На 26 јули 2023 година, се одржа првиот координативен состанок на Проектното експертско работно тело што претставува и една од почетните активности на проектот Систем за управување со погрешни информации и дезинформации и новинарски брифинзи. Фондацијата Метаморфозис ќе го спроведува овој проект во соработка со УНИЦЕФ и со финансиска поддршка од УСАИД во следните шест месеци.

Проектот Систем за управување со погрешни информации и дезинформации и новинарски брифинзи има за цел, во продолжение на напорите на УНИЦЕФ за воспоставување на стратегија за управување со погрешни информации, дезинформации и информациски празнини, да го интегрира Системот за управување со погрешни информации и дезинформации во работењето на институциите, Министерството за здравство и неговите помошни институции и да им помогне на истите да го користат поефикасно при адресирање на потребите на граѓаните. Сето ова ќе биде направено преку градење на капацитети – техничка поддршка и застапувачки активности со носителите на одлуки, базирано на експертски анализи и препораки.

Фондацијата Метаморфозис ќе ја искористи својата експертиза во градењето на Системот за управување со погрешни информации и дезинформации, а исто така ќе придонесе и во дебанкирање на дезинформациите, сѐ со цел да им помогне на граѓаните да се справат со погрешните информации, дезинформациите и недостатокот на веродостојни информации, и со тоа да ја зголеми нивната доверба во здравствениот систем и институциите.

Во рамките на овој проект, особено значење и голем придонес ќе има и функционирањето на Проектното експертско работно тело – во состав членови со медицинска и/или комуникациска експертиза. Ова експертско тело, меѓу другото, ќе го надгледува воспоставувањето и функционирањето на Системот за управување со погрешни информации и дезинформации, ќе биде одговорно за анализа на извештаите што ќе произлезат од Системот, ќе развива препораки за понатамошни активности за справување со погрешните информации и дезинформации поврзани со вакцинацијата во земјата, но и ќе одржува брифинзи со новинарите за пополнување на информациските празнини кои креираат засилено неверување во вакцинацијата во земјата. Проектното експертско работно тело, исто така, ќе учествува и во застапување за реализирање на напорите за воспоставување на Владино експертско тело.

 

Оваа содржина е подготвена од страна на Фондација Метаморфозис со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД). Ставовите изразени од авторот во овој напис не секогаш ги одразуваат ставовите на Агенцијата за меѓународен развој на САД или ставовите на Владата на САД или пак УНИЦЕФ.

Сподели: