Тројца претставници на Фондацијата Метаморфозис од 28 до 30 јуни учествуваат на обуката „Како да се поддржат граѓанските организации во нивната дигитална трансформација“, која што се одржува во Лисабон, Португалија. На обуката учествуваат претставници на партнерските организации од Португалија, Чешка, Австрија, Унгарија и Полска, а настанот се одвива во просториите на организацијата Entrajuda, која е прва банка за храна отворена во Португалија.
Претставниците на граѓанскиот сектор имаат можност да се запознаат во детали за клучните принципи на менаџментот за промени, но и да се информираат за рамката за дигитална трансформација на Techsoup како дел од процесот на менаџментот на промени. Длабински беа разгледани неколку студии на случај како позитивни примери од Португалија, Северна Македонија и Полска во поддршката на граѓанските организации во нивната дигитална трансформација. Особен акцент беше поставен на создадените веб-платформи за поддршка на волонтерската работа во Португалија (https://bolsadovoluntarido.pt), за поддршка на лицата кои се соочуваат со недостиг на храна во Португалија (http://rededeemergencia.pt) и за поддршка на Украина по почетокот на руската агресија (www.wehelpukraine.org).
Обуката овозможи учесниците да научат повеќе за партнерството меѓу корпоративните партнери и граѓанските организации при спроведувањето на дигиталната трансформација, но и како невладиниот сектор да продолжи со дигиталната трансформација по завршувањето на ковид-19 пандемијата. Особено внимание кај учесниците предизвика средбата со тимот на Microsoft од Португалија, со кои се разменија искуства во однос на реализацијата на дигиталната трансформација во рамките на непрофитниот сектор.
Учесниците на настанот имаат можност да се запознаат со најважните детали во однос на термините „приватност“ и „сајбер-безбедност“, но и да остварат посета на првата банка за храна во Португалија и да се започнаат одблиску со нејзините секојдневни активности.
Обуката има за цел да ги усоврши капацитетите на граѓанските организации во натамошното спроведување на дигиталната трансформација, како во рамките на нивните проекти, така и пошироко во склоп на општествата од каде доаѓаат тие.
Настанот во Лисабон е дел од проектот „Зајакнување на граѓанското општество преку дигитална трансформација“, кој се организира со поддршка од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во рамките на програмата Еразмус+.
Сподели: