕНЕР како електронски форум, земајќи предвид  дека заради ситуацијата со Ковид-19 нема услови за физички средби и тркалезни маси.

Развој на државни политики на ова поле е неопходен и затоа што и без кризата со Ковид-19 има деца кои (некогаш привремено, а некогаш долгорочно) не можат да следат настава во училиште поради различни причини, од здравствени до економски, а и затоа што се деца со посебни потреби, живеат во руралните средини и се припадници на други маргинализирани групи.

Дадените временски рамки се од огромна важност и треба да се преиспитаат. Според дадениот нацрт од Акцискиот план, не се планира Концепцијата да се спроведе оваа школска година, туку од наредните, но неопходно е итно да се обрне внимание не тековните потреби имајќи предвид дека за неполни 2 месеци започнува новата школска година. Затоа е важно освен целосната реформа која е долгорочен процес, да се покрене итна јавна расправа  за нацрт-решенија на краток рок.

Решавањето на новите и наталожените проблеми бара развој на  барем два различни пристапи/планови: план  за кризен менаџмент и долгорочен план. Далечинско образование е секако многу корисна форма која треба да постои за децата кои имаат потреба од таква поддршка во долг рок (и после кризата со Ковид-19) затоа за развој на политика за далечинско образование треба да се пристапи со два различни планови:

(1) краткорочен план за управување со кризната ситуација и брза мобилизација и

(2) повеќегодишен план насочен кон создавање услови за успешна реализација на севкупната политика.

 

Потреба од одлучување врз основа на емпириски истражувања

Во нацртот на Концептот МОН наведува дека досега не постојат, или барем не се објавени истражувања за идентификување на состојбата. Фондацијата Метаморфозис, во партнерство со Фондацијата Отворено општество – Македонија, во моментов спроведува токму такво истражување, кое има за цел да ги детектира предизвиците на наставниот кадар од основните училишта ширум земјата. Неговите резултати ќе бидат на располагање на МОН, БРО и јавноста.

Истражувањето е во тек, но, од нашите прелиминарни резултати, покрај предизвиците во прв план кои ги истакнува и МОН, недостига најмалку еден клучен елемент – ресурси т.е. материјали за онлајн учење. Овој проблем особено е истакнат во руралните средини, во средините каде покрај македонскиот, наставата се изведува и на друг јазик, како и за предмети за кои воопшто нема никаков учебник. Поради сето ова, се остава на инивидуалниот наставник и наставничка да одлучи дали, што, колку, и како ќе пренесе како знаење на учениците.

Проценката на потребите и анализа на состојбите мора да биде сеопфатна и базирана на факти бидејќи образованието и сите јавни политики што имаат директно влијание врз децата се многу чувствителни. Искуството покажува дека побавни но темелно обмислени промени даваат подобри резултати од брзи но неодржливи политики. Треба да се направи точна проценка на проблемите и на потребите (особено за успешната реалиација на долгорочниот план) – со тоа што ќе се истакне во кои средини/заедници има повеќе потреба од подршка и акциите ќе се прилагодат на потребите.

 

Непходност од примена на светските искуства за отворени образовни ресурси

Исклучително е важно Концептот да ги дефинира дигиталното учење, е-наставата и учењето на далечина како три слични, но сепак меѓусебно различни аспекти на образовниот процес, земајќи предвид дека секој од нив има свои специфики и секое терминолошко недоразбирање во иднина може да послужи како основа за успорување на практичната примена. Јасната и недвосмислена порака од страна на институциите ќе овозможи  наставниот процес во учебните години кои следуваат да не се базира на стихијни решенија, оставање на поединечните наставници и наставнички, односно нивната (не)креативност и дигитални вештини. Со тоа ќе се превенираат дискрепанци во знаењето на генерациите присилени своето образование да го добиваат од дома.

Во неколку наврати во документот се спомнуваат „е-содржини“, „други ресурси, како дидактичка поддршка“, „ажурирани ресурси за настава“, „е-учебници“, и слично. Без да се троши време на секој термин одделно, и како истите не треба да се користат како синоними (пр. е-учебник не е класичен учебник прикачен во PDF формат на интернет), ќе се осврнеме на еден главен недостаток: отворени образовни ресурси. Придобивките од ваквиот вид ресурси за учење се огромни, особено во ситуација како сегашната, и истите (најчесто) дозволуваат споделување и модификување на еден единствен, квалитетен ресурс за секој наставник/наставничка, без оглед на местото на живеење, јазикот на наставата, социо-економскиот статус, итн.

 

Учебници, други е-содржини и авторски права

Во смисла на унапредување на отворените образовни ресурси (ООР), исклучително е важно на највисоко законско ниво да се расчистат аспектите на авторски права за содржините од образовниот систем според најдобрите практики кои со години се применуваат во научно најнапредните земји на Европската Унија, во согласност со Кејптаунската декларација за отворено образование од 2007 г., Париската декларација за ООР на УНЕСКО од  2012 г., Акцискиот план за ООР од Љубљана од 2017 г., Препораките на УНЕСКО за ООР од 2018 г. како и придобивките на практиката од овозможување слободен пристап до едукативни е-содржини преку системот „Криејтив комонс“.

Како идна членка на Европската Унија, Република Северна Македонија мора да се вклучи и во Европската агенда за стимулирање висококвалитетни и иновативни начини на учење и настава одредени преку концептот Отворање на образованието: Иновативна настава и учење преку нови технологии и отворени образовни ресурси усвоен од Европската Комисија уште во 2013 г.

Особено е важно недвосмисленото овозможување на слободно користење на ресурсите како учебници за кои државата ги има откупено авторските права и за кои граѓаните нема потреба да плаќаат по вторпат за да имаат пристап до нивните дигитални форми.

Концептот на места ја допира оваа проблематика, па се споменуваат, е-учебници, во PDF формат, и во формат на е-книга треба да бидат одобрени од МОН. Ова води кон заклучок (иако не е експлицитно наведено) дека авторските права на сите ресурси објавени на националната платформа би ги имало министерството.

Во делот „организација на наставата на далечина“ наведено е дека наставникот/наставничката „може самиот да подготвува/прилагодува содржини за наставниот предмет по кој реализира настава …“. Мора да се разјасни прашањето дали овие креирани, или модификувани, образовни ресурси, ќе се сметаат како авторски дела на наставникот/наставничката, дали истите подлежат на верификација за соодветност од страна на институциите, или дали ќе бидат законски слободни за ре-употреба од други лица.

Од друга страна, оваа проверка и одобрување на сите материјали кои би се користеле во националната платформа, од страна на МОН, повлекува потреба од мобилизирање дополнителни материјални и човечки ресурси, како и укажува на потребата недвосмислено да се обезбеди достапноста на содржини на самиот почеток на користењето на истата. Имајќи ги предивд досегашните искуства од создавање, печатење, и диструбирање на одредени учебници до крајните корисници, особено учебници на јазиците на помалите заедници, се отвора прашањето на обезбедување на потребните технички, и човекови ресурси, за да се задоволат целите на постоење на националната платформа.

Во делот „педагогија“ се споменува и „учење преку компјутерски игри“ со наведување на англискиот термин гејмификација (gamification). И во овој случај е важно прецизното дефинирање на концептите и поимите, затоа што гејмификацијата воопшто не претставува учење преку играње компјутерски игри. Оваа тема е преширока за соодветно да се адресира накратко, но важно е да се напомене дека иако постојат „голем број дигитални ресурси со елементи на игра …“, но токму нивото вградување, односно користење од учениците во нашата земја претставува огромен предизвик. Имено, најголемиот дел од овие ресурси се на англиски јазик, и со содржини кои социолошки, педагошки, но и културално несоодветни за нашето образование. Со други зборови, не е можно соодветно да се искористат, и е потребно создавање на гејмифицирани активности и часови „од нула“, според потребните на нашите ученици и наставници/наставнички.

 

Заштита на безбедноста и приватноста на децата

Заштитата на безбедноста на децата има круцијално значење за успехот на целата реформа која се базира на унапредување на низа основни човекови права.

Зголеменото користењето на технологии базирани на интерент носи и зголемени ризици од областа на сајбер-безбедност (cybersecurity), врсничко насилство онлан (cyberbullying) како и зависност од интернет. Соочувањето со овие ризици треба да почне со нивно вклучување во расправата чиј резултат ќе бидат идните стратешки документи кои ќе претставуваат рамка за организирање на образованието на далечина.

Од аспект на заштита на приватноста, во објавениот нацрт не се опфатени спецификите на начинот на вклучување на секој ученик во далечинското образование, а во смисла на тоа кој ќе биде нивниот идентификатор, е-име, е-мејл адреса и слично. Ова е особено важен момент особено заради тоа што станува збор за интеракција во која примарна целна група се малолетни лица. Досегашното искуство укажува на отсуство на унифициран процес: во некои училишта се инсистираше да се отвараат е-мејл адреси на името на децата, во некои се прифаќање да се регистрираат со адреси на родителите. Овој процес треба да биде унифициран дополнително и заради фактот што неизбежно е да се креира и сосем нова електронска збирка на лични податоци, па со самото тоа и правилата за заштита на приватноста треба да бидат соодветно рефлектирани.

Во нацртот на Концептот се наведени неколку платформи за учење на далечина, од кои дел се сопственост на БРО, дел на соодветните министерства, додека во пракса изминатите 4 месеци голем дел од училиштата користеа и други платформи, како Zoom, Google Classroom, Moodle и слично. Снимањето на часовите како и на сите податоци кои се бараат за користење на различни платформи, согласно европската регулатива GDPR на која се прилагодува и нашиот правен систем,  многу често се третира како пренос на лични податоци во други земји. За ова законите наложуваат отворена информација до родителите па и нивна согласност. Ова за училиштата може да претставува дополнителен административен товар за кој треба да се обезбедат дополнителни ресурси, како и обезбедување вооедначено користење, во сите училишта.

Самиот документ укажува на потребата за измена на законите од областа на образованието, но во процесот на измени треба да се води сметка за тоа на кој начин ќе бидат испочитувани начелата за заштита на личните податоци на сите инволвирани поединци. Треба точно да се дефинира кој ќе биде контролор, кој ќе биде обработувач, а кој корисник на сите тие податоци, рокови на чување, технички мерки на заштита итн. Ова значи дека ќе треба да се спроведат процедури за Проценка на влијанието врз приватноста (Privacy Impact Assessment), а земајќи го предвид краткото време до почетокот на учебната година, овие прашања бараат итно решавање и тоа на глобално (државно) ниво, како предуслов за спроведување во индивидуалните институции (училишта).

 

Важноста на улогите на родителите, педагозите, психолозите и другите чинители

Нацрт-Концептот опфаќа листа на човечки ресурси која предвидува и вклученост на родителот/старателот, што во многу семејства креира дополнителни предизвици, оти не сите родители имаат време, подготвеност, знаење и умешност за да бидат постојано дома и целосно вклучен во образованието на своето дете, секој работен ден. Особено не родители/ старатели со повеќе од 1-2 деца, самохрани родители/старатели со повеќе деца во образовен систем, родители/старатели кои немаат опција за работа од дома, итн. Улогата на родителите наспроти професионалците мора да се разработи детално како дел од поддршка преку листи за проверка на знаење и алатки, но во тековните услови од нив не може да се очекува напуштање на тековните работни места за да се посветат само на учење од дома.

Во тој контекст, важно е и обезбедувањето дополнителна поддршка за децата од маргинализираните заедници:  родителите се предуслов за успешна реализација на ова политика. Освен поддршка за развој на дигиталните вештини на родителите и за запознавање со алатките, неопходно е да се планираат конкретни мерки кои ќе им обезбедат ист пристап и на децата чии родители немаат волја или време да бидат директно ангажирани околу образованието на нивните деца (на пр. деца од маргинализираните заедници). Необрнувањето свесно внимание на овој аспект ќе доведе до последици ефектите од кризата да ги погодат повеќе маргинализираните заедници во образованието како што се попогодени и од економски аспект.  Ова е особено важно да биде адресирано со планот за далечинско образование за време на криза.

Важно е и да се дефинира улогата на училишниот педагог и психолог во овој концепт на далечинско образование, почнувајќи од можностите за советување преку интернет (e-counseling) до целосно концептуално обмислување на образовниот процес не само од аспект на неговата едукативна, туку и воспитна компонента, на која исто треба да се обрне внимание. Функција на педагошката служба е следење на прогресот на учениците, како и советување на родителите,  па во тековните услови е важно да се земе предвид и опцијата за групни консултативни сесии со родителите за нивните предизвици во спроведувањето на сите форми на наставата на далечина.

Концептот е важно да ги опфати и дополнителните воннаставни активности (extracurricular activities) кои на учениците им даваат можност за стекнување со нови вештини и развивање на својата креативност. За овој аспект е важно да се консултираат и вклучат младинските работници (барем за ученици над 15 год.) и младински центри, како поддршка на овој процес и како дел од човечките ресурси, кои се официјално признаени со Законот за младинско учество и младински политики од 2020.

 

Неопходност од унапредување на дигиталното граѓанство и медиумската писменост

Искуствата на Метаморфозис од сите проекти поврзани со сферата на ИКТ укажуваат дека е исклучително важно за сите вклучени во образовните реформи, од носителите на одлуки, раководниот кадар, до наставниците кои ќе треба  да ги спроведат во пракса, да ги зајакнат капацитетите од областа на дигитално граѓанство и медиумска писменост.

Дигиталното граѓанство опфаќа низа елементи, од кои најважни се зголемување на знаењата на граѓаните да ги користат новите технологии (дигитална писменост) како и на свесноста за општествените импликации од тоа користење, особено во насока на унапредување на нивните граѓански права и можностите да се вклучат во процесите на одлучување на сите нивоа.

Медиумската писменост во поширока форма, која често се поклопува со делови од областа дигитална писменост е една од приоритетните области на која работи Метаморфозис и како дел од Работната група за воведување медиумска писменост во формалниот образовен систем, Националната коалиција за медиумска писменост и Мрежата за медиумска писменост.

Врз основа на Истражувањето за критичкото мислење и медиумската писменост кај младите (2019) Метаморфозис и Евротинк укажаа дека проблемот со медиумската писменост треба да стане државен приоритет и дека подигнување на степенот на медиумската писменост треба да биде третиран како стратешка цел. Во новите услови е уште попотребна е сеопфатна реформа на образовните програми за овие вредности да бидат интегрирани и во развојот на сите форми образование, при што особено е критично образованието на далечина и е-образованието.

Горенаведните забелешки се само дел од отворените прашања кои се однесуваат на предизвиците со кои се соочуваат инстиуциите, организациите, стручњаците и сите други чинители на чија работа треба да помогне Концепцијата за далечинско образование. Затоа е од исклучителна важност процесот на консултации да продолжи во проширена форма, со што ќе се зголеми и инклузивноста и ефективноста на тековните сеопфатни реформи на образовниот систем.