Електронските услуги во РСМ би овозможиле некои документи, кои не треба да постојат, да бидат повлечени од употреба, бидејќи истите ги зголемуваат трошоците на граѓаните и преставуваат губење време при аплицирање и чекање за нивно добивање.
„Идејата за дигитализација на регистрите во институциите е да се укинат некои документи, тие меѓусебно да разменуваат податоци, а ние граѓаните да нема потреба да ги земаме тие податоци како документи. Ако се дигитализираат регистрите за добивање социјална помош или друга помош, кога на една институција и требаат информации и ќе треба да проверат дали сте корисник на помош, таа ќе се обрати до институцијата што ги има овие информации и ќе добие одговор, а на вас документот воопшто нема да ви треба како доказ“ – вели Искра Белчева, од Центарот за управување со промени.
Таа вели дека со ваков чекор, граѓаните дури нема да имаат обврска да извадат низа документи, да потрошат пари и време, а постапката ќе биде скратена и за институциите, нема да има непотребни чекори, нема да бидат вклучени вработените, т.е. ќе се намали ризикот од корупција и злоупотреба.
И универзитетскиот професор Борче Давитковски, смета дека некои документи треба да се отстранат од употреба, односно тие треба да се дигитализираат.
„Ги малтретираат учениците и студентите при запишување барајќи им некој документ, за кој имаат информација. Управата за водење на матичните книги, треба да овозможи граѓаните воопшто да не одат таму, на пример ако некој сака да извади извод на родени, на умрени, венчаница итн., за да не чекаат на шалтерите. Насекаде во светот тие се доставуваат по електронски пат, но кај нас сè е бирократизирано и тие услуги за жал се нудат многу малку“ – вели универзитетскиот професор Давитковски.
Професорот зема пример за изградба на куќа, за која треба да извадите куп документи, од катастарот, од плановите, за водоснабдување, струја, телефон и сè друго. Како што вели професорот, низ целиот свет ова се прави по електронски пат – вие само ја давате адресата и матичниот број и од евиденцијата тие автоматски ќе видат дека вие сте сопственикот, дека можете да градите таму и тоа е едноставно. Кај нас се чека 1 година за добивање дозвола за градба, што може да се направи за 30 дена.
„Кај нас продолжува да постои печат и потпис, додека во светот мултинационални компании склучуваат договори вредни милијарди и нема ниту печат, ниту потпис. Бизнисите одат напред, додека ние сè уште бараме печат и потпис за државјанство, што е лудило, кога всушност нашата лична карта е доказ дека имаме државјанство“ – смета Давитковски.
Недостасува капацитет за ефикасно целосно испорачување на електронски услуги.
„Постојат примери кога граѓаните поднеле барање по електронски пат и побарале документот да им бидат доставен на нивната домашна адреса, платиле за тоа и со месеци не го добиле потребниот документ, од којшто зависи реализацијата на некое нивно право. Или, имаат поднесено барање по електронски пат до канцеларијата на институцијата, а потоа биле испратени да ги подигнат документите на друго место – во некоја подрачна единица на истата институција. Општ впечаток е дека за странките, соработката меѓу државните органи не е видлива, капацитетот на персоналот што работат во тие шалтери не бил на соодветно ниво, иако е разбирливо дека едно службено лице не може да ги знае сите области на општествениот живот, бидејќи проблемите што треба да се решат и услугите што се даваат се од различни видови“ – вели Тинка Китевска од „Фер и професионално“.
Според професорката Ана Павловска-Данева првин, постојат законски бариери во одредени сегменти.
„Првин, постојат законски бариери во одредени сегменти (на пример, сè уште имаме закони кои бараат поднесување на оригинален документ и службите автоматски го толкуваат тоа како физичко решение во хартиена форма, така што таквиот документ во скениран формат честопати не се зема во предвид во административните постапки, дури и кога тие се електронски), сè уште има недостаток на информатичка технологија и опрема во многу јавни институции и конечно имаме недостиг од стручен и обучен кадар. Тешкотијата за правилно функционирање на е-владата, односно обезбедувањето на електронски услуги за граѓаните и бизнисите е недостатокот на целосна интероперабилност помеѓу органите на државната управа, така што тие не можат дури ни електронски да комуницираат меѓусебно и да испраќаат електронски податоци и документи од нивните бази на податоци и регистри, а камоли да комуницираат по електронски пат со сите лица и засегнати страни и на тој начин да изготват решенија, административни акти, вистински акти, документи итн.“ – вели професорката.
Според Павловска-Данева, целата оваа ситуација се компликува од фактот што различни донатори ја нудат својата помош на различни тела и организации без никаков ред или правила во оваа област, без утврдени приоритети итн., така што има преклопување на различни проекти, од самиот почеток или нивно незавршување или во ситуации кога одредени тела никогаш не прифаќаат понуда за помош, додека други имаат два или три проекти (средства и опрема) за исти надлежности, за иста работа од различни донатори.
(продолжува утре: „Аспектите за кои треба да се има многу внимание: Безбедноста и приватноста на електронските услуги во РСМ“)
Оваа истражувачка сторија е изготвена како дел од проектот Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА, ко-финансиран од Европската Унија и спроведуван од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово).
Оваа истражувачка сторија е изготвена со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината од оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на Фондација Метаморфозис и авторот и на ниеден начин не ги одразува ставовите на Европската Унија.
Сподели: