Извор: EU TACSO | Facebook

На 31 мај – 1 јуни, во рамките на проектот „Техничка помош за граѓанските организации во Западен Балкан и Турција (ЕУ ТАКСО 3), финансиран од ЕУ, Европската комисија, DG NEAR, го организираше Форумот на ЕУ за граѓанско општество за Западен Балкан и Турција 2023 година. Настанот се одржа во Подгорица, Црна Гора, во хотелот Хилтон и беше достапен и онлајн.

Настанот имаше за цел да обезбеди форум за директна комуникација, формална и неформална, помеѓу трите главни чинители: институциите на Европската унија кои работат на проширувањето, граѓанските организации од Западен Балкан и Турција и јавните власти во регионот на проширување. Примарните цели на Форумот ’23 беа да се дискутираат наодите од основната проценка во однос на насоките на DG NEAR за поддршка на ЕУ за граѓанското општество во регионот на проширување 2021 – 2027 година и да се придонесе за агенда за идни активности за граѓанското општество во регионот .

Извор: Скриншот од сесијата

Имајќи го предвид портфолиото и историјата на Метаморфозис, бевме поканети да учествуваме на Форумот како соработник на сесијата: Употреба на дигитални алатки за зголемување на граѓанското учество. Во име на Фондацијата Метаморфозис, се обрати Мила Јосифовска Даниловска, менаџер на програмите за социјална одговорност и човекови права онлајн преку презентација, истакнувајќи ја важноста од обезбедувањето можност на граѓаните дигитално да се вклучат во јавните процеси и споделувајќи ги најдобрите практики од Северна Македонија и регионот на Западен Балкан.

„Кога се користи технологијата во кој било аспект на граѓанското учество, секогаш треба да се има предвид дека дигиталните алатки треба да се креирани врз основа на потребите на граѓаните и дека се безбедни, достапни за секоја категорија граѓани, лесни за употреба и дека не обезбедуваат простор за загрозување на интегритетот на институцијата или поткопување на какви било човекови права. “ – сподели таа.

Сподели: