Законот за заштитата на личните податоци го дефинира директниот маркетинг како секој вид комуникација остварена на кој било начин според најновите технолошки достигнувања, а со цел испраќање рекламна, маркетиншка или пропагандна содржина насочена директно кон одреден субјект на личните податоци, како и обработка на личните податоци која вклучува и профилирање до оној степен до кој е тоа поврзано со овој вид комуникација. Со други зборови, директниот маркетинг подразбира користење на личните податоци на еден граѓанин (име, презиме, телефонски број, адреса за е-пошта, IP-адреса и сл.) со цел едно лице кое обработува лични податоци да рекламира свој производ или производ на трета страна директно до тоа лице. На пример, испраќање рекламен материјал на е-пошта, при што лицето кое обработува лични податоци му се обраќа директно на друго лице, се смета за директен маркетинг. Од друга страна, кога лицето кое обработува лични податоци остава општ рекламен материјал со најновите понуди во поштенското сандаче на граѓаните, тоа не се смета за директен маркетинг во контекст на Законот за заштитата на личните податоци затоа што лицето кое обработува лични податоци во овој случај не ги користи личните податоци на граѓанинот за да дојде во контакт со него.

Обработката на личните податоци за целите на директниот маркетинг е дозволена според Законот за заштитата на личните податоци, но исклучиво со претходна изречна согласност од страна на лицето чии лични податоци се обработуваат за овие цели. На пример, голем број веб-страници нудат опција да се претплатите на нивниот билтен со цел периодично да ви испраќаат информации за новости и производи кои се наоѓаат на таа веб-страница. Со други зборови, овие веб-страници бараат ваша согласност да ги користат вашите лични податоци со цел периодично да ви испраќаат понуди, односно да вршат директен маркетинг. Во случаи кога лицето дало своја согласност за обработка на личните податоци за цели на директниот маркетинг, истото може во секое време да поднесе приговор до лицето кое обработува лични податоци со цел да ја откаже својата согласност, односно да му наложи на лицето кое обработува да престане со обработката на неговите лични податоци за тие цели. Повеќе за согласноста може да прочитате тука.

 

Image by Pete Detlef from Pixabay

Кога станува збор за личните податоци и директниот маркетинг, мора да се споменат социјалните мрежи. Покрај нивната основна намера и функција – поврзувањето на луѓето од целиот свет, социјалните мрежи, во последно време, прераснаа во складишта на лични податоци кои потоа се користат исклучиво за директен маркетинг. Имено, секоја социјална мрежа, како што се Фејсбук, Инстаграм, Твитер и други, бара некои основни лични податоци со цел да се овозможи пристап до истата (претставено како „креирање профил“ на социјалната мрежа). Понатаму, тие нудат најразлични опции за дополнување на профилот на корисникот со цел да се добијат уште повеќе лични податоци. Најпосле, тие користат сложени алгоритми и функции со цел прибирање информации за однесувањето на корисникот, неговите интереси, начинот на користење на социјалните мрежи и сл. Овие „пакети“ на лични податоци се доста примамливи за употреба за целите на директниот маркетинг затоа што тие претставуваат многу прецизно профилирање на корисниците за нивно понатамошно претворање во потрошувачи. Директниот маркетинг е, впрочем, и најголем извор на финансии на социјалните мрежи. Од друга страна, согласноста потребна за вршење директен маркетинг од страна на социјалните мрежи (или трети страни поврзани со социјалните мрежи) е често добиена со условување на корисниците дека без таа согласност тие нема да добијат пристап до социјалната мрежа. Корисниците, исто така, често и несвесно даваат согласност за многу од начините на кои социјалните мрежи собираат податоци. На пример, во минатото „се креваше врева“ поради барањето на поединечни социјални мрежи за пристап до камерата или микрофонот на уредот на корисникот – опција која е сега стандардна кај сите социјални мрежи и се користи како лесен начин за споделување слики или видеа на мрежите.

Поради зачестените напади и протекувања на лични податоци кои биле прибрани од страна на социјалните мрежи, како и нивните сè понаметливи начини на собирање лични податоци, заради заштита на корисниците е потребна зголемена внимателност, како и информирање за целите за кои се бара согласноста на корисниците. Понатаму, корисниците треба да внимаваат што и во колкава мера споделуваат на социјалните мрежи за да не биде тоа злоупотребено од трета страна.

Од друга страна, ако веб-страницата од гореспоменатиот пример ги користи личните податоци прибрани со дадена согласност за директен маркетинг од страна на лицето, ќе се смета дека лицето кое обработува лични податоци сторило прекршок. На пример, ако лицето кое обработува лични податоци, со согласност на лицето кое сака да добива периодични новости од веб-страницата, го прибрало и го обработува неговиот ден на раѓање за целите на директниот маркетинг и потоа го користи тој личен податок за да му честита роденден на лицето, ќе се смета дека целите за кои е добиена согласност се надминати.

Законот за заштитата на личните податоци ја дозволува обработката на личните податоци за целите на директниот маркетинг под услов за тоа да е добиена согласност од страна на граѓанинот. Со самото тоа што директниот маркетинг игра сè поголема улога во секојдневниот живот, граѓаните мора да се внимателни во однос на тоа каде и во колкав обем ја даваат својата согласност за обработка на нивните лични податоци, а со цел да се избегнат понатамошни несакани дејствија или злоупотреби на податоците.

Автор: М-р Никола Димитров

Овој текст е подготвен со поддршка на Европската Унија. Содржините во овој текст се единствена одговорност на партнерите на проектот „Техничка и интегрирана заштита на лични податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“ и на авторот и на ниеден начин не ги одразуваaт ставовите на Европската Унија.

Сподели: