„Потребна е поголема посветеност од сите државни институции за искористување на целосниот потенцијал на е-порталот. Кризата со КОВИД-19 ја докажа важноста на дигитализацијата на јавната администрација и зајакнувањето на обезбедувањето онлајн услуги за граѓаните и бизнисите преку е-порталот“ – беше пораката во Извештајот на Европската комисија објавен на 6 октомври 2020 година, во врска со употребата на националната платформа „Услуги (uslugi.gov.mk)“. Оваа платформа, која во Северна Македонија функционира од 2019 година, им овозможува на граѓаните на едно место да ги добијат сите информации за јавните услуги во електронска форма, но и да аплицираат и да примаат одредени документи. Целта на овој портал е да биде единствената точка на комуникација на граѓаните со администрацијата.
Граѓаните можат да најдат информации на овој портал на повеќе начини, според животните настани, по категорија, подкатегорија, азбука, надлежен орган, но и по алатката за пребарување.
Постојат податоци за лични документи, здравство, транспорт и животна средина, образование и наука, култура, спорт, рекреација, вработување, судски упатства, даноци, пензија, новороденче, брак/развод итн.
Сепак, она што може да се види на овој портал е дека повеќето услуги не се нудат во целост, всушност тие не можат да се добијат на веб-страницата, но истата само ве известува каде да ги најдете.
„Порталот всушност ве упатува повеќе информативно отколку електронски да ја заврши услугата. Порталот ќе ви каже таму можеш да најдеш ова и тоа, но на крајот пак ќе мора да одите сами и да молите од шалтер до шалтер“ – вели за „Порталб.мк“, универзитетскиот професор, Борче Давитковски.
Истото го покажува и анализата на Центарот за управување со промени каде 68 отсто од испитаниците одговориле дека не добиваат целосни услуги од порталот, а 32 отсто одговориле дека ги добиваат во целост.
Во истата анализа, исто така, се истражува и нивото на електронски услуги кои најчесто ги користат граѓаните и истите се оценети со оценки од 0 што е најнегативна оценка, до 5 што е најпозитивна оценка. Сепак, оценката 5, дури ни 4 ниту 3 не успеа да ја добие ниту една од анкетираните услуги, бидејќи истите не ги исполнуваа критериумите и беа оценувани само со оценките 0, 1 и 2.
Искра Белчева-Ристовска, програмски координатор во Центарот за управување со промени вели дека порталот треба да се ажурира и да се унапреди.
„Има простор за подобрување. Откако ќе се обидете да добиете некоја електронска услуга, порталот ќе ве пренасочи на друга веб-страница на надлежната институција, што не е целта на овој портал за услуги. На некои веб-страници каде што ќе бидете пренасочени, можно е да ви се побара да се пререгистрирате, што исто така не е во согласност со бараниот принцип на „единствена најава (single sign-in)“ – што ја намалува ефикасноста на порталот“ – вели Белчева-Ристовска.
Таа очекува да се зголеми бројот на електронски услуги.
„Во 21 век, кога голем дел од нашите животи се одвиваат преку електронски уреди, очекуваме многу услуги да ги добиеме на тој начин. Пандемијата со КОВИД-19 и неопходноста од заштита на здравјето уште повеќе ја зголемува потребата за користење на електронски услуги, односно граѓаните да не одат по шалтери со многу луѓе за да им “дишат во врат” – додава за „Порталб.мк“, Белчева-Ристовска.
Од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) ветуваат дека порталот ќе биде надграден, со тоа што некои од тековните услуги веќе се идентификувани како нефункционални.
„Секоја услуга што не е функционална треба да биде поправена за да се добие услугата, или ќе мора да се отстрани од порталот сè додека не биде целосно функционална. Можам да ветам дека националниот портал за е-услуги ќе биде подобрен како по квалитетот, така и по и квантитетот на услугите. Исто така, би апелирал до граѓаните за каква било услуга што им е потребна, пред да им се обратат на надлежните институции, да проверат дали оваа услуга е веќе на порталот и дали истата може да се добие многу брзо од дома“ – вели Шпетим Љатифи од МИОА.
Покрај услугите на порталот, граѓаните можат да плаќаат сметки за електрична енергија, вода и телефон преку електронски системи. Во РСМ постојат и е-продавници, кои нудат услуги и производи што можат да се добијат по електронски пат.
Граѓаните имаат уреди, но не се информирани за електронските услуги
Според анализата на мисијата на ОБСЕ во Скопје во партнерство со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), која беше објавена во септември 2019 година, повеќето домаќинства во Северна Македонија имаат електронски уреди кои им овозможуваат пристап до интернет (83,4 отсто), а 72 отсто од испитаниците одговориле дека ги користат своите паметни телефони секој ден, или скоро секој ден. Во однос на вештините за информатичка и комуникациска технологија (ИКТ), повеќето испитаници изјавија дека имаат повеќе вештини за комуникација на социјалните мрежи (64,9 отсто). Анализата покажува дека повеќето го користат Фејсбук (79,1 отсто), Јутјуб (65,7 отсто) и Инстаграм (47,7 отсто) и дека ги користат социјалните медиуми за разговор, слушање музика, следење информативни содржини, е-пошта, пребарување за нивната работа или студиите.
Само 6,1 отсто од испитаниците користат е-банкарство секој ден или неколку пати неделно, а 5 отсто објавуваат или споделуваат содржини што сами ги создале.
Според овие податоци, граѓаните на Северна Македонија имаат услови да користат електронски услуги бидејќи имаат опрема со која ќе имаат пристап до истата.
„Изговорите дека граѓаните во нашата земја имаат слаби познавања, недостаток на компјутери и сл., за мене се неиздржани и паушални. Луѓето кои навистина немаат можност ќе добијат одредена државна помош, купони и сл., но повеќето од нашите граѓани имаат мобилни телефони. Тие се доволни за да се постигне одредено ниво на комуникација со јавните служби. Земете го, на пример, плаќањето за паркирање преку телефон. Или, поднесувањето на Годишната даночна пријава до УЈП и електронските решенија за данок. Сè е дигитално и сите граѓани се научија да ги користат овие услуги на УЈП по електронски пат, но и да ги извршуваат своите должности по електронски пат“ – вели универзитетската професорка, Ана Павловска-Данева.
Народниот правобранител Иџет Мемети за „Порталб.мк“ вели дека граѓаните треба да бидат повеќе информирани за услугите што се достапни.
„Граѓаните не се доволно информирани. Треба да има понатамошно промовирање за граѓаните да имаат информации или да знаат како да ги бараат услугите. Граѓаните се соочуваат со проблеми во добивањето услуги бидејќи не можат навремено да добијат доволно информации, иако системот треба да им ги овозможи. Има граѓани кои аплицираат, иако таму пишува дека граѓанинот мора да ја добие документацијата во одреден временски период, тој не ја добива“ – вели Мемети, предупредувајќи дека следната година ќе ги презентираат нивните наоди и забелешки за тоа како треба да се унапредува овој систем.
Истото го наведува и извештајот на проектот „ИЦЕДА“ на „Метаморфозис“, во кој се вели дека недостасува промоција на националниот портал за електронски услуги.
„Нашите наоди покажуваат дека промоцијата на услугата на социјалните мрежи и преку ТВ реклами не е доволна и дека е потребно да има поширока промоција на сите аспекти на дигитализацијата. 75,3 отсто од граѓанските организации не се согласуваат дека граѓаните се доволно свесни за можноста за користење на електронски услуги“ – се вели во извештајот.
Од МИОА предупредуваат дека ќе има кампања преку која ќе се подобрува оптичката инфраструктура, електронските услуги, но и ќе се едуцираат сите генерации.
„Кампањата ќе биде поширока и со повеќе партнери, не само од нашето министерство. Значи, секоја институција што обезбедува електронски услуги на нашиот портал, ќе спроведе кампања за информирање на граѓаните за услугите што ги нудат. Оваа кампања треба да биде надополнета со развој на дигитални вештини на населението, за да се комплетира целата слика. За секоја нова услуга што ќе биде пуштена во употреба, планираме и јавна промоција, со што уште еднаш ќе се информира јавноста за тоа како да се добива услугата. Дигитализацијата на нашето општество ќе се постигне со подобрување на оптичката инфраструктура, електронските услуги и едукацијата на сите генерации, било преку формално образование или неформални обуки за дигитални вештини“ – вели Шпетим Љатифи од МИОА.
(продолжува утре: „Не ни треба државјанство, имаме лична карта“, електронските услуги можат да отстранат од употреба низа документи“)
Оваа истражувачка сторија е изготвена како дел од проектот Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА, ко-финансиран од Европската Унија и спроведуван од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово).
Оваа истражувачка сторија е изготвена со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината од оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на Фондација Метаморфозис и авторот и на ниеден начин не ги одразува ставовите на Европската Унија.
Сподели: