Денес, во просториите на Домот на невладините организации во Велес, претставници на Фондацијата Метаморфозис ја презентираа програмата за софтверски донации, Techsoup Severna Makedonija, каде што се нуди широк спектар на софтверски продукти за непрофитните организации, кои што можат да се добијат бесплатно или со плаќање на минимална административна такса.
Целта на презентацијата беше на присутните претставници на невладини организации да им се претстави програмата Techsoup, како мост помеѓу НВО-ата и донаторските партнери, кои што со нивните софтверски производи му помагаат на цивилниот сектор во дигиталната трансформација, а притоа да го постигнат нивниот максимален потенцијал со минимални трошоци.
Координаторот на проектот, Валон Абдиу, ја претстави програмата, при што најпрво објасни кои можности се нудат за невладините организации, кои се донаторите во програмата, и кои софтверски производи ги нудат за невладините организации. На претставниците на невладините организации им се презентираше споредба на комерцијалните цени на софтверските производи со административната такса, која би ја платиле доколку го нарачат истиот на сајтот на Techsoup Severna Makedonija.
Потоа, тој објасни како можат НВО-ата да се регистрираат на ова платформа, кои документи им се потребни во процесот на регистрација, како и конечната квалификација по разгледувањето на приложената документација.
Следеше дел каде што практично се покажа како може да се нарачат производи, како се врши плаќањето и на крај како се симнуваат и инсталираат купените производи.
Презентацијата беше интерактивна, при што беа одговорени прашањата поставени од присутните претставници на невладините организации од Велес.
Сподели: