На 24 февруари 2021 година, тимот на АГТИС заедно со претставници на Фондација Метаморфозис, граѓански организации и претставници на општините Прилеп и Долнени реализираа онлајн работилница за вмрежување.

Цели на настанот се поттикнување и обезбедување на соработка, споделување знаење, искуства и градење стратешки партнерства за подобрување на е-услугите.

Работилницата е дел од проектот „Е-услуга како самопослугa“ кој го спроведува АГТИС во рамките на проектот финансиран од Европската Унија „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА”, спроведуван од Фондацијата Метаморфозис и партнерите.

Претставникот на Фондација Метаморфозис, Мила Јосифовска Даниловска го претстави проектот ИЦЕДА и значењето на Дигиталната агенда на нашите простори.

Дигитална агенда за Западен Балкан:

Дигиталната агенда е иницијатива развиена од Европската Унија, која исто така е проширена и усвоена за 6 држави од Западен Балкан. Таа има за цел да обезбеди граѓаните во регионот целосно да ги искористат придобивките од дигиталната трансформација. Посветеноста кон Дигиталната агенда ќе обезбеди граѓаните да имаат вештини за да одговараат на барањата на новата економија и ќе помогне да се модернизираат јавните администрации, да се зајакне компјутерската безбедност, да се зголеми поврзаноста, како и да се подобри деловната клима.

Што значи тоа за граѓаните?

Со имплементација на Дигиталната агенда, граѓаните ќе ги развиваат своите вештини за користење на повеќе владини услуги достапни на Интернет, без да бидат загрижени за нивната приватност. Покрај тоа, со дигитализирање на услугите, граѓаните ќе можат повеќе да се поврзат и да ја подобрат климата за деловните активности што во моментот се случуваат преку бирократски процедури.

Која е улогата на ИЦЕДА во сето ова?

Во јавноста нема големо знаење и многу информации за Дигиталната агенда на Европската Унија и токму затоа проектот ИЦЕДА има за цел да го зголеми учеството на граѓанските организации (ГО) во промовирање, обликување и спроведување на Дигиталната агенда во Западен Балкан.

Како такви, партнерите кои ќе го спроведуваат проектот во текот на три години ќе работат на зголемување на капацитетите на ГО и на медиумите за справување со предизвиците поврзани со Дигиталната агенда, како и за промовирање на Дигиталната агенда на национално и локално ниво. Покрај тоа, во моментов во регионот на Западен Балкан, постојат многу дигитални услуги на јавните институции достапни за граѓаните. Некои од овие услуги се следниве: декларирање даноци, плаќање преку Интернет за комунални услуги, регистрирање на нов бизнис и др. ИЦЕДА ќе ја зголеми употребата на е-услугите преку промоција и придонес во решавање на проблеми што ја спречуваат нивната поширока употреба, како и ќе се залага за воведување на нови квалитетни услуги од властите на сите нивоа.

Координаторот на проектот Благица Цветкоска од АГТИС го промовираше локалниот центар за поддршка на владата за е-услуги кој ќе функционира во склоп на АГТИС.

Граѓаните ќе можат да се информираат и да добиват совети како подобро и поедноставно до саканата е-услуга, тоа ќе можат да го остваруваат:

Физички – во канцеларијата на АГТИС,
Tелефонски – 048 432 432,
Oнлајн преку меил e-uslugi@agtis.org.mk и на веб страната www.agtis.org.mk,
Теренски – преку мобилен инфо центар и обучени теренски информатори.

Кординаторот Благица Цветкоска исто така го презентираше и националниот портал ww.uslugi.gov.mk и постапката како да се регистрира корисник.

Претставникот од општина Прилеп, Александар Салатоски кој ја менаџира веб страницата на општината и е одговорно лице за односи со јавност во општината ги претстави е-услугите кои ги испорачува општина Прилеп, нивото на дигитализација на истите – односно, дали услугата е целосно комплетна – од процес на нејзино поднесување, процесирање, и добивање на услугата.

„Нашиот систем функционира со тоа што во менито е-услуги постојат документи коишто граѓаните можат да ги симнат и да ги испечатат или електронски да ги пополнат. Сега засега, нашата работа е исклучиво шалтерски, поднесување преку е-маил не е дозволено. Најмногу документи има од Урбанизам. Секое барање е сработено во Ворд документи и на него стои уплатна сметка за соодветна такса која треба да се плати и каде треба да се достави барањето.

Една од услугите која е целосно електронска е системот „Пријави проблем“. Во моментов, заради технички проблем, истиот не функционира, но работат веќе на решавање на проблемот и следната недела се очекува да профункционира новиот систем.

Втор исто така потполно електронски систем е системот за проверка на Е-даноци. Исто така, ГИС порталот е еден од поновите проекти со којшто граѓаните можат да се запознаат со катастарски парцели, ДУП итн“ – вели Салатоски.

Како што кажува тој, искористувањето на е-услугите од граѓаните е на многу ниско ниво. Според статистиката и Гугл аналитиката на веб-страницата од општината, бројот на кликови на е-услуги е помалку од 1 % (односно 0.89%) од вкупните кликови. Друг проблем кој што го лоцира е недостатокот од кадар кој би имал задолженија единствено за објавување на отворени податоци, менаџирање на веб страната и промоција на е-услуги.

Идните напори за подобрување на е-услугите кои ги дава општината веќе се прават. Салатоски информира дека општината е дел од проект за електронско наплаќање. Исто така, општината аплицирала до МИОА за да биде пилот општина за систем за менаџирање на документи и се надеваат дека општината ќе биде дел од првите општини кои би го користеле системот.

На работилницата беше присутна и претставничката на Општина Долнени, Ајше Муаремоска Топалоска, советник од одделението за образование.

Општина Долнени нуди е-услуги од областа Урбанизам. Меѓутоа, граѓаните не ги користат електронските услуги.

„Најчесто доаѓаат во општината и тука ги поднесуваат барањата, бидејќи сметаат дека така им е најлесно, се плашат да не згрешат нешто, да не немаат некои документи. Можеби најголемиот проблем тука е недовербата и неинформираноста на населението. Треба да се поработи на терен со граѓаните, да им се објаснат како одат работите, да се едуцираат за е-услугите“ – порачува Топалоска.

Во однос на кадарот кој работи во оваа област, општина Долнени нема назначено лице.

„Во општина Долнени, нема лице кое е ангажирано или задолжено за овие работи со објавување на веб страната. Колегата од урбанизам го прави тоа на добра волја, но како што веќе знаете, ние сме рурална општина која цело време е во гужва во секторот урбанизам, и неговите можности за да го менаџира сето тоа се ограничени“ – вели Топалоска.

Добрата волја за соработка со невладиниот сектор кој би можел да излезе во пресрет на општините со обезбедување на обуки за подобрување на е-услугите како и со стручен кадар кој би станал дел од општините за да се работи заедно за подобри и поефективни услуги, постои. Учесниците се согласија дека дигитализацијата е приоритет којшто со пандемијата забрзано треба да се одвива, да се направи адаптација на постоечките системи, со нови, подобри и модерни, да се направи напор помеѓу администрацијата за да се направи дигитална трансформација со цел да се понудат подобри услуги за граѓаните.

 

Проектот „Е-услуга како самопослуга” го спроведува АГТИС во рамките на проектот финансиран од Европската Унија „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА”, спроведуван од Фондацијата Метаморфозис и партнерите.

 

Забелешка: Текстот и сликите се целосно превземени од веб-страницата на АГТИС кои ја носат целосната одговорност за нивната содржина, со нивна писмена дозвола. За оргиналниот текст, кликнете тука.

Сподели: