Дигитализацијата на процесите донесе многу закани и на тој начин предизвика важна загриженост во врска со заштитата на податоците. Од таа причина, како дел од меѓународната конференција GOT_DATA што се одржа на 10 декември во Приштина, осврнувањето на важноста на заштитата на податоците како регион беше дел од втората панел-дискусија што ја модерираше заменик директорот на Отворени податоци Косово, Дафина Олури.

Упадите во податоците, безбедноста на нашите податоци и кибер-нападите беа некои од клучните проблеми што беа дискутирани на овој панел. Присутните говорници зборуваа и за тоа како нивните институции се справуваат со ваквите неодложни работи и какви механизми се користат за нивно спречување или санкционирање. Меѓу нив беа Кренаре Согојева Дермаку – Косовска комесарка, Агенција за информации и приватност (АИП) од Косово, Ѓорѓи Рајчиноски – помлад соработник – надзорник (Оддел за надзор, Оддел за безбедносни повреди и повреди на правото за заштита на лични податоци) при Агенцијата за заштита на лични податоци од Северна Македонија, Алекса Ивановиќ – поранешен член на Советот на Агенцијата за заштита на лични податоци и слободен пристап до информации во Црна Гора, и експерт за заштита на лични податоци од Црна Гора, и Урош Мисљеновиќ – програмски офицер во Партнери Србија од Србија.

Алекса Ивановиќ се осврна на неусогласеноста на црногорскиот закон со GDPR и најновите случувања во таа област. „Прв пат ја формиравме Агенцијата во 2009 година, кога почнавме да го штитиме ова уставно право. Правната основа што ја користевме за Законот беше директива од 1996 година и сега Црна Гора е во процес на изработка на нов Закон и тој закон треба да се усогласи со GDPR“. – тој рече. Тој сподели дека според плановите Законот треба да се најде во Собрание следната година и дека со големо нетрпение се очекува. Тој предложи институциите почесто да вршат трансфери на знаење и тоа не само во регионот, туку и од другите земји на ЕУ за да се унапреди ова човеково право.

Ѓорѓи Рајчиноски зборуваше за практиките на Агенцијата за заштита на лични податоци од Северна Македонија, споделувајќи дека Законот во Северна Македонија е целосно усогласен со GDPR и дека веќе се работи на негова имплементација преку создавање насоки за поддршка за практичарите, градење капацитети и подигање на свеста, меѓу другото. Тој оцени дека на тој начин се обидуваат да се решат недоволната свест и разбирање на Законот од страна на јавните и приватните субјекти, како и од граѓанскиот сектор. „Бидејќи сè стана дигитално и бевме сведоци на тоа како КОВИД ни ги промени животите, а луѓето сега често користат дигитални платформи за да плаќаат сметки, да купат нешто на Интернет, Агенцијата донесе одлука да направи повеќе онлајн надзор на функционалноста и безбедноста на веб-страниците (на онлајн продавачите).“ – сподели Рајчиноски.

„Како што веќе знаете Косово го усвои Законот за заштита на податоци кој е целосно усогласен со Општата регулатива за заштита на податоците позната како GDPR. Всушност, Косово го усвои Законот од 2019 година, но функционирањето на Агенцијата штотуку започна од јуни оваа година. – сподели косовската комесарка Кренаре Согојева Дермаку. Таа го гледа Законот како алатка за почитување на основните човекови права и рече дека како регион имаме голема среќа што сега го имаме овој механизам за да се погрижиме поефективно и согласно Законот да ги решаваме случаите на заштита на податоците, а со тоа и донесување решенија и изрекување законски казни. Комесарката сподели дека како регион, дури и ако не сите закони на земјите се усогласени со GDPR, сепак треба да работат заедно, да ги идентификуваат најдобрите практики од регионот и да ги усвојат во нивниот систем, како и да изградат заедничка доверба меѓу земјите за заштита на податоците.

Приклучувајќи се виртуелно, Урош Мисљеновиќ од Партнери за демократска промена Србија сподели дека Србија имала Закон за заштита на податоци пред 2018 година кога тој Закон бил подобрен и тој во основа е мешавина од одредбите на GDPR и Директивата за спроведување на законот, двата документи на ЕУ преведени во еден документ . „Кога ќе ги видите овие работи од друга перспектива, би рекле „Во ред, Законот е добро усогласен затоа што имаме GDPR, нели?“. И да и не. Ние ги немаме соодветните специфични одредби за поддршка што земјите на ЕУ ги донесоа досега“. – сподели тој, додавајќи дека институционалните капацитети за спроведување на овој закон се недоволни и немало многу можности или напори за надминување на тие основни барања за усогласување со Законот.

Албумот од овој настан може да го погледнете овде и во случај да сте го пропуштиле настанот, можете да ги погледнете видеата подолу.


——————————————————————————————————————————————

Конференцијата е дел од регионалниот проект „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA“ кој е кофинансиран од Европската Унија и ги презентира резултатите од проектите поддржани од NED (Национален фонд за демократија), DEMOS, Кралството од Холандија, Шведска и Норвешка.

Проектот Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА е кофинансиран од Европската Унија и имплементиран од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-Владеење (Естонија), Левизја Мјафт! (Албанија), ЦРТА – Центар за истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ОДК – Отворени податоци Косово (Косово).

Сподели: