Денес, 25.11.2020 година се одржа првиот дел од конференцијата „е-Society.mk – Вклученост и ефективност – доброто владеење и интернетот “ во организација на Фондација Метаморфозис.

Конференцијата ја отворија г.Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис, г. Јетон Шаќири, министер за информатичко општество и администрација, г. Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, г-а Кристина Реинслау, програмска директорка за е-демократија во e-Governance Academy од Естонија и Крис Ворман, виш директор за здружување и вклучување на заедниците од Techsoup Global.

„Никој од нас не сака Е-општество кое ни е наметнато, поради било какви несреќни околности, како што е ковид-19. Сакаме Е-општество каде што онлајн работата, учењето и забавата е наш избор, каде што ќе се чувствуваме безбедни, знаеме компетентно да ја користиме технологијата, за да бидеме поефикасни во нашата работа и таа дигитална трансформација што сите ја доживуваме да се обликува според нашите приоритети и потреби. Колку ќе биде успешна дигиталната трансформација и колку ќе придонесе за нашето поквалитетно живеење зависи од тоа колку ќе бидеме активно вклучени во создавањето на простор односно средина која вклучува техничка инфраструктура, но институционална и законска рамка која ќе придонесе вистински технологијата да се користи за добро“, изјави Бардил Јашари, извршен директор на Фондација Метаморфозис.

Министерот за информатичко општество и администрација, г. Јетон Шаќири во своето излагање истакна дека Владата во наредниот период ќе работи на намалување на дигиталниот јаз. Шаќири посочи дека според истражувањето и проекциите на ЕУ, во 2020 година дури 90 проценти од работните места ќе бараат одредено нивно ниво на дигитални вештини. Тој потенцираше дека ќе работат на унапредување на дигиталните вештини на целокупното население.

Кристина Реинслау, програмска директорка за е-Демократија во E-governance Academy, Естонија во своето денешно излагање на конференцијата го претстави позитивниот пример на Естонија за брзата и успешна дигитална трансформација на општеството и вклучувањето на заедниците во неа. Во случајот со Естонија, ова било можно како резултат на прогресивната влада, проактивниот ИТ-сектор, но и самото општество. Притоа, важно било партнерството креирано меѓу владата и граѓанските организации, кое резултирало до носење паметни решенија.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во РСМ, Дејвид Гир во своето обраќање на конференцијата изјави дека за да има придобивки од дигиталната револуција, треба многу работи да си бидат на место. Треба да имаме инфраструктура и повторно инвестициониот план да е нацртан за да се помогне развојот на ваквата инфраструктура. Исто така, треба да има регулаторна рамка што ќе направи за да бидеме сигурни дека ова е едно фер-поле за игра, изјави Гир. Тој воедно истакна и дека еден начин каде што ЕУ помага на Северна Македонија е поддршката за е-услугите за компаниите и за граѓаните. Сега граѓаните можат да добијат податоци онлајн, наместо да чекаат во редици.

Крис Ворман, виш директор за здружување и вклучување на заедници од Techsoup Global посочи дека треба да ја користиме основната структура која што е на располагање за дигитализација на општеството. Таа основна инфраструктура за дигитализација има неколку компоненти, при што ако една од нив се одземе, може целата да се распадне.

„Првата е поврзаност, дали луѓето имаат интернет. Втората е алатки, дали луѓето имаат алатки за користење на Интернетот, третата е дали имаат вештини за користење на интернетот, четвртата се политиките, дали има доволно политики што ќе се грижат дека граѓанското општество ќе може да го користи Интернетот безбедно и последното е дали имаме заедници за учење, односно места каде што луѓето можат да се развиваат и да учат како што се менува технологијата.“, појасни Ворман.

Повеќе детали за секоја сесија одделно можете да најдете на www.meta.mk и www.portalb.mk

Вториот дел од конференцијата „е-Society.mk – Вклученост и ефективност – доброто владеење и интернетот“ ќе се доржи утре, 26.11.2020 година. Агендата за настанот може да ја погледнете на следниов линк: https://e-society.mk/wp-content/uploads/2020/11/Agenda-e-Society-2020_3.pdf.

 

Конференцијата е-Општество е организирана од Фондација Метаморфозис преку проектите “Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА” и “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност” со финансиска поддршка од Европската Унија. Ставовите искажани за време на конференцијата во ниту еден случај не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“ го спроведува Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово). Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.

Сподели: