На 12.09.2023 година, во хотелот Солун во Скопје, се одржа настанот „Сè што сакавте да знаете за видео надзорот“. Настанот го модерираше Мила Јосифовска Даниловска, програмски менаџер во Метаморфозис, а се обратија:
- Весна Радиновска, проектен координатор во Фондација Метаморфозис;
- Игор Кузевски, експерт за заштита на лични податоци и
- Стојанчо Туџарски, експерт за вештачка интелигенција.
На настанот беше потенцирано дека секогаш пред да се воведе видео надзор треба да се направи анализа и да се утврди дали истата цел би можела да се постигне и со други мерки кои би имале помало влијание врз приватноста. Според актуелната легислатива, за воведување видео надзор во повеќестанбени објекти, потребна е согласност од минимум 70% од сопствениците/закупците во посебните делови од просторот.
Посебен дел од настанот, беше посветен и на технологијата за препознавање лица – начинот на кој функционира, можностите што ги нуди и потенцијалните слабости и ризици од нејзина употреба. Притоа, беше посочено е дека оваа технологија, поради несоодветен обем или квалитет на податоци на кои е тренирана, може да доведе до дискриминација односно до неправеден третман кон припадниците на другите раси.
На настанот учествуваа 30-тина претставници на институциите, граѓанските организации, образовните институции кои ги споделија своите грижи, искуства и препораки во врска со видео надзорот. Беа посочени и повеќе примери во кои видео надзорот помогнал да се најде сторителот на некое кривично дело и да се утврдат деталите околу случаите, но и случаи во кои видео надзорот не помогнал. Притоа, беше истакнато дека самата технологија не е проблематична – она што најчесто е најголем ризик за приватноста е човечкиот фактор и дека, за да се спречат злоупотреби, добро е да се автоматизираат процесите.
Во однос на воведувањето видео надзор за заштита на домот и сопственоста, како помалку инвазивна, а поефикасна мерка беше предложена технологијата за детектирање движење.
Овој настан беше спроведен со поддршка од Европската Унија, во рамки на проектот „Техничка и интегрирана заштита на личните податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“
Сподели: