Фото: Фисник Џелили/Порталб

Дигитализацијата на јавните услуги е современиот предизвик со кој се соочуваат земјите од Западен Балкан. Таа ретставува длабок процес за сите земји, којшто сепак не е невозможен, бидејќи земјите сега веќе напредуваат во оваа насока, некои помалку, а некои повеќе. Доволна е политичка волја, учење од позитивните практики на другите земји и истрајност на институциите со цел земјите да се движат побрзо кон дигитализација.

Ова беа заклучоците на претставниците на владите на земјите од Западен Балкан, на регионалниот дијалог за Дигиталната агенда во Тирана, со фокус на предизвиците, капацитетите, подготвеноста на институциите за онлајн услуги, организиран од Фондацијата Метаморфозис во соработка со движењето „Мјафт“ (Доста е) од Албанија, во рамки на проектот Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA, пишува Порталб.мк.

Албанија во моментов го води овој процес во регионот, со дигитализирани 95 отсто од јавните услуги.

Алдо Меркочи од граѓанското движење „Мјафт“ (Доста е) од Албанија истакна дека пандемијата на ковид-19“ беше главниот двигател на процесот на дигитализација, а потоа е политичката волја ова да се сфати како обврска, бидејќи истата не е лесна политика за спроведување.

„Дигитализацијата сега веќе не е нешто од иднината, туку од сегашноста. Со сајбер нападите влегуваме во нов дипломатски свет“, рече Меркочи.

Пред да се пристапи кон дигитализацијата за Северна Македонија, е добро процесот да биде добро формулиран. Ако процесот е хаотичен, тоа значи дека дигитализираме хаос. Фокусот на земјата треба да бидат помалку, но поважни и пософистицирани услуги, рече на конференцијата министерот за информатичко општество и администрација на Северна Македонија, Адмирим Алити.

„Во Северна Македонија, за среќа, пред неколку години јавните услуги почнавме да ги дигитализираме со средства од ИПА, потоа МИОА го продолжи процесот и сега сме во овој момент кога анализираме што сме дигитализирале и што треба понатаму да дигитализираме“, рече Алити.

Тој нагласи дека во текот на овие седум месеци, колку што е на чело на министерството, направиле некои услуги. Посочи дека повеќето граѓани всушност не знаат дека има услуги кои се достапни по електронски пат. Ова, според него, е резултат на тоа што институциите не смеат да ангажираат маркетинг компании и да ги рекламираат услугите на телевизија.

„Ние ги користиме социјалните мрежи за промоција, но тоа не е доволно, ова е еден од главните проблеми“, истакна Алити.

Осврнувајќи се на напредокот на Албанија, тој нагласи дека нема ингеренции и политичка моќ да направи нешто како Еди Рама во Албанија, бидејќи како што рече „во моментов го немаме овој луксуз во земјата, требаат и други министри”.

„Во Северна Македонија сме на средина на патот, не сме лошо, но не сме таму каде што треба. Работиме да го дигитализираме тоа што ќе им го олеснува животот на граѓаните“, заклучи Алити.

Министерката за стандарди на услугите на Албанија, Милва Икономи, нагласи дека за разлика од РСМ, нивната земја користела јавни средства за маркетинг на електронските јавни услуги, кои се 95 отсто дигитализирани.

Таа порача дека сега е моментот кога владите на сите земји ќе мора да се сменат, бидејќи процесот на дигитализација сега е повеќе од современ.

Примерот на Естонија за тоа како напредува во оваа насока претставува притисок за „нас да се подобриме“, рече Икономи.

Таа појасни дека преку дигитализацијата се води и борба против корупцијата.

„Колку повеќе се дигитализираме, толку повеќе се намалува корупцијата. Државите мора да размислуваат заедно. Како регион треба да создадеме структура против сајбер криминалот за да го заштитиме дигиталниот граѓанин“, рече меѓу другото Икономи.

Куштрим Цаноли, Високиот офицер за планирање на политики од Кабинетот на премиерот на Косово, нагласи дека Косово го започнало процесот што главно беше поттикнат од пандемијата.

„Ја започнавме електронската платформа e-Kosova, при што земавме примери од e-albania, иако одевме побавно. Некои од предизвиците се правната рамка која е разновидна и расфрлана и која не зборува согласно принципите на Европската комисија. Други предизвици се back-up (резервните) системи кои треба да се ажурираат“, рече Цаноли, нагласувајќи дека општините стојат послабо во однос на дигитализацијата, но дека се работи во таа насока.

Тој исто така нагласи дека Косово во моментов се соочува со недотсиг на професионални капацитети и недостит на ИТ експерти во јавниот сектор. Но, и покрај овие проблеми, има и успешни приказни во оваа насока.

Граѓаните на Црна Гора се единствените во регионот кои имаат дигитални лични карти од 2020 година.

Црна Гора се соочува со истите предизвици како и земјите од регионот, вели советничката во Министерството за јавна администрација во Црна Гора,- Милица Вучиниќ.

„Напредуваме, но не со брзината што ја очекуваат граѓаните. Предизвик ни се институциите кои не се подготвени да преминат на дигитализација. Без добра инфраструктура не можеме да развиеме добри услуги. Без политичка волја е невозможно да се направи дигитална трансформација“, рече Вучиниќ.

Нинослав Кекиќ од Секретаријатот за јавни политики при Владата на Србија, истакна дека нивната земја не била најбрза во однос на дигитализацијата, но дека тесно соработуваат со граѓаните и бизнисите за тоа какви дигитални услуги сакаат.

„Ја сменивме стратегијата во 2016. Не можеме да овозможиме соодветни електронски услуги без разговори со граѓаните. Мислам дека сме на добар пат за дигитализација, бидејќи на ист начин како и Албанија сме да дигитализираме сé. Наш приоритет се целосно дигитални услуги. Предизвик останува управувањето со промените, рече Кекиќ.

Претставниците на владите истакнаа дека во целиот процес голема улога пред сé играат дигиталните вештини на граѓаните каде што има недостаток и треба да се инвестира.

На вториот панел, во кој граѓанските организации од регионот ангажирани во оваа област ги споделија нивните практики, Мила Јосифовска – Даниловска од Фондацијата Метаморфозис, ја истакна важноста да се фокусираме да му помогнеме на секој граѓанин на локално ниво да користи електронски услуги за своите потреби.

Таа истакна дека преку шемата за мали грантови на иницијативата ИЦЕДА поддржана од Европската комисија, Метаморфозис доделила 15 под-грантови на невладини организации од регионот на Западен Балкан, кои во соработка со институциите создадоа и водат 16 центри за поддршка на е-влада.

„Преку 16 центри за поддршка на е-влада, околу 31.734 граѓани беа обучени и како да ги подобрат своите дигитални вештини и како да користат конкретни јавни електронски услуги од нивен интерес, преку кои станаа посвесни за можностите, но и за заканите што ги носи дигиталната трансформација“, рече Јосифовска – Даниловска.

Таа нагласи дека овие центри треба да бидат препознаени од институциите во земјата и да обезбедат поддршка со цел центрите да продолжат со олеснување на ширењето на дигиталната писменост и за забрзување на прифаќањето на дигиталната трансформација од граѓаните.

Претходно на истата тема, осврнувајќи се на реформите и процесот на Албанија во областа на дигитализацијата, за истото разговараа членовите на граѓански организации.

Заклучокот до кој дојдоа тие е дека дигитализацијата е и сегашноста и иднината, колку побрзо државите ги дигитализираат своите јавни услуги, толку подобро и полесно ќе биде за граѓаните да ги користат, Бидејќи така се намалува и корупцијата. Затоа, важно е државите да ги преземат најдобрите практики една од друга и да ги спроведуваат.

Проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“ го спроведуваат Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академијата за е-Влада (Естонија), Движењето Мјафт! (Доста) (Албанија), Партнери за демократски промени (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Open Data Kosovo (Отворени податоци Косово) (Косово). Проектот се реализира со финансиска поддршка на Европската Унија.

Линк до објавата: Дигиталната трансформација на јавните услуги – предизвик за земјите од Западен Балкан | Meta.mk

Сподели: