Финалниот состанок на работната група за изготвување на Стратегијата за транспарентност се одржа на 20 октомври 2023 година, во просториите на Владата на Република Северна Македонија.
На средбата присуствуваа ангажираните експертки, Ирена Бојаџиевска и Наталија Шикова, претставници на повеќе министерства, државни органи, како и претставници на медиумски здруженија и граѓански организации. Се разгледаа и се усвоија пристигнатите коментари по двете јавни расправи што се организираа на 11 септември и 4 октомври. Се договорија идните чекори во однос на финализирање на текстот и придружниот акциски план.
Новата Стратегија за транспарентност на Владата со акциски план (2023-2026) треба не само да ги продолжи заложбите од претходната Стратегија, туку и да даде нови насоки и принципи за подобрување на транспарентноста на институциите. Преку зајакнување на транспарентноста на Владата и на органите, односно институциите кои одговараат пред неа, ќе се зголеми довербата на граѓаните и ќе се подигне нивото на демократизација на државата. Новата Стратегија за транспарентност предвидува олеснет пристап до услугите, но и зајакнување на отчетноста на институциите.
Активностите се дел од проектот „Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“ кој го спроведува Фондација Метаморфозис со финансиска поддршка од Фондација Отворено општество-Македонија.
Сподели: