На 30-ти ноември, со почеток од 12:00 часот во Хотел Панорамика во Скопје, ќе започне 17-то издание на интернационалната конференција е-општество.мк на тема „Демократијата во дигиталната ера: предизвици и можности“.

Почетокот на конференцијата ќе биде одбележан со воведни говори, а модератор на настанот ќе биде Бардил Јашари, извршен директор на Фондација Метаморфозис. Пред учесниците ќе се обратат: Џулијан Васало, заменик – шеф на Делегација на ЕУ во Република Северна Македонија; Ерик Јановски, претставник на УСАИД во Република Северна Македонија; Јетон Шаќири, министер за информатичко општество и администрација на Република Северна Македонија и Кристина Манд, виш експерт за е-демократија на Академијата за е-владеење од Естонија. Говорниците ќе ја понудат својата перспектива и проценка на состојбата на демократијата денес и ќе говорат за тоа како технологијата го обликува доброто владеење и граѓанското учество. Оваа сесија, исто така, ќе ги обелодени потенцијалните закани на интернет за граѓанските слободи и права и улогата на граѓанскиот сектор во нивно спречување.

Покрај отворањето на конференцијата, во првиот конференциски ден се предвидени и две сесии на теми: „е-Учество и е-Ангажман: Регионални перспективи – локални акции“ и „Отворени податоци: Кога побарувачката и понудата ќе се сретнат на половина пат“. Со цел промовирање на вредноста на податоците во дигиталната ера, во рамки на конференцијата е-општество.мк ќе се одржи и Хакатон за отворени податоци.

Овогодинешното издание на е-општество.мк ќе трае 4 дена и се состои од 7 сесии, 2 инспиративни говори, 2 обуки и 1 работилница, и главно ќе се разговара за состојбите на демократијата денес, како и за тоа како технологијата ја обликува дефиницијата за добро владеење и граѓанскиот ангажман во денешни услови. Тема на дискусија ќе бидат и предизвиците на дигиталната ера со посебен фокус на дезинформациите и безбедноста на интернет. Активисти, експерти, новинари, државни службеници и поддржувачи од регионот на Западен Балкан и пошироко ќе ги споделат своите ставови и размислувања на тема „Демократијата во дигиталната ера: предизвици и можности“.

‘’Оваа година ставаме фокус на предизвиците кои произлегуваат од практикување на демократија во дигиталната ера но и можностите кои ги нуди дигитализацијата за подигање на ова прашање на повисоко ниво имајќи ги на ум дигиталните права и слободи. Дигиталните иновации радикално го трансформираат демократското одлучување и учеството на граѓаните во општествените промени, и е многу важно сите ние да бидеме во тек со последните технолошки трендови, но и што е многу поважно – да се осигураме дека секој граѓанин (без исклучок) ќе може да биде дел од нив. Од суштинска важност е сите актери да бидат вклучени во овој процес, и затоа на оваа конференција очекуваме да се приклучат претставници од институции, граѓански организации, медиуми, академија, бизнис секторот, експерти и граѓани од Европа и пошироко, за заеднички да продискутираме и да произлеземе со конкретни решенија и идни чекори за акција” истакна Бардил Јашари, извршен директор на Фондација Метаморфозис

Настанот ќе биде во хибриден формат при што првиот и последниот ден од конференцијата (30-ти ноември и 3-ти декември) ќе се одржат во хотел – Панорамика, и дел од учесниците ќе имаат прилика да ги следат сесиите со физичко присуство, а останатите учесници можат да ги следат онлајн преку платформата Зум и директниот пренос на фејсбук страницата на Фондација Метаморфозис.

Агендата за конференцијата е-општество.мк може да ја погледнете тука: Агенда-е-Општество.мк

Сподели: