На 30.08.2022, во хотел Мериот во Скопје, се одржа настанот „Да зборуваме за приватност“ со кој официјално се заокружи проектот „Техничка и интегрирана заштита на лични податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“ што го спроведуваше Фондација Метаморфозис со поддршка од АБА РОЛИ.
На овој настан, претставници на проектниот тим ги презентираа проектните активности и постигнатите резултати, а учесниците во проектот ги споделија научените лекции и начинот на кој проектот ги променил нивните навики и начин на работење.
На настанот се обрати и претставничка на Агенцијата за заштита на лични податоци која го претстави Законот за заштита на лични податоци, начелата на кои тој почива и правата и обврските што истиот ги уредува. Исто така, од страна на проектниот тим беше презентирана и Методологија за проценка на усогласеноста на дигиталните јавни услуги со Законот за заштита на личните податоци, како и препораките за поголема усогласеност на испораката на електронските јавни услуги со Законот.
На настанот присуствуваа речиси 40 претставници на институциите, граѓанските организации, медиумите, образовните институции, бизнисите, млади лица и т.н. кои ги споделија своите искуства, ставови и предизвици поврзани со заштита на приватноста и заштитата на личните податоци.
Сподели: