Дигитализацијата не е цел сама по себе, и не е доволно само да се разговара и да се разбере потенцијалот на дигиталните технологии, туку е потребно и да се најде начин како тие најефикасно да се интегрираат во работењето на јавната администрација, сѐ со цел да се подигне квалитетот на услугите што ги испорачуваат граѓаните. За таа цел, Фондација Метаморфозис заедно со партнерите, преку проектот Зголемување на граѓанското учество во Дигитлната агенда – ИЦЕДА ко-финансиран од Европската Унија, додели суб-грантови преку шемата за мали грантови наменети за иницијативи за застапување кои се занимаваат со специфични прашања со кои граѓаните од Западен Балкан се соочуваат поврзани со областите опфатени со Дигиталната агенда.

На 26 и 27 јануари 2022 година, тимот на Фондација Метаморфозис ги посети суб-грантистите од Северна Македонија, односно Центарот за социјални иновации Блинк 42-21 и Младинскиот образовен форум за да поразговара за нивните активности, успесите и предизвиците со кои се соочуваат при промовирање и спроведување на нивните проекти.

Во партнерство со Балкон 3, Центарот за социјални иновации Блинк 42-21 го спроведува проектот „мЗаедница за e-заедница“ преку кој тие имаат за цел да обезбедат висококвалитетни е-услуги на локално ниво и да го зголемат бројот на корисници на локални електронски услуги. Тие имаат намера да го сторат тоа преку обезбедување на најмалку 3 нови е-услуги на локалната самоуправа преку м-заедница во уште две општини и со тоа да им овозможат на граѓаните лесно да комуницираат со различни сектори на тие општини, како и давање препораки за политики до сите 81 општина, Здружението на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија и Министерството за локална самоуправа за дигитализација на услугите.

мЗаедница е интерактивна дигитална платформа која им овозможува на граѓаните и на локалната власт да комуницираат директно и да придонесат заеднички за подобра општина. Мобилната и веб апликација мЗаедница го промовира концептот на мобилно учество (м-учество) им овозможува на корисниците преку користење на мобилен телефон, таблет или компјутер да комуницираат директно со вработените во општинските сектори, да остваруваат права и да влијаат врз активностите кои ги превзема општината. Во моментов од мЗаедница се дел Општина Валандово, Општина Карпош и Општина Кочани.

Заедно со Радио МОФ и Порталб, Младинскиот образовен форум го спроведува проектот „Студентска акција за дигитализирани образовни услуги“, чија цел е подобрување на е-услугите што се обезбедуваат за студентите и решавање на дигитализацијата во високото образование. Преку консултативни состаноци со Министерството за образование и наука (МОН) и студентските организации, тие имаат намера да ги откријат потребите на студентите и да креираат кратка политика составена од специфични препораки за подобрување на дигиталните аспекти на новата стратегија за високо образование креирана од Националниот совет за високо образование. Покрај тоа, тие ќе организираат тридневен Хакатон за дигитални алатки/ решенија за високо образование, чиј резултат ќе биде нова дигитална алатка за студентите подготвена за употреба што ќе ја понудат на МОН за бесплатна употреба.

Политичките промени што се случија во државата во последните неколку месеци почнувајќи од локалните избори каде што се случи голем пресврт и промена на голем дел од градоначалниците и општинската администрација, па се до промената на голем дел од министрите и членовите на нивните кабинети, беа голем предизвик за двете иницијативи. Непрепознавањето на потребата од дигитализација од страна на одредени институции исто така се најде како голем предизвик, додека пак во општините каде што има политичка вољја, има и недостаток на капацитети за применување на дигитални алатки. Во наредниот период грантистите ќе вложат дополнителен напор за да ги надминат овие предизвици и успешно да ги спроведат нивните иницијативи за да може на граѓаните да им се олесни пристапот до јавните e-услуги и да им се овозможи да ги почувствуваат придобивките од дигитализацијата.

——————————————————————————————————————————————

Проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“ го спроведува Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), Партнери за демократски промени (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово). Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.

Сподели: