“Дигитализација во сите сфери и за сите општествени групи (без исклучок) е ефективен механизам за подобрување на добросостојбата на граѓаните. Тоа подразбира унапредување на електронското работење и поголема ефикасност на институциите, организациите и на другите општествени субјекти. Неопходноста од дигитализација стана уште поевидентна поради пандемијата со КОВИД-19, затоа што укажа на ургентната потреба од механизми, алатки и од адаптирана регулатива за подобра организација и за целосно фукционално општеството. Притоа, до израз дојде и т.н. „дигитален јаз“, односно – разликите меѓу граѓаните во почетните позиции – за пристапот до Интернет и до соодветни електронски уреди, а оттаму и разликите во нивоата на нивните дигитални вештини / писменост.”
Во рамки на проектот “Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА”, Фондација Метаморфозис организира онлајн настан “Дијалози за Дигиталната агенда – Презентација на Извештај за тековната состојба и патоказ за унапредување на Дигиталната агенда во Северна Македонија” на 06.07.2021 година (вторник) од 10:00 – 11:30 часот на ZOOM онлајн платформата.
Настанот ќе се состои од кратко претставување на истражувањето спроведено во рамки на Опсерваторија на Дигиталната агенда во Северна Македонија кое Фондација Метаморфозис го спроведе во рамки на проектот, и истиот ќе послужи за развивање на дискусија за предизвиците и следните чекори за подобро спроведување на дигитализацијата во Северна Македонија.
Како говорници на настанот се очекува да учествуваат
- Александар Ацев, Раководител на служба во Национален центар за одговор на компјутерски инциденти МКД-ЦИРТ
- Александар Бајдевски, Заменик министер во Министерство за информатичко општество и администрација
- Бардил Јашари, Извршен директор на Фондација Метаморфозис
- Елена Манчева, Државен секретар во Министерство за информатичко општество и администрација
- Д-р Ирена Бојаџиевска, Доцент на Универзитет Американски колеџ во Скопје
- Д-р Наталија Шикова, Декан на Правниот факултет на Меѓународниот Балкански Универзитет.
- Искра Белчева – Ристовска, Програмски координатор во Центар за управување со промени
- Никица Мојсоска-Блажевски, Главен извршен директор на Македонија 2025
Настанот е од отворен тип и на истиот се очекува да присуствуваат претставници на институции, граѓански организации, медиуми, граѓани и сите останати засегнати страни. Сите заинтересирани страни се повикани да го пополнат формуларот за регистрација: https://forms.gle/z5umvQsyN3SpxXrQ9
По завршување на настанот, сите регистрирани учесници ќе добијат линкови кои ќе водат до спроведеното истражување и изготвените визуелизации, преку кои понатаму можат да добијат повеќе информации за тековната состојба за спроведување на Дигиталната агенда во Северна Македонија и да ги користат информациите соодветно во своите истражувања или статии.
Напомена: Настанот ќе биде на македонски јазик. Настанот ќе биде емитуван во живо преку Facebook Live алатката на Facebook профилот на ИЦЕДА мрежата.
Проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“ е кофинансиран од Европската унија и го спроведуваат Фондација Метаморфозис, Отворени податоци Косово (ODK), Академија за е-владеење (eGA), Центар за истражување, транспарентност и отчетност – CRTA, Lëvizja MJAFT, НВО 35 MM.
Сподели: