Во четвртокот, на 28.09.2023 година, во просториите на Europe House во Скопје се одржа настанот „Приватноста на децата“. На настанот се обратија Јорданка Черепналкова – Трајкоска, проектен координатор во Детската амбасада „Меѓаши“ и Марјана Планојевиќ, експерт за заштита на лични податоци. Дискусијата ја модерираше Весна Радиновска, проектен менаџер во Фондација Метаморфозис.

Черепналкова – Трајкоска го фокусираше своето обраќање на заштитата која приватноста на децата ја ужива во различни национални и меѓународни документи, вклучително и во Конвенцијата за правата на детето и Уставот на Република Северна Македонија. Таа потенцираше и колку е важна заштитата на приватноста на децата, дури и од нивното семејство, за да можат правилно и самостојно да го развиваат својот идентитет и укажа на поврзаноста на правото на приватност со другите човекови права. Черепналкова – Трајкоска укажа и на тоа дека многу деца секојдневно се соочуваат со насилство на интернет.

Марјана Планојевиќ ги објасни начелата кои треба да се следат при обработка на лични податоци на децата, појасни дека согласност за обработка на лични податоци на малолетни лица дава законскиот застапник, односно родителот или старателот, а во случај на користење на услуги на информатичкото опшество, потребна е согласност на родителот ако детето има помалку од 14 години. Планојевиќ ја потенцираше и важноста на промена на навиките за објавување на информации на интернет, но и потребата од едукација на децата, наставниците и родителите за поголема заштита на приватноста. Таа сподели и дека регулативата треба да одговара на предизвиците кои произлегуваат од зголемената употреба на дигиталните средства, но и дека истата треба да биде усогласена на општествениот контекст.

Во дискусијата што следеше по излагањето на говорничките, учесниците потенцираа неколку важни поенти и препораки:

  • Правото на приватност е многу важно, но сепак не е апсолутно право што значи дека може да се ограничи, во случаи кога, на пример, потребно е да се заштити здравјето или безбедноста;
  • Родителите треба да ја почитуваат приватноста на децата и да балансираат меѓу оваа обврска и одговорностите да ги заштитат своите деца и
  • За да биде заштитата на приватноста на децата што е можно поефективна, потребни се заеднички напори на децата, родителите и наставниците/воспитувачите.

Овој настан беше организиран со поддршка на Европската Унија, во рамки на проектот „Техничка и интегрирана заштита на личните податоци – градење инклзивен дигитален екосистем“ што Фондација Метаморфозис го спроведува во партнество со Здружение Конект.

 

Сподели: