На 16 април 2019 година, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски и извршниот директор на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, Бардил Јашари, потпишаа меморандум за соработка за подготовка на Стратегија за транспарентност на Владата.
Стратегијата ќе биде резултат на регионалниот проект ACTION SEE, спроведен од „Метаморфозис“ и поддржан од Европската Унија, чија цел е да се воспостават добрите практики за транспарентност и отчетност во сите институции. Стратегијата за транспарентност на Владата ќе послужи како механизам за поврзување и усогласување на сите досега донесени стратешки документи и законски и подзаконски решенија кои на директен или индиректен начин целат кон подобрувањето на транспарентноста на владините институции и ќе ја нагласи нивната обврска за транспарентност. Одлуката за подготовка на ова Стратегија e донесена на 126-та редовна седница на Владата.
Во тек е формирањето на работната група во чиј состав ќе учествуваат претставници од владини институции и од граѓанскиот сектор, со цел на ефективен начин да се искористат капацитетите и искуствата на сите чинители. Првиот состанок на работната група ќе се одржи меѓу 6-10 мај.
Сподели: