Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис и Центарот за европски стратегии Евротинк, денеска го одржаа почетниот јавен настан (kick-off meeting) за проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој ќе се спроведува во наредните 3 години, со поддршка од Европската Унија. Целта на средбата е преку презентација на проектот да се поттикне соработката на полето на развој на критичко мислење и медиумска писменост во духот на отвореност и соработка на сите засегнати страни. При тоа, тимот на проектот ги претстави основните елементи на проектот пред јавноста и го најави првиот повик за мали грантови.

Основна цел на проектот е да промовира медумска писменост, рече програмскиот директор на Метаморфозис Филип Стојановски, како основа за зачувување на правото на граѓаните да имаат различни мислења, преку стимулирање на култура за критичко размислување, плурализам на мислења и демократски вредности. Специфичните цели на проектот се:

• Да се поттикнува култура на критичко размислување преку едукација на општата јавност за штетните ефекти на медиумските манипулации врз демократијата и европските вредности.

• Да се зголемат капацитетите на граѓанските организации (ГО) и медиумите да се справуваат со медиумски манипулации (вклучително и говор на омраза) преку подобрување на медиумската писменост во содејство со државните институции.

• Да се зголеми побарувачката од граѓаните за поголема отчетност и одговорност на медиумитепреку јавно неформално образование, промоција на професионалните стандарди и меѓународните практики за заштита на слободите на мислење и изразување.

Горан Лазаров, координатор на проектот од Евротинк, во своето излагање објасни дека ќе се спроведува програма за мали грантови преку која ќе бидат доделени вкупно 16 мали грантови во износ од 5-7000 евра по грант. Програмата за ре-грантирање ќе се одвива во два циклуса. Првиот цуклус започува од денеска 1 јуни и ќе трае до 31 март 2019 г. Предвидено е во рамки на овој циклус ќе бидат доделени 8 грантови, со кои ќе се поддржи по еден проект во секој од 8-те плански региони во Република Макеоднија. Вкупната сума на овој прв циклус ќе изнесува 50.000 евра односно како што напоменав од 5-7000 евра по грант. Истата сума се однесува и на вториот циклус кој ќе се спроведува во периодот од 1 јуни 2019 до 31 март 2020 г.

“Би сакал малку подетално да ви објаснам за повикот кој го промовираме од денеска. Носители на апликациите може да бидат само локални граѓански организации кои работат на основно, „грасрут“ ниво. Овој повик нема никакви ограничувања околу тоа кои од граѓанските организации може да аплицира без разлика од кога се основани и која е нивната мисија се додека идеите за проектите се поклопуваат со целите на нашиот проект, а тоа е пред се промовирање на медиумската писменост кај граѓаните. Тоа што го прави овој повик малку поразличен од другите, а воедно е и во склоп со целите на проектот е дека секоја граѓанска организација ќе мора без исклучок да работи во партнерство со медиуми (локални или национални), а пожелно е да вклучуваат соработка со образовни и други јавни институции, како и други релевантни чинители.“ – рече Лазаров

Краен рок за аплицирање е 6 јули 2018 г. до 17 часот. Начинот на аплицирање ќе биде исклучиво online преку формуларот за аплицирање достапен на официјалната интернет страница на овој проект http://crithink.mk. Почеток на спроведување на проектите ќе биде од септември 2018 г. и нивната имплементација не смее да биде подолга од 6 (шест) месеци што значи ќе мора да завршат до крајот февруари 2019 година.

Во однос на обрасците за аплицирање како што се (Формуларот за аплицирање, Буџетот и Временската рамка) тие ќе треба да се пополнат на македонски јазик, при што само еден Формуларот каде треба да се напише краток опис на проектот ќе треба да биде пополнет на англиски јазик.

Важно е да се напомене дека листата воопшто не е ограничувачка, постои можност за поддршка и на други активности, доколку се утврди дека тие се во согласност со целите на проектот:

  1. Продукција на содржини за јавна едукација на интернет и/или за традиционалните медиуми (радио, ТВ, печат)
  2. Промоција на едукативните содржини преку различните видови медиуми;
  3. Поттикнување на јавна дебата за прашања кои влијаат врз медиумската писменост и критичкото мислење;
  4. Ангажирање на граѓаните за зголемување на нивните барања за производство на високо квалитетни медиуми;
  5. Градење на капацитетите на членовите на локалната заедница, вклучувајќи обуки, работилници и предавања;
  6. Онлајн промоција преку кратки видеа, банери и други видови на мултимедијални содржини;
  7. Овозможување на граѓаните да ги користат надлежните државни институции / регулаторни тела, како и саморегулаторните механизми на новинарската професија за решавање на медиумските манипулации;
  8. Стратешка употреба на социјалните медиуми за да се допре до поширока и/или насочена публика, вклучувајќи онлајн реклами;
  9. Воспоставување на соработка и вмрежување помеѓу различни засегнати страни за застапување на медиумската писменост на локално и национално ниво;

Методологијата на програмата за мали грантови е дизајнирана и како процес на учење и надградување на организациите кои ќе ги добијат овие грантови. Одбраните апликанти во текот на целиот процес на имплементација ќе добиваат секаков вид на поддршка од страна на проектниот тим.

Па така на почетокот на секој циклусите на суб-грантирање, проектниот тим најпрво ќе собере дополнителни информации од грантистите за контекстот во рамките на секој регионите, како и за капацитети на организациите и планираните активности во рамките на проектот. На почетокот на нивните проекти на грантисите ќе им биде обезбедена три дневна обука со цел да им се помогне на организациите во спроведувањето на грантови, и што ќе резултира со создавање на детални работни планови од страна на секој од грантистите.

Исто така на грантистите ќе им биде овозможено да учествуваат на три вебинари на кои ќе се отвораат прашања што во тој момент ќе бидат најважни за нив.

Воедно проектниот тим ќе им овозможи на грантистите и менторство поврзано со административното и финансиското работење на проектот. Во периодот што следи ќе се организираат инфо денови односно информативни настани во секој од осумте планските регони:

Скопје, 07 јуни во АВМУ

  • Тетово, 11 јуни
  • Струга, 11 јуни
  • Битола, 12 јуни
  • Велес, 12 јуни
  • Куманово, 13 јуни
  • Штип, 14 јуни
  • Струмица, 14 јуни

Доколку има потреба ќе се организираат и дополнителни инфо денови.

На потенцијалните апликанти ќе им биде овозможено да постават прашање доколку им се потребни дополнителни појаснувања или дополнителни информации за повикот. Прашањата треба да поднесат по е-пошта на адресата contact@crithink.mk најдоцна до 22 јуни 2018 г. до 17 часот, за да може да добијат одговори на време, пред истекот на крајниот рок.

Сите детали за повикот, заинтересираните можат да ги погледнат тука.

Лајв стрим од настанот може да се погледне ТУКА

Сподели: