На 23.06.2023 година, во хотелот Солун во Скопје, се одржа настанот „Усогласување на електронските услуги со Законот за заштита на лични податоци“. Настанот го модерираше Мила Јосифовска Даниловска, програмски менаџер во Метаморфозис, а се обратија:

Претставничките на Фондација Метаморфозис и Здружение Конект накратко ги презентираа спроведените и планираните активности во рамки на проектот „Техничка и интегрирана заштита на личните податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“ и потенцираа дека, во периодот што следува, ќе се спроведуваат обуки за граѓански организации, ИТ професионалци од јавни институции и бизниси и дека добредојден е секој што сака да се вклучи. Во однос на оценката на усогласеноста на електронските јавни услуги со Законот за заштита на лични податоци, беше потенцирано дека иако истражувањето е фокусирано на јавни институции, односно на јавни услуги, пристапот, методологијата и најголем дел од препораките можат да се искористат и од бизнис секторот и од граѓанските организации кои нудат некој вид електронски услуги. Исто така, публикацијата може да се користи и како патоказ за корисниците на електронските услуги, граѓаните, за тоа како да се осигураат дека електронските услуги кои ги користат обезбедуваат соодветна заштита на личните податоци.

Рајчиноски, ги сподели наодите и препораките кои произлегоа од четвртото периодично оценување на усогласеноста на испораката на електронските јавни услуги со Законот за заштита на лични податоци. Како институции со голем напредок и/или солидна усогласеност со Законот за заштита на лични податоци, Рајчиноски ги издвои: Министерството за финансии, Царинската управа, Управата за јавни приходи, Управата за финансиско разузнавање, Управата за финансиска полиција, Инспекцискиот совет и Министерството за внатрешни работи.

Учесниците на настанот, претставници на национални и меѓународни граѓански организации, институции, бизниси и т.н. ги споделија своите предизвици, дилеми и добри практики поврзани со заштитата на личните податоци во различни сфери од живеењето: Примање здравствена заштита, користење финансиски, телекомуникациски и угостителски услуги и слично. Исто така, се разви и дискусија околу интероперабилноста на институциите, техничките и организациски мерки за заштита на лични податоци, како и принципите на Privacy by Design и Privacy by default во процесите на креирање нови дигитални услуги и во јавните набавки на дигитални алатки.

Овој настан беше организиран во рамки на проектот „Техничка и интегрирана заштита на личните податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“, поддржан од Европската Унија, а спроведуван од Фондација Метаморфозис во партнерство со Здружение Конект.

Сподели: