На 27-28 ноември, во Хотел Холидеј Ин се одржа конференцијата со наслов: „е-Општество: Отворени институции и отчетност“ како завршен настан на четиригодишниот проект ACTION SEE (Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа) финансиран од Европската Унија. Конференцијата вкупно собра над 250 претставници на институции, граѓанското општество, медиумски организации, и поединци од регионот на Западен Балкан.

На свеченото отворање се обратија Роберт Поповски, министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на Фондација отворено општество – Македонија (ФООМ), Никола Бертолини, раководител на секторот за соработка при Делегацијата на Европската унија во Скопје и Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис.

Фотографија: Ванчо Џамбаски

Бертолини истакна дека граѓаните не го добиваат тоа што го бараат и она што во ЕУ е нормално – тука не е, додека пак Каранфилова Пановска побара поголема транспарентност во доделувањето на државни средства кон граѓанските организации, бидејќи како што рече, постои недостаток на транспарентност и отчетност во процесот на донесување на одлуки.

Препораката од панелот „4 години лобирање за отворени институции во регионот” е дека сите држави од регионот треба да обезбедат пристап до информации и не треба да имаат монопол врз нив. Милена Гвозденовиќ од Центарот за демократска транзиција која што е дел од регионалниот проект на ACTION SEE рече дека резултатите покажуваат дека на регионално ниво Парламентите исполнуваат 65 отсто од критериумите на отвореност, потоа извршната власт 49 отсто и локалната самоуправа 36 отсто, судовите 42 отсто.

Фотографија: Ванчо Џамбаски

На една од паралелните сесии беше дискутирана и правната усогласеност на GDPR (Општата регулатива за заштита на личните податоци) и заштитата на личните податоци во релација со примената на Полициската Директива низ искуствата на Република Северна Македонија и Република Србија, процесите и предизвиците во усогласувањето на националното законодавство како и значењето на Офицерот за заштита на личните податоци во рамките на институциите кои ги спроведуваат законите од областа на полицијата и националната безбедност. Говорници на панелот беа Јан Елерман, специјалист за заштита на личните податоци од Европол, Трпе Стојановски, професор на Факултетот за безбедност при Универзитет „Св.Климент Охридски“, Игор Кузевски, експерт за заштита на личните податоци, Драгана Стојковиќ од Канцеларијата за заштита на личните податоци и слободниот пристап до информации од јавен карактер во Република Србија и Виктор Димовски, директор на Агенцијата за национална безбедност, Република Северна Македонија.

На вториот ден од конференцијата беше промовирана Стратегијата за владина транспарентност 2019 – 2021 во чија што изработка учествуваа Фондацијата Метаморфозис и ФООМ.

Притоа Лидија Цветановиќ од Кабинетот на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, рече дека Стратегијата е производ на заедничките напори на Владата и невладиниот скетор што е гаранција за високиот квалитет. Данче Даниловска Бајдевска од ФООМ истакна дека како предизвик остануваат унифицираниот пристап до документи и податочни сетови, како и навременост во објавување на јавните информации.

Фотографија: Ванчо Џамбаски

На панел-дискусијата „Медиумите и доброто владеење – Борба против дезинформации“, на која учестуваа Сеад Џигал од Меѓународниот балкански универзитет, Владимир Петрески, уредник на Вистиномер.мк и Марјан Забрчанец, посебен советник за односи со јавност на премиерот Зоран Заев.

Во своето излагање Забрчанец ексклузивно откри дека пред неколку дена бил разоткриен хибриден напад врз кабинетот на премиерот, при што бил злоупотребен идентитетот на младата еко-активистка, Грета Тунберг.

Фото галерија од настанот има на следниве линкови: прв ден, втор ден.

Сподели: