Во периодот од 17-21 октомври во Охрид, Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис организираше средба за вмрежување со обука за регионалните членови на мрежата кои го спроведуваат тековниот регионален проект „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на опасните влијанија преку набљудувачко новинарство“.

Покрај претставниците од Метаморфозис на средбата учествуваа петте партнерски организации – Центарот за меѓународни и безбедносни прашања ISAC, тинк-тенк од Србија; Зашто не (Why not) од Босна и Херцеговина, основач на сервисите за проверка на факти Istinomjer.ba и Raskrinkavanje.ba; Центар за демократска транзиција од Црна Гора, основач на сервисот за проверка на факти Raskrinkavanje.me; Faktoje.al, сервис за проверка на факти од Албанија и Sbunker.net, медиумска издавачка организација од Косово, како и партнери од Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија.

На настанот во Охрид, партнерите имаа можност да ги споделат, споредат и анализираат наодите од својата досегашна работа на тема дезинформации од странски извори, нивно бележење и ширење, со цел рафинирање на методологијата која опфаќа проверка на факти, објавување аналитички написи и создавање база на знаења – систем за детектирање дезинформации и рано предупредување за нивните штетни ефекти. Како особено важен резултат беше посочено создавањето синергии во рамки на мрежата, преку кои се комбинираат знаењата на партнерите и резултираат и со заедничко покривање на прекугранични трендови и инстанци на дезинформации, како и ширењето на мрежата преку соработка со други мрежи и организации.

Проектот „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на опасните влијанија преку набљудувачко новинарство“ ќе биде активен во наредниот период. Повеќе информации за проектот и продукцијата во рамки на истиот може да се следи преку https://antidisinfo.net/hub/ и социјалните мрежи Фејсбук https://www.facebook.com/antidisinfohub и Твитер https://twitter.com/antidisinfonet. Проектот е финансиран од Министерство за надворешни работи на Кралството Холандија.

Сподели: