Целите и активностите на носителите на одлуки од земјите на Западен Балкан треба да бидат ориентирани кон крајната цел да им биде обезбеден еднаков пристап до услугите за сите нивни граѓани и да бидат што е можно поинклузивни. Ова беше заклучокот од панел дискусијата на тема „Приоритетите во Националните акциски планови за Отвореното владино партнерство на земјите од Западен Балкан (успешни приказни)“, што вчера се одржа во Приштина во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда“ – ИЦЕДА во соработка со партнерот-домаќин Open Data Kosovo – Косово, пишува Порталб.мк.
Учесниците од петте земји од Западен Балкан: Северна Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора и Србија ги споделија искуствата на нивните земји во однос на дигиталната трансформација преку Националните акциски планови (НАП) на Отвореното владино партнерство (ОВП).
Тие пренесоа еден поширок преглед на напорите што се прават во нивните земји за потемелно справување со дигиталната трансформација преку НАП и за тоа како процесот на дигитализација е трансформиран преку НАП.
Кога станува збор за оваа иницијатива, Косово е на почетокот, при што токму вчера Владата на Косово го усвои Националниот акциски план за Отворено владино партнерство, кој ќе почне да се применува во 2023 година.
Куштрим Цаноли, од кабинетот на премиерот на Косово, истакна дека 2023 година ќе биде годината на една дигитална трансформација во оваа насока.
Заложбите на Националниот акциски план се: Дигиталното владеење, Отворените податоци, Граѓанското учество, како и Антикорупцијата.
„Имањето на една силна централна платформа е приоритет за Владата на Косово… Тоа што ние го правиме е инвестирање или интервенирање и во други прашања“, нагласи Цаноли, кој меѓу другото нагласи и дека неодамна е потпишан и еден договор со Франција за помош при дигиталната трансформација.
Што се однесува до дигиталните вештини на граѓаните, тој рече дека ќе се работи сериозно на конкретни работи, нема да има генерализирања од типот дека дигитализацијата е нешто добро, туку ќе се фокусираат на различни теми одделно за да ја зголемат дигиталната свест кај граѓаните.
Истражувачот од Центарот за европски политики – Србија, Милош Павковиќ, истакна дека организацијата во која тој е дел како независен чинител, е дел од соработката на Владата на овој план. Тој потенцираше дека иако во Србија дигитализацијата е приоритет, таа сепак има и свои подеми и падови.
„Она што е важно е Владата да направи кампања и да ги информира граѓаните за да учествуваат“, рече Павковиќ и нагласи дека во одредени случаи проблем е немањето на една база на податоци.
Што се однесува до тековните активности, тој истакна дека Владата мора да покаже вистинска посветеност за исполнување на приоритетите. Тој, меѓу другото, рече и дека точките кои не се реализирани со актуелниот НАП, предвидено е да се реализираат со следниот.
Од друга страна, Лидија Љумовиќ од Дирекцијата за иновации – Црна Гора ги истакна активностите што ги презема нејзината земја во оваа насока и плановите што се очекува да се реализираат во иднина.
Присутните се согласија дека посебен акцент треба да се стави на мотивацијата на граѓаните за да ги користат електронските услуги што земјите ги нудат.
Целта на овие дискусии е размената на знаења помеѓу засегнатите страни (институции и граѓански организации) од Западен Балкан и започнување на еден продуктивен дијалог за подобра работа во врска со проблемите поврзани со дигиталната трансформација преку глобалните иницијативи, како што е Отвореното владино партнерство (ОВП).
Настанот беше отворен за публиката и истиот можете да го проследите на видеото во продолжение:
Што е Отворено владино партнерство (ОВП)?
Како глобална иницијатива, Отвореното владино партнерство (ОВП) е широко партнерство составено од ентитети на национално и локално ниво кои работат заедно за да креираат акциски планови со конкретни чекори – заложби – за широк опсег на прашања. Од 2011 година, идејата на ОВП е дека отворената влада е подостапна, поодговорна и поотчетна кон граѓаните и дека подобрувањето на односите меѓу луѓето и нивната влада има долгорочни, експоненцијални придобивки за секого. Ова партнерство со 78 национални членови составени од сѐ поголем број локални власти и илјадници учесници од граѓанското општество, овозможи заедничко создавање на над 4.000 отворени владини реформи, од кои значителен дел покажаа големо влијание.
Западен Балкан во Отвореното владино партнерство
Меѓу националните членки на оваа иницијатива се и владите на Западен Балкан, имено Албанија (2011), Босна и Херцеговина (2014), Црна Гора (2011), Северна Македонија (2011) и Србија (2012), а Косово е единствената земја која не е дел на овој процес и покрај нивните напори да се приклучи. Косово вчера го усвои Националниот Акциски План (НАП) за Отворено владино партнерство (ОВП).
Дигитализацијата како приоритет во националните акциски планови за Отворено владино партнерство на Западен Балкан
Со помал или поголем фокус, особено за оние планови кои беа развиени за време на почетоците на пандемијата ковид-19, владите на Западен Балкан ги подготвија своите НАП за дигитализација во различни сектори поставени како приоритет.
Целта на овие дискусии е размената на знаења помеѓу засегнатите страни (институции и граѓански организации) од Западен Балкан и започнувањето на еден продуктивен дијалог за подобра работа околу проблемите поврзани со дигиталната трансформација преку глобалните иницијативи, како што е: Отвореното владино партнерство (ОВП).
Инаку, завчера партнерите на проектот на „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“ во соработка со партнерот-домаќин Open Data Kosovo, во рамки на регионалниот дијалог за дигиталната агенда, дискутираа за предизвиците и достигнувањата на тема „Дигиталното владеење во регионот преку Отвореното владино партнерство и други иницијативи”.
Проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA“ се имплементира од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академијата за е-владеење (Естонија), Движењето Мјафт! (Албанија), Партнери за демократски промени (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ОDК – Open Data Kosovo (Косово). Проектот се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија и истиот промовира подобри дигитални услуги во регионот на Западен Балкан.
Линк до оргиналниот текст: Еднаков пристап и инклузивност на граѓаните преку дигитализацијата да биде приоритет за земјите од регионот | Meta.mk
Сподели: