Во рамки на проектот ACTION SEE – Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа, кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество, „Метаморфозис“, заедно со други партнери од регионот, од денеска почнува вториот бран на мерења преку индикатори на отвореност, отчетност и транспарентност на владите и државните институции во шест земји од регионот.

Овие денови беа испратени прашалници до повеќе судови, Управен суд, Судскиот совет на РМ, Врховен суд на РМ, Јавното обвинителство, министерства, Влада на РМ, Биро за јавни набавки, како и до низа извршни агенции и органи во состав, со цел мониторирање на отвореноста и отчетноста на институциите. Прашалниците се еднообразни за сите држави во регионот, со што методолошки ќе се постигне споредбено мерење во регионални рамки.

Индексот на Отвореност е композитен показател, којшто го определува степенот на отвореност на владите од Западен Балкан кон граѓаните и општеството и е создаден со цел да дефинира до кој степен граѓаните од Западен Балкан добиваат погодни и разбирливи информации од институциите.

За да се измери степенот на институционалната отвореност, партнерите од ACTION SEE, следејќи ги меѓународните стандарди, препораки, како и примери на добри практики, ги оценуваат институциите според посебни квантитативни и квалитативни показатели, како на пример: пристап до информации на официјалните веб-страници на институциите, квалитетот на правната рамка за одделни прашања, други извори на информирање на јавноста, објавени податоци за работењето на институцијата, јавните набавки, информации за трошењето на јавни пари, итн.

Врз основа на првиот бран мерења кои се спроведоа во текот на 2016 година, во рамки на проектот се изработи и публикацијата „Сеопфатен план за добро владеење“, во која, покрај главните заклучоци за отвореноста на одделните институции, се содржани и конкретни препораки и чекори за подобрување на отвореноста на истите.

Анализата на отвореноста на локалната самоуправа во Македонија и регионот, која е достапна за преземање на веб-страницата на Фондацијата Метаморфозис, покажа дека општините во Република Македонија исполнуваат 34% од индексот на отвореност.

 

Snap27

Отвореноста на Јавното обвинителство е 51%, додека судовите во Република Македонија исполнуваат 52% од индикаторите за отвореност. Судскиот совет е незначително подобар и исполнува 58% од индикаторите за отвореност.

Крајната цел на проектот е зголемување на вклученоста на граѓанското општество и медиумските организации во креирањето на јавното мислење, креирањето политики и учество во механизмите за донесување одлуки, како и зголемување на капацитетите на граѓанското општество да адресира чувствителни прашања.

 

 

Проектот Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа – ACTION SEE е финансиран од Европската Унија, а е спроведуван од Фондацијата Метаморфозис, Вестминстер Фондација за Демократија, CRTA – Центар за истражување, транспарентност и отчетност, Здружение на граѓани Why not?, Центар за демократска транзиција, Open Data Kosovo (ODK) и Levizja Mjaft!.

Сподели: