Image by OpenClipart-Vectors from Pixabay

Ако вработените во институциите поминале обуки и се обучени за отворени податоци и за процесот на објавување на истите, како и за напредните технички аспекти, тогаш тие знаења треба да ги применуваат во пракса, на работното место. Ова е ставот на проф. д-р Иван Чорбев, декан во заминување на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство, на прашањето, зошто и покрај толку обуки вработените во институциите сè уште скенираат документи наместо да ги прикачат во отворен ПДФ, како најосновна пребарлива форма.

Според проф. Чорбев, исклучиво од менаџментот во институцијата зависи како и на кој начин ќе се објавуваат податоците.

„Вработените во институциите го прават она што ќе им го наложи директорот. Ако тие поминале обука, треба знаењата оттаму да ги имплементираат во пракса. Ако на пример, вработените во студентската служба на ФИНКИ не работат добро, тогаш јас сум одговорен за тоа“, смета профeсорот Чорбев.

Најужасно нешто е скениран ПДФ

Според професорот Чорбев, најужасно е кога гледа како има прикачени документи во форма на скениран ПДФ.

„Од него не може да се ископира ништо. Најлоши се оние кога ќе ти дадат некој број за уплатница, на пример за ДДВ или за царина, наместо да ти го дадат во формат да го ископираш во е-банкинг, ти треба да ги пречукаш бројките. Час поскоро треба да се сопре со скенирани нечитливи ПДФ-ки. За поефикасно работење мора да се менуваат нештата“, вели професорот.

За да се смени ваквата пракса, според него, потребно е и да се форсираат добавувачите на софтвер кои им ги изготвуваат софтверите во институциите.

„Едно е вработените да имаат волја да го сработат нештото како што треба, но и производителите на софтверските системи мора да им го олеснат работењето на службениците со обезбедување соодветни експорти. Пари се секако дадени за софтверот. Во тендерските спецификации кога се бараа да се развијат софтверите, треба да се бара експорт на документи во ПДФ. Ако софтверот му го експортира како слика, не може да се очекува дека службеникот ќе направи чуда“, додава Чорбев.

Обуките за отворени податоци се многу важни

Ива Зафировска е советничка за развој на ГИС во општина Карпош. Таа беше дел од обуките за транспарентност и отворени податоци во организација на фондацијата „Метаморфозис“.

„Работам 10 години во општината, го знам бројот на училиштата и градинките, но им реков на колегите да ми дадат подетални информации од типот колку дечиња имаме, колку се машки, а колку женски. Во каква форма ќе ми ги дадат им реков дека не е важно, дека јас ќе си ги префрлам во Ексел. Некои од нив ми ги дадоа во ПДФ кој не може да се едитира, но беа отворени за соработка“, вели Зафировска.

Според неа, сè е до соработката внатре во општината и до волјата кај луѓето за подобрување на работата.

„За економски, односно индустриски оператори, фирми, полесно им е да дојдат до информации, немаат потреба да се јавуваат или да доаѓаат во архива кај нас. Во Ексел и во ЦСЛ, тоа е машински код, за да е полесно за обработка. Сега чекаме од секторот Локален економски развој да ми испратат табели, им реков дека ми требаат, на пример, колку хотели имаме на територија на општината. Имаме и катастар на загадувачи, ми го дадоа во Ворд, но си го префрлив во Ексел. На обуката нѝ беше кажано да не користиме ПДФ. Има и институции во кои има отпор и не сакаат да ги внесуваат во Ексел зашто мислат дека тоа не е ништо битно“, вели Зафировска.

Фондацијата Метаморфозис, во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, пред три месеци спроведе дводневна обука за отворени податоци за четири државни институции. Обуката ги опфати темите – Општи поими на податоци и информации, и дефинирање на концептот на отворени податоци, потоа, Придобивки од објавувањето на отворени податоци, Принципи на отворени податоци, Напредни технички аспекти за отворени податоци, Процес на идентификација, каталогизација и приоритизација на податочни сетови и Процес на објавување отворени податоци.

Обуката се реализира во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, а конкретната активност се спроведува по третпат, односно во 2021 и 2020 година, десет државни институции ја поминаа обуката. Обуката ја следеа претставници на Агенцијата за вработување, Агенцијата за заштита на лични податоци, Министерството за животна средина и просторно планирање, и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Извор: Мета.мк

Сподели: