Фото: Мета.мк

Сме читале книги и филмови од научната фантастика во која вештачката интелигенција ја надминува човечката или успева да го потчини човекот, но во реалноста дигиталните асистенти базирани на конверзациската вештачка интелигенција може да бидат од полза за натамошен развој на компетитивните општества. Некои креативни професии би можеле да бидат загрозени од ChatGPT во иднина, но и пред три децении постоеле одредени професии кои денес не постојат како последица на технолошкиот развој, затоа пак секојдневно се креираат нови. Ова беа само дел од заклучоците кои се развија на вечерашната дебата за млади „Има ли разбирачка со чет-ботови?“, што се одржа во „Јавна соба“ во Скопје.

На прашањето „Има ли разбирачка со чет-ботови?“, најпрво говореше Тамара Димитрова истражувач и ко-основач на едукативниот центар Scamper.

„Кога ќе се споменат роботи и чет-ботови, добиваме перцепција дека се многу блиску до нашите капацитети и можности како луѓе“, рече Тамара Димитрова.

Сепак, појасни Тамара, иако книгите и филмовите од научна фантастика го прикажуваат ова, во суштина сè уште сме далеку од надминување на човечката од страна на вештачката интелигенција. Таа спомена дека AI (Artificial Intelligence) е многу широка област и е најширока во компјутерските науки, односно вештачката интелигенција е прилично широко поле, а чет-ботовите се само еден мал дел којшто зема многу голем замав.

Во моментот кога една вештачка интелигенција ќе стане свесна, а и ова е исто така голем филозофски момент и прашање на филозофска дебата, ќе создаде вештачка интелигенција која ќе биде помоќна од неа сè додека не се достигне точка на сингуларност. Кога би се достигнало тоа, тогаш AI ќе биде помоќна од човечката интелигенција и тогаш се поставува прашањето дали може вештачката интелигенција да нè надмине.

Прашање е каде ќе бидат поставени лимитите. Тамара Димитрова додава дека од денешна перспектива можеме да зборуваме за два периода – пред и после појавувањето на OpenAI. Таа прави дистинкција помеѓу чет-ботовите и Chat GPT, бидејќи периодот по појавувањето на OpenAI можеме да добиеме одговори на комплексни прашања, ChatGPT да пишува есеи, па и да анализира текст. Претходно, чет-ботовите се користеа за да одговараат често поставувани прашања, да даваат базични информации за различни компании на веб-страници или за временски прогнози.

Сепак, Тамара Димитрова посочи дека и по појавата на OpenAI, дигиталниот асистент базиран на конверзациската вештачка интелигенција не може да одговара прашања со емпатија и емоционална интелигенција, да дава информации и совети во насока на финансиите и правото, самостојно да дава медицински дијагнози или да разбере од контекст сарказам, иронија и хумор.

Од ваквата експлозија на технологија, вели Тамара Димитрова, се појавуваат неколку етички дилеми. Најпрво, различни сензитивни информации се даваат на Интернет од различни луѓе, кои можат да бидат искористени на несоодветен начин. Вториот проблем е приватноста, но и пристрасноста. Одговорноста и транспарентноста се уште две други прашања, заедно со проблемот на зависноста од чет-ботовите, кои ако премногу се користат за добивање на интеракции и знаење, може да ги насочат луѓето да бидат уште позатворени. Уште едно важно прашање е и безбедноста на интернет.

Приказната за чет-ботовите почнува во далечната 1966 година

Како надоврзување, во дебатата се вклучи и Нино Карас – извршен директор и ко основач на CodeWell Group и CodeWell AI. Тој посочи дека како компанија од 2015-2016 година работат на полето на конверзациската вештачка интелигенција, додека од 2018 година е направена платформата CodeWell AI.

Карас во својот говор се наврати наназад за историјата на чет-ботовите, посочувајќи дека приказната за нив започнала уште во 1966 година на МИТ универзитетот во Бостон (САД) каде професор креирал чет-бот што имал за цел да игра улога на психотерапевт. Како симплифицирана форма на препознавање на клучни зборови, тој ги потпрашувал соговорниците на некакви прашања и успеал уште тогаш да измами многу луѓе кои мислеле дека од другата страна се наоѓа реален психотерапевт.

„Развојот на компјутерските системи доведе до 2014-2015 година да се развијат чет-ботовите, кои се експертски системи кои следат некакви предефинирани сценарија на разговор коишто некој претходно ги определил. Тие се многу поедноставни системи од ChatGPT. Тоа се експертски системи кои следат дрво на конверзација и предефинирани одговори“, вели Нино Карас.

Со текот на времето, се креираше многу понапредна конверзациска вештачка интелигенција (Conversational AI). Оваа вештачка интелигенција претставува интерфејс којшто е всушност наредниот чекор на дигитализацијата на институциите. Овој чекор почнува со персоналните компјутери, потоа во 80-тите години на минатиот век се развиваат IVR системите кои ги менуваат контакт-центрите на многу компании, во 1999 година доаѓа воведувањето на веб-апликациите, во 2012 година мобилните апликации, за денес да дојдеме до конверзациската вештачка интелигенција.

„Има важна дистинкција меѓу чет-ботови и конверзациска вештачка интелигенција“, вели Нино Карас. Како што додава тој, чет-ботовите се постара генерација на асистенти кои функционираат врз предефинирани правила. Може сами да цртате некакви сценарија или да внесувате клучни зборови или фрази кои чет-ботот треба да ги препознае, но на крајот се добиваат лимитирани одговори и тие често одговараат: „извини, не те разбирам“, „извини, јас сум робот“.

Меѓу чет-ботовите, Карас го издвои примерот на DoNotPay, кој како своевиден адвокат им помогнал на огромен број корисници во САД да добијат рефундација на казните за паркинг и успеал да рефундира неколку милиони долари од напишаните казни.

За разлика од чет-ботовите, Карас потенцираше дека ChatGPT е поразличен, бидејќи тој е напреден дигитален асистент со отворено доменско знаење, односно можете да ги прашате било што, за разлика од оние со затворено доменско знаење, кои имаат лимитирано знаење само за продуктите и услугите на одредена компанија.

„Тој може да дава објаснување на многу напредни теми, да решава математички проблеми, може да пишува код, да пишува музика во било кој жанр, да пишува блогови, есеи и може да зборувате на било која тема со него. Chat GPT постигна 1 милион корисници за само пет дена и неговиот потенцијал е огромен“, вели Нино Карас.

Досега, ChatGPT успеал да помине МБА испит на Универзитетот Вортон во Пенсилванија, најголемите извршни директори го користат за враќање на мејлови во нивно име, но и многу луѓе почнаа да паничат дека ќе ја загубат работата, како што се копирајтерите, луѓе што работат новинарство или пишуваат креативни содржини.

Карас со публиката го сподели искуството со создавањето на Славчо од А1 Македонија, како прв дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција кој разбира и зборува македонски јазик. Од продажба на телефони и услуги, преку давање информации на корисници слични на оние што ќе ги добиете од контакт-центарот, Славчо денес опслужува околу 40.000 корисници на месечно ниво.

„Нема многу чет-ботови кај нас и чест ми е што почнуваме да работиме и во јавниот сектор. Наскоро ќе се лансира дигитален асистент АДА, кој ќе ја автоматизира комуникацијата во четири државни институции“, изјави Нино Карас.

Фото: Фондација Метаморфозис

Во ЕУ, вештачката интелегенција не смее да ја наруши приватноста

Со свој говор на дебатата се вклучи и Маријана Јанческа – специјалист за отвореност и учество во Фондацијата Метаморфозис. Таа посочи дека постојат обврзувачки и необврзувачки документи кои го регулираат прашањето на вештачката интелигенција, а она што е важно во моментов и е во процес на донесување е првата европска регулатива за вештачка интелигенција, која ќе биде обврзувачка за сите вештачки интелигенции коишто се користат од жителите на земјите-членки на ЕУ.

Јанческа спомена дека е важен и членот 22 од GDPR (General Data Protection Regulation). Од аспект на чет-ботовите, таа спомена дека ние може да разговараме со нив, но начинот на кој правниот субјект ја има вештачката интелигенција, начинот на кој тој раководи со информациите што ние ќе ги споделиме, не смее да ја наруши нашата приватност, односно ние треба да бидеме заштитени со нив.

Маријана Јанческа додаде дека во рамките на европската регулатива, вештачка интелигенција е поделена во повеќе класи, и тоа: АИ кои имаат голем ризик да бидат злоупотребени, АИ кои однапред се знае дека не смеат да се употребуваат и оние АИ со мал ризик.

Таа наведе неколку примери каде не може да се користи вештачката интелигенција. На пример, банките не смеат да ја користат при обработка на клиенти кои поднеле барање за земање кредит во банка.

„Полицијата не смее да користи АИ за да ве профилира како потенцијален сторител на некакво кривично дело во иднина“, посочува Јанческа.

Од друга страна, вештачката интелигенција може да се користи во процесот на вработување и во процесот на давање медицински дијагнози.

Маријана Јанческа додаде дека Фондацијата Метаморфозис во моментов е дел од работната група за Стратегијата за вештачка интелигенција, која се изработува. Во земјава немаме институции за изработка на вештачка интелигенција, иако има вакви институти во Албанија и Србија.

Во својот говор, таа истакна дека европската регулатива за вештачка интелигенција се работела неколку години, треба да помине низ неколку комисии и Советот на министри, а подоцна ќе има период на адаптација од две години.

„Сепак, две години се многу долг период за технолошките иновации. Од ноември до сега, се случија милион практични употреби на ChatGPT. Технологијата ќе се развива на одредено ниво на коешто правото нема да може да ја следи“, вели Маријана Јанческа, дополнувајќи дека можностите на технологијата се толку големи, што законодавецот не може да ги исцрпи сите сценарија за сето она што технологијата може да го донесе.

Сепак, Тамара Димитрова како одговор на едно од прашањата на публиката додаде дека во некои држави дигиталните асистенти базирани на конверзациската вештачка интелигенција во областа засега се тргнати од листата за користење, односно ChatGPT не може да се користи поради тоа што има премногу различни правни регулации во различни земји.

Нино Карас додаде дека ChatGPT не е поврзан со интернет и не може да знае податоци во реално време. На пример, не може да знае колкава е цената на акциите на Кока-кола во моментов и не може да даде совет дали да купиш акции. И прашањето за економијата е кој ќе биде крив ако ChatGPT даде погрешен совет.

„Во брзо време нема да биде замена за луѓе. Ќе имаме промени во многу професии. Ќе ги измени креативните професии, не би ме чудело да видиме АИ композитори на музика“, одговори Нино Карас на едно од прашањата од младите во публиката.

Инаку, вечерашната дебата „Има ли разбирачка со чет-ботови?“ беше организирана од Фондацијата Метаморфозис во синергија со проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA“ кој е кофинансиран од Европската Унија, и проектот „Веродостојни вести за оспособена младина“ финансиран од Британската амбасада во Скопје.

Сподели: