Брифинг за новинари на тема „Редовна вакцинација на децата – факти и дезинформации“
На 19 октомври 2023 година, се одржа брифинг за новинари на тема „Редовна вакцинација на децата – факти и дезинформации“ кој е дел од серијата брифинзи што ќе се одржат во рамките на проектот „Систем за управување со погрешни информации и дезинформации и новинарски брифинзи“ спроведуван од Метаморфозис Фондација за интернет и општество во партнерство со УНИЦЕФ и во соработка со Министерството за здравство на Република Северна Македонија, а со финансиска поддршка од УСАИД. Целта на проектот е развивање на систем за управување со погрешни информации (мисинформации) и дезинформации врзани со вакцинацијата во нашата земја и зајакнување на капацитетите на медиумите при известувањето околу вакцинацијата.
Брифингот го отвори Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија, кој ги поздрави присутните новинари и истакна дека благодарение на вакцините, сериозните болести денеска не се закана но сепак постојат.
„Во други земји сум видела луѓе како страдаат од болести кои можеле да се спречат со вакцинацијата. Оваа земја има многу добра традиција кога станува збор за детската имунизација, но сепак, инфодемијата ги одвраќа родителите од вакцинирањето на своите деца“, заклучи ДиЏовани.
По неа, проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисија за имунизација и д-р спец. Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисија за заразни болести како претставници на експертската работна група што функционира во рамките на проектот, ги споделија своите експертски видувања засновани на релевантни податоци и факти од областа на редовната вакцинација на децата.
Проф. д-р Грозданова се фокусираше на календарот за имунизација и на важноста секоја доза вакцина да се прими на точно определената возраст, без одложувања. Потенцираше дека кај нас нема класични антиваксери, туку збунети родители на кои им недостасуваат информации. Па оттука, потсети дека сите информации поврзани со имунизацијата, ги има на веб-страницата e-zdravstvo.mk.
„Болестите се ставени под контрола благодарение на вакцинацијата. Кон крајот на 2018, односно почетокот на 2019 година, имавме епидемија на морбили. Тогаш опфатот на вакцинација падна на 74 проценти и беше прашање на време кога ќе се појави болеста. Имавме четири смртни случаи и 1.900 заболени. Таа година сме дале 41.623 дози вакцини на деца до 14 години. Ако имаше поврзаност вакцината со аутизам, ќе детектиравме случај. Така што таа вакцина е сосема безбедна“, истакна таа.
Д-р спец. Мехмедовиќ, пак, информираше дека во државата, не постои ниедна вакцина која има опфат помал од 50 проценти.
„Тоа е така бидејќи популацијата е свесна за придобивките од вакцинацијата. Имаме региони и градови во кои опфатот е над 90 отсто. Аутистичниот спектар кај деца не е поврзан со ММР вакцината, имаме наука која стои зад ова. Исто е и со тврдењето дека вакцината за ХПВ предизвикува стерилитет. Немаме ниту еден таков евидентиран случај“, рече Мехмедовиќ.
Тој кажа дека три болести му се закануваат на европскиот континент, а тоа се пертусис, дифтерија и морбили, а тоа дали ќе имаме случаи, зависи од степенот на вакцинација, од свесноста на родителите за неопходноста од вакцинација на нивните деца.
„Да не заборавиме дека во минатото имавме смртни случаи, да не дозволиме да учиме повторно на потешкиот начин“, рече Мехмедовиќ, потенцирајќи дека со вакцините, популацијата се штити од тешки форми на болестите и смрт.
На крајот, Бојан Кордалов, виш специјалист за комуникации ја нагласи штетноста од дезинформациите поврзани со вакцинацијата, како и лажните вести и ненаучните информации околу вакцинацијата, затоа што предизвикуваат страв и недовербата на луѓето во докторите. Оттука, важно е правилното информирање, со цел да не се загрози сопственото и здравјето на другите. Научната вистина е една, искреирана е врз основа на факти и затоа неопходно е да се водиме од науката, истакна тој.
Оваа Активност е подготвена од страна на Метаморфозис Фондација за интернет и општество како дел од проектот Превенција и одговор на КОВИД-19 во Северна Македонија финансиран од американскиот народ преку Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) и поддржан од Детскиот фонд при Обединетите нации (УНИЦЕФ) во соработка со Министерството за здравство на Република Северна Македонија.
Сподели: