Во сите сфери и за сите општествени групи (без исклучок), дигитализацијата е ефективен механизам за подобрување на добросостојбата на граѓаните. Технологијата треба да се прифати како дел од секојдневниот живот, односно да доведе до т.н. „дигитална трансформација,“ која подразбира унапредување на електронското работење и поголема ефикасност на институциите, организациите и на другите општествени субјекти. За таа цел, Фондација Метаморфозис заедно со партнерите, преку проектот Зголемување на граѓанското учество во Дигитлната агенда – ИЦЕДА ко-финансиран од Европската Унија, додели суб-грантови преку шемата за мали грантови наменети за основање на центри за поддршка на е-влада, односно за поддршка за граѓаните за да ги користат постојните јавни е-услуги, и мали грантови наменети за иницијативи за застапување кои се занимаваат со специфични прашања со кои граѓаните од Западен Балкан се соочуваат поврзани со областите опфатени со Дигиталната агенда.

Во текот на јуни, тимот на Фондација Метаморфозис оствари средби со сите суб-грантисти од Северна Македонија на кои разговараше за спроведувањето на суб-грантовите, предизвиците, и научените лекции. На 13 јуни, 2022, тимот разговараше со Младински образовен форум (МОФ) кои го спроведоа проектот „Студентска акција за дигитализирани образовни услуги“, чија цел е подобрување на е-услугите што се обезбедуваат за студентите и решавање на дигитализацијата во високото образование. Земајќи ги предвид последните политички случувања и промената на министрите, МОФ решија повеќе да се насочат кон застапување пред Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје покрај Министерството за образование и наука. Почнувајќи од новата учебна година, наредните чекори кои ги планираат се пилотирање на алатката која претставува надградба на IKnow системот на еден од факултетите при Универзитетот, тестирање на истата и понатаму застапување за и преостанатите факултети да ја превземат и користат. Алатката е резултат на тридневен Хакатон за дигитални алатки/ решенија за високо образование кој го организираше МОФ во рамки на суб-грантот.

Истиот ден, тимот се сретна со Рурална Коалиција која управува со Центар за поддршка на граѓаните за користење на е-услуги во Кичево, но исто така дејствува и во Гостивар, Врапчиште, Кичево, Кривогаштани и Долнени, и им пружа поддршка на земјоделците и локалните жители да користат е-услуги. Најголем предизвик со кој се имаат соочено според нив е моментот дека земјоделците не веруваат во дигитализацијата како процес и немаат задоволително ниво на дигитална писменост, додека пак, онлајн системот за аплицирање за субвенции е комплициран па државните службеници мора да им ја пополнат документацијата за земјоделците. Овој предизвик е почест кај постарите генерации на земјоделци, додека пак помладите генерации го прифаќаат овој е-концепт полесно од останатите. За таа цел, Рурална Коалиција го користи со методот на врсничка едукација и споделува позитивни искуства од земјоделци од државата кои работат во странство и успешно ги користат тамошните е-сервиси. Во оваа насока, забележуваат дека менторството е добра алатка за образување на граѓаните како и ширење на знаење и искуство. Сепак, за оваа иницијатива да биде успешна, потребно е институционална поддршка за која грантистот и понатаму има предизвици да ја добие од страна на општината во форма на простор за работа.

На 15.06.2022, тимот на Метаморфозис беше на посета кај SmartUp-Лабораторија за социјални иновации, кои преку малата грантова шема на ИЦЕДА во соработка со Град Скопје пружаа поддршка за граѓаните за користење на е-услуги од Градот или аплицирање за е-субвенции кои ги нуди Град Скопје. Според нив пандемијата беше повеќе можност отколку предизвик, бидејќи ја забрза дигитализацијата на услугите и субвенциите за разлика од претходно. И покрај предизвиците и недостаток на продолжување на институционалната поддршка од страна на Град Скопје, тие ќе продолжат да им даваат поддршка на граѓаните за аплицирање за е-субвенции бидејќи луѓето сé уште ги препознаваат како фокална точка за овие прашања, и исто така ќе продолжат да бараат средства за продолжување на работата на Центарот.

Тимот на Метаморфозис продолжи со посетите и во наредниот период, остварувајќи средба со Центарот за социјални иновации Блинк 42-21 на 16.06.2022, и со Асоцијација за Граѓанска Толеранција и Соработка – АГТИС на 24.06.2022.

Центарот за социјални иновации Блинк 42-21 го спроведоа проектот „мЗаедница за e-заедница“ преку кој имаа за цел да обезбедат висококвалитетни е-услуги на локално ниво и да го зголемат бројот на корисници на локални е-услуги. Преку проектот тие успејаа да ја реплицираат алатката мЗаедница во Општина Аеродром и Општина Крива Паланка, и со тоа да им дадат пристап на граѓаните на овие две општини до е-услуги и побрза и поефикасна комуникација со локалната администрација. Според нив, општините ја превземаа алатката како своја и покажуваат голем интерес за масовна дигитализација на нивните услуги и субвенции, додека пак граѓаните на овие општини ја користат секојдневно. Следните чекори на Блинк 42-21 се алатката да се реплицира во повеќе општини, и да биде овозможена на повеќе локални јазици, како и да се надгради со повеќе функционалности.

Преку грантовата шема на ИЦЕДА, Асоцијација за Граѓанска Толеранција и Соработка – АГТИС работеше во општините Долнени и Прилеп, најмногу со маргинализирани заедници помеѓу кои и Роми, граѓаните со ниски приходи и граѓани со низок степен на образование. Покрај штандот за е-услуги кој го организираа на 20 локации за да дојдат до граѓаните и директно да им помогнат да искористат одредени е-услуги, тие раководат со Центар во кој пружаат поддршка на граѓаните за користење на е-услуги лоциран во Прилеп. Во текот на спроведување на малиот суб-грант, АГТИС имаат увидено дека не само маргинализираните заедници, туку и целото население има малку интерес и знаење за јавните е-услуги кои што ги нудат државните институции. Според нив, општините придонесуваат за ниската дигитална писменост со фактот дека општинската администрација се плаши од губење на своето работно место со самиот процес на дигитализација на локалните услуги.

По разговорите со сите грантисти, генерално заклучокот е ист. Постои голема потреба од пружање поддршка на граѓаните за уживање во придобивките од дигитализацијата, и затоа се потреби кампањи за подигање на свест и дигитално описменување. Потребно е да се работи заеднички со сите засегнати страни за обезбедување на ефикасна и долгорочна дигитализација на јавните услуги, но само волјата како таква не е доволна. Потребно е да се земе стратешки пристап кон решавање на прашањата поврзани со дигитализација, и да им се пружи институционална поддршка на граѓанските организации кои го помагаат овој процес. Шемите за мали грантови се добра можност за градење на капацитетите на локалните граѓански организации и за остварување на добро влијание на локално и национално ниво кое граѓаните директно го чувствуваат.

——————————————————————————————————————————————

Проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“ го спроведува Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), Партнери за демократски промени (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово). Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.

 

 

 

Сподели: