Шеснаесеттото издание на конференцијата е-Општество.мк на тема Вклученост и ефективност – доброто владеење и интернетот се одржа на 25 и 26 ноември 2020 година. За прв пат конференцијата беше организирана на Интернет поради пандемијата со COVID-19. Исто така беше пренесувана во живо на Фејсбук со што се овозможи широко учество на настанот. Ова издание на конференцијата е-Општество имаше за цел да промовира отворена култура во сите сфери на животот и владеењето, поврзувајќи ја со дигитализацијата како својствен елемент на отвореноста. На конференцијата учествуваа вкупно 132 учесници од 18 различни земји, што го збогати меѓународниот карактер на конференцијата.

На почетната сесија беа презентирани неколку инспиративни приказни и препораки кои го одредија тонот на конференцијата и ја поттикнаа дискусијата што следеше и на останатите сесии. Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, ја отвори конференцијата истакнувајќи ја посветеноста на владата кон понатамошна дигитализација, рака под рака со подобрување на дигиталните вештини на широката популација – имајќи предвид дека околу 90% од отворените работни места во 2020 година бараа одреден степен на дигитални вештини. Кристина Реинслау од Академијата за е-Владеење ја истакна потребата веднаш да се започне со работа кон дигитализација, почнувајќи со мали чекори, но јасна визија за целта, давајќи примери од случајот на Естонија што овозможија севкупна дигитализација на земјата. Крис Ворман од Тексуп Европа ја истакна улогата на граѓанското општество кон зајакнување на капацитетите на луѓето и пружање поддршка за активно користење на потребните алатки за одговорно и ефективно учество во дигитализацијата штопостојано се развива. Сепак, како што нагласи Крис, достапноста на интернетот, на софтвер и хардвер сама по себе не е доволна за да се обезбеди целосна дигитализација: процесот треба да биде поддржан со постојан развој на вештини и потребната политика за да се обезбеди безбедност и масовно користење.

Дејвид Гир, шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, ја истакна важноста на дигитализацијата во Европската унија и поддршката што ЕУ ја дава на Северна Македонија за развој на потребната инфраструктура со цел обезбедување безбедна и ефективна дигитализација. Амбасадорот Гир, исто така, го потенцираше ризикот што го носи технологијата, како и масовното ширење на дезинформациите, што бара постојана едукација за дигитална и медиумска писменост.

Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис, кој беше модератор на воведните сесии, истакна дека оваа година, за жал, поради пандемијата, името на конференцијата е-општество станува уште позначајно бидејќи речиси сите аспекти од нашите животи се одвиваат онлајн, како на пример обуки, далечинско учење и друго. Тој потенцираше дека никој од нас не сака е-општество што ќе ни биде наметнато како резултат на несреќни околности, туку сакаме е-општество во кое се чувствуваме пријатно, во кое компетентно и со одговорност ќе ја користиме технологијата и ги повика сите вклучени страни да работат заедно кон забрзување на работата на патот кон дигитализацијата.

Следната сесија се фокусираше на Клучот за добро владеење – отворени процеси и податоци и беше модерирана од Марја Николовска Арсовска, која беше домаќин на панел со истакнати говорници. Руди Борман од ОВП на локално ниво, Кристина Јованова од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Гордана Гапиќ – Димитровска од Министерството за информатичко општество и администрација и Блерина Рамај од Отворени податоци Косово зборуваа за своите искуства, увиди и препораки за тоа зошто и како се спроведуваат отворените процеси и за тоа зошто објавувањето на отворени податоци треба да стане приоритет на јавните институции на централно и на локално ниво. Општиот заклучок од оваа сесија беше дека ангажирањето на граѓаните во донесувањето одлуки е клучно за демократијата и тоа може успешно да се постигне преку поголем пристап до информации, отворени податоци, технологија и партиципативна практика од јавните институции.

На оваа сесија беше споделено мислењето дека јавните институции денес треба континуирано да креираат нови начини за споделување информации со граѓаните, да наоѓаат нови можности за дијалог и да го олеснат пристапот до услугите. Говорниците ги забележаа придобивките од отворањето на податоците од јавниот сектор кои ќе придонесат кон поголема транспарентност и ефикасност на владата, испорака на подобри услуги на граѓаните, поголемо учество на граѓаните и економски пораст. Во врска со ова, беше заклучено дека е многу важно не само да се охрабрат јавните институции да објавуваат отворени податоци, туку и да ги идентификуваат и едуцираат корисниците на овие податоци, така што тие ќе можат да ги користат тие податоци, истовремено формирајќи цели заедници на корисници кои ќе соработуваат врз основа на овие податоци.

На сесијата со наслов Локализација на Дигиталната агенда на Западен Балкан, чиј домаќин беше Мила Јосифовска-Даниловска, се собраа петмина говорници кои ги претставуваа институциите, деловниот сектор и меѓународните организации од земјите од Западен Балкан: Мухедин Нуши и Греза Деда од општина Приштина, Слободан Марковиќ од УНДП Србија, Борис Радовиќ од Деловна интеграција и деловно разузнавање во Црна Гора и Игор Кузевски од Агенцијата за заштита на лични податоци од Северна Македонија.


Погледнете ги видеата од конференцијата:

Прв ден – Почетна сесија –

Прв ден – Клучот за доброто владеење – отворени процеси и податоци

Прв ден – Локализација на Дигиталната Агенда на Западен Балкан

Втор ден – Улогата на истражувачкото новинарство кон доброто владеење

Втор ден – Отворено дигитално образование во Северна Македонија – придобивки од користењето на ИКТ во образовниот процес

Втор ден – Безбедност и приватност – клучни предизвици во дигитализацијата на образованието


Говорниците ја истакнаа важноста на доброто владеење и улогата на дигиталната трансформација во унапредувањето на демократијата и зајакнувањето на капацитетите на граѓаните. Посебен акцент беше даден на добрите практики на е-услугите во регионот, имено дигиталната машина „е-Киоск“ што граѓаните на Приштина ја користат веќе три години за брзо и лесно вадење на пет типа документи, како и „дигиталниот киоск“ – мобилна апликација за плаќање на одредени услуги на брз, лесен и безбеден начин, користена од приближно 20.000 граѓани и туристи во Црна Гора. Општиот заклучок за ефективна и одржлива дигитална трансформација во регионот е потребата од политичка поддршка во земјите и обезбедување на правото на приватност и заштита на личните податоци, кои и денес остануваат како предизвици во регионот.

Вториот ден од конференцијата започна со сесија за Улогата на истражувачкото новинарство кон доброто владеење, која беше модерирана од Горан Ризаов, на чиј панел учествуваа четири говорници: д-р Бил Силкок од Државниот универзитет во Аризона, д-р Никос С. Панагиотоу од Универзитетот Аристотел во Солун, Филип Стојановски од фондацијата Метаморфозис и Филип Нобел од Глобал војсис.

Повторувачки заклучок од сите презентации за време на оваа сесија беше дека публиката ја изгуби довербата во новинарството и за возврат бара алтернативни канали за информирање – што го отвора патот кон манипулација и ширење и консумирање лажни вести. За да ја повратат својата истражувачка улога, новинарите треба да ја обноват довербата на јавноста преку транспарентност, отчетност и нагласување на важноста на етиката во нивната работа. Неодржливиот деловен модел на потпирање на реклами и побарувачката за брзи информации, предизвикува медиумите да претрпат драстични промени што влијаат на односот што тие го градат со својата публика. За возврат, медиумите треба да најдат иновативни начини за да потенцираат дека улогата на новинарството не е само да се биде прв во објавувањето на некоја вест, туку таа вест треба да биде точна и кредибилна. Тие не треба само да ги опишуваат информациите, туку треба да им даваат значење.

Сесијата Отворено дигитално образование во Северна Македонија – придобивки од користењето на ИКТ во образовниот процес, модерирана од Гоце Арсовски, обедини панел еминентни говорници: Сеад Џигал од Меѓународниот Балкански Универзитет, Наташа Анѓелеска од Фондацијата Отворено општество – Македонија, Алвин Салимовски од основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид“ и Сузана Киранџинска од Фондацијата Чекор по чекор.

Говорниците го приближија образовниот процес до публиката со посебен акцент на дигиталното образование кое започна со пандемијата во Северна Македонија. Акцентот беше ставен на главните предизвици со кои се соочуваат наставниците, управата на училиштето, родителите и учениците како крајни корисници во образовниот процес. Општиот заклучок на панелистите беше дека дигиталните алатки станаа главната алатка во образовниот процес, но сепак, најважно е да се обезбедат еднакви можности за сите. За жал, не сите училишта беа во можност доволно да се прилагодат во процесот на онлајн образование, честопати на штета на квалитетот на образованието што го добиваат учениците.

Конференцијата заврши со работилница за Клучните предизвици во дигитализацијата на образованието во Северна Македонија. Работилницата беше отворена за сите засегнати страни во процесот и нејзината цел беше да ги идентификува најголемите ризици по безбедноста и приватноста во дигиталното образование. Работилницата се состоеше од општа дискусија за сите засегнати во дигиталното образование, како и за вообичаените закани со кои се соочуваат овие лица секојдневно. Ова доведе до употреба на интерактивна алатка Ментиметар што учесниците ја користеа за да ги мапираат ризиците и да им дадат приоритет. Најголеми ризици се идентификувани при употреба на биометриски податоци и онлајн малтретирање (cyberbullying). На работилницата учествуваа околу 50 учесници.

Сподели: