На влезот на повеќето деловни или службени објекти (супермаркети, продавници, канцеларии итн.), може да забележиме известувања за спроведување видеонадзор, односно знаци од типот „Внимавајте! Овој објект е под видеонадзор“. Може да претпоставиме дека овие натписи се ставени како еден вид закана за сите потенцијални прекршители на правилата на тие деловни објекти (како, на пример, кражби, оштетувања на стоката, допирање на целата стока со цел „инспекција“ на нејзиниот квалитет итн.). Но, сепак системот за видеонадзор нè снима сите нас, кои влегуваме во тие објекти за да завршиме некоја обврска. Што се случува со тие снимки, односно што се случува со нашите лични податоци кога нашиот единствен „престап“ е правење гримаси кон камерите за да видиме како изгледаме на екраните поставени низ супермаркетот?

Законот за заштита на личните податоци (ЗЗЛП) го има опфатено и видеонадзорот, затоа што, преку видеонадзор се врши обработка на нашите лични податоци, во случајов на нашите биометриски податоци.

Вршење видеонадзор, односно поставување систем за видеонадзор во деловни или во службени објекти е дозволено во четири случаи: за заштита на животот или на здравјето на луѓето, за заштита на сопственоста, за заштита на животот и здравјето на вработените поради природата на работата или за обезбедување контрола над влегувањето и излегувањето од службените или од деловните простории само за безбедносни цели.

Субјектот што поставува систем за видеонадзор, најпрво мора да направи анализа на потребата од видеонадзор, како и целите за кои се поставува таков систем и мора да докаже дека најмалку една од гореспоменатите цели е исполнета и дека не постои подобра алтернатива за нивно исполнување (на пример, најмување физичко обезбедување, поставување аларм итн.). Понатаму, субјектот мора да ја уреди оваа анализа во посебен акт, каде што ќе објасни и за кои цели ќе се користат личните податоци собрани преку системот за видеонадзор и да одреди рок во кој ќе се чуваат снимките, кој не може да биде подолг од 30 дена, освен во посебни случаи утврдени со закон. Најпосле, субјектот задолжително мора да истакне известување дека се врши видеонадзор, како и информации за контакт, со цел субјектите на видеонадзор да можат да си ги остварат правата гарантирани според ЗЗЛП.

Сликата е преземена од: Pixabay.com

Имено, во нашиот пример, доколку би сакале да ги избришеме снимките на кои правиме гримаси кон камерите во супермаркетот, најпрво треба да контактираме со офицерот за заштита на личните податоци или со лицето одговорно за системот за видеонадзор и да се информираме за целите на видеонадзорот и за рокот одреден за чување на снимките. Понатаму, може да побараме од одговорното лице да се избришат снимките. Но, во случај субјектот да не постапи по нашето поднесено барање, може да поднесеме барање до Агенцијата за заштита на личните податоци на Република Северна Македонија. Агенцијата го разгледува барањето и, доколку се утврди прекршување на правата во смисла на Законот за заштита на личните податоци, ќе го упати субјектот да постапи по нашето барање односно, во примеров, да ги избрише снимките.

Законот за заштита на личните податоци забранува вршење видеонадзор во гардероби, соблекувални, санитарни јазли и во други слични простории.

Понатаму, вршење видеонадзор, односно поставување систем за видеонадзор може да се врши и за потребите на вршење активности во домот или во едностанбени или повеќестанбени објекти. Во случај на вршење активности во домот, не се применува Законот за заштита на личните податоци, односно не важат истите правила и постапки што ги споменавме погоре, сѐ додека видеонадзорот ја опфаќа само нашата сопственост (на пример, нашиот стан, двор, гаража итн.), но не и јавни површини (на пример, улицата пред нашиот дом) или туѓа сопственост (дворот на соседот).

Во однос на повеќестанбени објекти, за поставување систем за видеонадзор, потребна е согласност од најмалку 70% од станарите (сопствениците, односно закупците на становите). Како и во другите случаи, видеонадзор може да се врши само за целите за кои е поставен системот, односно, доколку со поставување камери во зградата си ја обезбедуваме сопственоста, камерите треба да гледаат кон влезот на нашиот стан, а доколку сакаме да го контролираме влегувањето и излегувањето од зградата заради безбедносни цели и со тоа поставуваме камери во ходникот од зградата, тие мора да бидат свртени кон влезната врата од зградата. Во повеќестанбени објекти, забрането е снимање влезови на индивидуални станови на другите станари во зградата, затоа што тоа не е оправдано со целта за поставување систем за видеонадзор. Исто така, задолжително се известуваат сите станари за започнување на функционирањето на системот за видеонадзор. Доколку сметаме дека соседот не се држи до овие правила, односно законски барања при вршење на видеонадзор, може да испратиме барање до Агенцијата за заштита на личните податоци, исто како што важи и за деловните или службени објекти.

Во модерно време, може да се каже дека сме под видеонадзор од моментот кога го напуштаме нашиот дом. Дали ќе се најдеме на снимките на некој наш сосед, деловни објекти, улични камери, супермаркети или продавници, важно е да знаеме дека сите подложат под одредбите на Законот за заштита на личните податоци, односно никој не смее неосновано и без наше знаење да ги обработува нашите биометриски податоци.

Автор: М-р Никола Димитров

Овој текст е подготвен со поддршка на Европската Унија. Содржините во овој текст се единствена одговорност на партнерите на проектот „Техничка и интегрирана заштита на лични податоци –градење инклузивен дигитален екосистем“ и на авторот и на ниеден начин не ги одразува ставовите на Европската Унија.

Сподели: