Технологијата за препознавање лица е во подем во најразлични сектори и индустрии, како начин на верификација на луѓето кој е побезбеден и поповолен од традиционалните начини на верификација како што се лозинките, наменските електронски картички и слично (повеќе за тоа како работи технологијата за препознавање лица можете да прочитате тука). Меѓутоа, оваа технологија е ограничена, најпрво од технолошките достигнувања, а потоа и од легислативата за заштита на личните податоци. Во овој текст ќе ги разгледаме правните и етичките аспекти на технологијата за препознавање лица, со фокус на нејзините ограничувања од страна на Законот за заштита на личните податоци.

Законот за заштита на личните податоци е донесен со цел македонското законодавство да се доближи до модерната легислатива на Европската Унија пред сѐ и да биде во чекор со технологијата и предизвиците кои таа ги носи во поглед на заштитата на личните податоци и човековата приватност. Овој закон ги ограничува начините и мерата на прибирање и обработка на личните податоци. Технологијата за препознавање лица, во тој поглед, е ограничена во неколку аспекти.

Најпрво, лицето кое сака да имплементира и користи ваква технологија за одредени цели, мора да има правен основ и легитимни цели за истото. Односно, лицето мора да покаже дека користењето на ваква технологија придонесува кон целите за кои се користи (не се користи „само затоа што така се сака“) и дава повисок степен на безбедност за разлика од други мерки за безбедност. Исто така, лицето, по одредено време, треба да го ревидира користењето на оваа технологија и целите за кои се користи и да донесе заклучок дали сѐ уште има потреба за нејзино користење.

Image by teguhjati pras from Pixabay

Понатаму, Законот за заштита на личните податоци предвидува ограничувања во мерата на лични податоци кои се прибираат и обработуваат (од страна на технологијата за препознавање лица, во овој случај), односно не дозволува прекумерно прибирање на лични податоци со кои би се надминале или пак целосно би било спротивно на целите за кои технологијата се користи. Лицетоа кое сака да имплементира технологија за препознавање лица мора да докаже дека прибирањето на лични податоци е пропорционално со легитимните цели и дека се избегнува какво било прекумерно прибирање.

Најпосле, Законот за заштита на личните податоци го предвидува правото на граѓаните да бидат запознаени со начинот и мерата на прибирање и обработка на нивните лични податоци, како и како и каде се чуваат истите, во одредени случаи да можат да ја повлечат својата согласност за прибирање и обработка, а и да побараат нивните лични податоци да бидат избришани од базата на податоци каде што се чувани. Заради овие фактори, понекогаш имплементација на технологија за препознавање лица е премногу комплициран процес и ограничувањата ги надминуваат предностите.

Од друга страна, користењето на оваа технологија е ограничена и од етички аспекти. Технологијата сама по себе не е совршена, таа е ограничена во поглед на развојот на индивидуалните делови кои ја сочинуваат (најразлични сензори, камери, софтвери и др.) и може да прави грешки. Еден пример за вакви грешки се препознавање на лица кај идентични близнаци. Затоа што близнаците имаат многу слични физички карактеристики, технологијата за препознавање лица може погрешно да ги идентификува овие лица, кое преставува проблем за безбедноста. Понатаму, оваа технологија може да има предрасуди и да биде дискриминирачка кон одредени лица, најчесто заради датабазите врз основа на кои таа е „тренирана“. Како пример за ова е користењето на оваа технологија кај паметните телефони. Имено, во одредени случаи, оваа технологија не успеала прецизно да ги препознае лицата на корисници со потемна боја на кожата или различни структури на лицето. Во вакви случаи, технологијата за препознавање лица ги губи своите предности (како што е брзата и лесна автентикација на корисници) и, наместо тоа, може да причини штета, односно да ги спречи корисниците да пристапат до своите уреди. Затоа, оваа технологија треба дополнително да се развива и усовршува, со цел да се минимизираат грешките, да се зголеми безбедноста и да се намалат ризиците од користење на истата и да се овозможи целосна усогласеност со Законот за заштита на личните податоци.

Технологијата за препознавање лица има свои предности кога станува збор за брза и сигурна автентикација на корисниците, но има правни и етички ограничувања во поглед на заштитата на личните податоци. Усогласеноста со одредбите на Законот за заштита на лични податоци, како што се правниот основ, легитимните цели, транспарентноста е од огромна важност за лицата кои сакаат да имплементираат и користат вакви технологии. Понатаму, етичките прашања, како што се ризиците од предрасуди на самата технологија која може да доведе до дискриминација кај корисниците, се од суштинско значење за да се обезбеди одговорна употреба на оваа технологија и да се запази заштитата на личните податоци на граѓаните како и нивните останати слободи и права.

Автор: М-р Никола Димитров

Овој текст е подготвен со поддршка на Европската Унија. Содржините во овој текст се единствена одговорност на партнерите на проектот „Техничка и интегрирана заштита на лични податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“ и на авторот и на ниеден начин не ги одразуваaт ставовите на Европската Унија.

 

Сподели: