На 10 ноември, во Софија, во организација на Асоцијацијата на европските новинари – Бугарија и Фондацијата Фридрих Науман се одржа меѓународната конференција „Војната во Украина: Новите фронтови“.

Голем број новинари, фоторепортери и сниматели, како и експерти од Украина, Русија, САД, Бугарија и Северна Македонија дискутираа на теми поврзани со војната во Украина – руските агресорски дејствија, пропагандата и дезинформациите што се шират од руските центри на влијание во онлајн просторот и во некои медиуми, како и практиката на спротивставувањето на ваквите дезинформации и полувистини.

Претставници на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ учествуваа во агендата и во дискусиите, како единствени учесници од Северна Македонија.

Зборувајќи од директното искуство за руските воени дејствија и злосторства врз цивилното население, од кои лишувањето од елементарни услови за живот е најбенигната форма на терор што ја трпат Украинците, како и за напорите да се раскринка пропагандата и да се идентификуваат дезинформациите продуцирани од руските дезинформациски актери под „диригентска палка“ на официјална Москва и каналите преку кои тие се шират генерално низ Балканот и Европа, учесниците во неколкуте панел-дискусии пред големиот број учесници на конференцијата оформија пластична слика за про-руските наративи и пропагандата на Кремљ, што ја заплиснуваат и Северна Македонија преку долга низа профили и страници на социјалните мрежи и „новоникнати“ веб-страници.

Украинските и руските новинари што работат во странство оддадоа посебно признание на нивните извори во Украина, но и во Русија, што ризикувајќи си го животот или ризикувајќи да бидат откриени и затворени, придонесуваат со информации и доказен материјал во форма на фотографии и видеоснимки што помагаат да се утврди вистината во поплавата од секакви информации – од точни, до полуинформации и дезинформации.

Доведувајќи ја содржината на руските теренски и онлајн напади во балканска рамка, но и генерално медиумската сцена, Горан Ризаов, главниот и одговорен уредник на Мета.мк и дел од тимот учесници од Фондација Метаморфозис, потоа бугарскиот фоторепортер и снимател Георги Кожухаров и бугарскиот слободен новинар Димитар Кенаров, ги споделија искуствата од Украина, како и состојбата во Северна Македонија, пред публиката на меѓународната конференција, којашто беше новинарски проследена од некои од највлијателните бугарски медиуми.

Горан Ризаов, во завршницата на денешната меѓународна конференција, ги презентираше главните елементи на покривањето на војната во Украина од страна на македонските медиуми.

„Директно покривање нема, како да ја нема, оти освен еден пример од пред отприлика 6 месеци, кога еден или два медиуми имаа новинар во Полска, кој помина неколку дена и во Украина. И толку. Сѐ се сведува на пренесување од меѓународни извори“, истакна Ризаов.

Во Македонија, рече тој, посебно е поразителна и сликата со недостиг на млади заинтересирани да студираат новинарство, а и финансиската ситуација на медиумите е генерално многу лоша, што отвора простор за продор на полуинформации и дезинформации.

Тој се осврна и на највпечатливите примери поврзани за ширењето на дезинформациите и пропагандата од Кремљ во Северна Македонија, истакнувајќи дека „Вистиномер“, како проект на „Метаморфозис“, повеќе од 10 години ја води борбата против дезинформациите, а важноста на таквите напори посебно се гледаат сега, во поплавата на дезинформации и пропаганда поврзани со украинската трагедија.

„Како и да е, кај нас во Северна Македонија, речиси сите дезинформации поврзани со Украина, ни доаѓаат од странство“, истакна тој.

 

Сподели: