Дали државните институции на Република Македонија го искористуваат потенцијалот на новите технологии за вклучување на граѓаните во процесите на донесување одлуки, беше темата на конференцијата која се одржа на 17.06.2014 во ЕУ Инфо Центар. Настанот во организација на Фондацијата Метаморфозис го проследија над 60 присутни претставници на јавниот, приватниот и НВО секторот.
На конференцијата беше претставена студијата за јавна политика за истражувањето на тема „Зголемување на употребата на веб-локациите gov.mk како алатки за транспарентност, отчетност и е-учество“ кое е дел од меѓународната соработка на Метаморфозис со Словачко-Балканскиот фонд за јавни политики кој се спроведува од Балканската мрежа за развој на граѓанско општество (БСЦДН) и Фондацијата Понтис.
Тања Хафнер – Адеми, извршна директорка на БСЦДН ја претстави соработката со Метаморфозис и говореше околу контекстот и важноста на проектот и истражувањето, кое има за цел да го утврди тековното ниво на употреба на новите технологии од страна на државните институции на централно и локално ниво (gov.mk), како и можностите кои им се нудат на граѓаните за е-учество.
Бардил Јашари, директор на Метаморфозис, даде вовед во истражувањето и користената методологија, а потоа Тамара Ресавска од Метаморфозис ги презентираше тековните состојби, односно финалните наоди, заклучоците и препораките кои произлегоа од ова истражување.
Претставниците од Метаморфозис посочија дека во Република Македонија постои законска рамка со која се уредува граѓанското е-учество, но потребно е нејзино доследно спроведување, како и подигање на свеста кај институциите и граѓаните. Една од препораките е зајакнување на свеста кај институциите за важноста на веб-локациите како алатки и платформи за транспарентност, отчетност и граѓанско учество, како и пренасочување на средствата од буџетот на институциите кои ќе бидат наменети за оваа потреба.
Целосното истражување е достапно за преземање.
Сподели: