Денеска започна меѓународната конференција е-општество.мк, која што годинава се одржува по 17-ти пат и ја третира темата „Демократијата во дигиталната ера: предизвици и можности“.

На отворањето на е-општество.мк, свое обраќање имаа извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари, заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Џулијан Васало, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, претставникот на канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија Ерик Јановски и вишиот експерт за е-демократија на Академијата за е-владеење од Естонија Кристина Манд.

Добредојде на сите учесници на конференцијата им посака извршниот директор на „Метаморфозис“, Бардил Јашари. Тој рече дека конференцијата е-општество.мк годинава нема една приоритетна тема што ќе ја одбележи конференцијата, туку Фондацијата Метаморфозис се одлучила на неа да се опфатат повеќе теми.

Бардил Јашари, фото: Мета.мк

Јашари порача дека дигиталната трансформација не само што е започната, туку таа бара нов начин на размислување и нов начин на работа. Не може да се третира дигитализацијата сама по себе и да се анализираат предизвиците само од аспект на технологијата, од аспект на човекови права или добро владеење. Потребен е хоризонтален интегрален пристап, нагласи тој во обраќањето.

„Многу ретко зборуваме за дигиталната трансформација на демократијата“, порача Јашари, дополнувајќи дека се менува начинот на којшто се практикува демократијата.

Тој истакна дека на почетокот, во 90-тите години, имавме многу надежи дека дигиталните технологии ќе ја засилат демократијата и по самата природа на интернетот, тоа ќе донесе повеќе слобода и ќе ја шири демократијата. Но потоа влеговме во нова фаза на дистописки сценарија, во која што се наоѓаме и денеска, каде што дигиталните решенија се пласираат како голем предизвик за демократијата, посочи извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис.

Тој рече дека вештачката интелигенција и алгоритмите претставуваат нов ризик за демократијата, особено за приватноста и злоупотребата на личните податоци. Но, од друга страна, дигиталната трансформација обезбедува многу моќни алатки за градење на демократијата.

Јашари потенцираше дека во фокусот мора да го ставиме човекот и остварувањето на човековите права, додека искористувањето на потенцијалот на дигиталната трансформација бара стратешки пристап, визија и соработка помеѓу граѓанскиот сектор, медиумите, државните институции, академската заедница, бизнисите и сите други кои можат да придонесуваат.

„Треба да работиме за воспоставување на транспарентност во користењето на дигиталните технологии и одговорност во водењето на системите за вештачката интелигенција. Ние во Метаморфозис веруваме во ова, но ќе повторам дека сите ние заедно да го направиме ова за да го добиеме најдоброто од дигиталната трансформација“, порача извршниот директор на фондацијата.

Заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Џулијан Васало во своето обраќање се осврна на транзицијата што ја прави Европската Унија кон новиот дигитален свет, укажувајќи сепак и на предизвиците за контрола и дискриминација кои би можеле да се појават со дигиталните технологии.

Од една страна, тие ги зголемуваат можностите за граѓанско учество на дигиталните платформи, ги даваат придобивките како што се онлајн едукацијата и учење на далечина, но од друга страна мора да се заштитат децата и приватноста на граѓаните.

Џулијан Васало; фото: Мета.мк

Најочигледен предизвик за дигиталната трансформација, посочи Џулијан Васало се дезинформациите. Дезинформациите го поткопуваат капацитетот на општеството за да се креира динамика врз основа на плурализам на идеи, потенцираше Васало. Тој рече дека ЕУ прави напори и во регионот на Западен Балкан за да помогне во справувањето со дезинформациите, но и ја призна клучната улога што ја имаат факт-чекерите и медиумите.

Заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје укажа и на степенот на напредок на дигитализацијата во земјава, како што е примерот со националниот портал за е-услуги, дигитализацијата на јавната администрација, развојот на е-трговијата, како и националната стратегија за ИКТ на земјава.

Васало рече дека се потребни дополнителни напори за спроведување на националната стратегија за сајбер-безбедност, но и ја призна поддршката што властите од земјава ја имаат дадено за воведувањето на медиумската писменост во образовниот процес.

Претставникот на канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија Ерик Јановски во своето обраќање се задржа на Хакатонот за отворени податоци, којшто се одржува во рамки на конференцијата е-општество.мк.

Фото: Мета.мк

Тој рече дека хакатонот се фокусира на отворените и транспарентни јавни институции кои се клучни за демократијата. Граѓаните е потребно да се информираат во реално време, како би можеле да бараат одговорност од овие институции, додаде Ерик Јанковски.

Граѓаните можат да одлучуваат како ќе ги користат отворените податоци, така што потребни се нови иновативни решенија како да ги приближиме до граѓаните, порача претставникот на канцеларијата на УСАИД во однос на хакатонот за отворени податоци што ќе се одржува наредниве денови.

„Задоволство ми е што гледам дека овој хакатон е добредојден од информатичарите“, рече Ерик Јановски.

Тој им порача на учесниците дека на долг рок, нивната креативност и иновативност ќе овозможи подобрување на користењето на отворените податоци, дополнувајќи дека со нетрпение очекува да ги чуе резултатите од овој хакатон.

Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири на отворањето на конференцијата е-општество.мк изјави дека технологијата има потенцијал да ја подобри демократијата, за истата да биде поефикасна, поотворена, потранспарентна и подостапна за сите нас.

Јетон Шаќири; фото: Мета.мк

Технолошкиот напредок, рече Шаќири, го менува начинот на кој бараме информации, комуницираме, продолжуваме да учиме, работиме и се забавуваме. Сепак, тој спомена дека со технологијата може потенцијално да се манипулира и да се злоупотреби и затоа Министерството за информатичко општество и администрација работи со УСАИД на програма за подобрување на сајбер безбедноста во земјава.

Тој спомена дека многу е важно каде треба да се повлече линијата помеѓу националната безбедност и заштитата на личните податоци на граѓаните, дополнувајќи дека анонимноста што ја овозможува интернетот дава можност корисниците слободно да се изразат, но и гледаме дека корисници шират дискриминации и се обидуваат да го злоупотребат тоа.

Министерот Шаќири се задржа и на онлајн медиумите и нивното правилно регулирање, кое е многу потешко од традиционалните медиуми. Притоа, тој спомена дека потребна е поголема вклученост од засегнатите страни во спречување на ширењето на лажните вести. Критичното описменување и медиумската писменост се најважните алатки што може да ги користиме против дезинформациите, порача тој.

Вишиот експерт за е-демократија на Академијата за е-владеење од Естонија Кристина Манд во својот говор потенцираше дека првата работа што треба да ја разбереме е како дигиталните решенија и служат на демократијата.

Треба да се осигураме дека начините на кои владееме се демократски и треба да сме свесни дека некогаш таа може да биде загрозена, рече Кристина Манд, додавајќи дека дигитализацијата зависи и од демократската култура на државата и од желбата на граѓаните за да дадат свој придонес.

Таа рече дека клучните зборови на добро владеење се граѓанскиот активизам, вклученоста на граѓаните и интеракцијата помеѓу граѓаните, државата, медиумите и бизнисите, потенцирајќи дека главната разлика помеѓу помеѓу демократското општество кое користи технологија и недемократското е токму слободата.

Можно е да постојат фантастични дигитални решенија, но без таа слобода, продуктивноста на граѓаните не може да се стави кон придонесување на општеството, рече Кристина Манд.

Третата работа на која што се фокусираше таа во својот говор е дека дигиталното не треба да го третираме како нешто одвоено, туку дека треба хоризонтално да ги гледаме работите. Секогаш кога размислуваме на нови услуги, решенија, здравствени промени, треба да размислиме како да ја интегрираме дигитализацијата во сето ова, изјава таа. Притоа, треба да внимаваме при демократскиот дигитален развој да не создадеме дигитално ранливи групи, чиј пристап до интернет е ограничен, граѓани кои се социјално попречени или се попречени на друг начин за да ги користат социјалните алатки.

Вклучувањето на граѓаните мора да биде базирано на доверба, но и на поседување вештини и мотивација од нивна страна. Луѓето мора да се мотивираат да се вклучат, да дадат мислење, мора да го имаме на ум тоа. Вклученоста не значи дека мора да се земе во предвид сечие мислење или сите да се задоволат, туку дека секое мислење се зема во предвид и се разгледува, рече Манд.

На почетокот на меѓународната конференција е-општество.мк со краток инспиративен говор се вклучи и Лаури Табур, експерт од Естонскиот центар за меѓународен развој.

Тој порача дека дигитализацијата не е владино прашање, туку дека тоа е цел на општеството.

Ковидот поттикна многу од нас да се насочат кон дигитализацијата, рече тој, посочувајќи го примерот на Естонија. И покрај тоа што најголемиот дел од услугите што ги нудат владините служби се дигитализирани, и во Естонија може да се слушне дека луѓето имаат критика и повеќе барања кон владата.

Ова практично значи дека дигиталните услуги мора значително да се ажурираат, бидејќи во спротивно се враќаме на самиот почеток, на добрите намери. Оттука, во дигитализацијата мораме да имаме заедничка цел и да се пристапи агилно чекор по чекор, а не со долгорочни стратегии, бидејќи технологијата брзо се менува.

Сето тоа започнува од разбирање што сакаме да постигнеме со тие услуги, рече тој.

Лаури Табур потенцираше дека луѓето првенствено не користат дигитални услуги од владините служби, туку деловни услуги од банките и телекомуникациите. Го потенцираше примерот со Естонија, каде секој жител уште од своето раѓање бесплатно добива дигитална лична карта.

Со ваквата дигитална идентификација, жителите можат полесно да ги остварат услугите што ги бараат како од институциите, така и од банките и телеком операторите.

Табур потенцираше дека Северна Македонија заслужува сопствена успешна приказна за дигитализација.

Сподели: