Денес во основното училиште „Св. Климент Охридски“ во Битола, „Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење„ го реализира настанот „Направи робот“ во рамките на проектот “Meet and Code 2019“, кој што е дел од Европската недела на програмирање, a го спроведува Фондацијата Метаморфозис.

На настанот на кој што присуствуваа министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски, претставници на Фондацијата Метаморфозис, и раководството на училиштето, професорот доц. д-р. Никола Рендевски и неколку студенти од Факултетот за информатички и комуникациски технологии, на децата од 3-то одделение им покажаа како може да се програмира робот на едноставен начин.

– Во рамки на овој проект, секоја година се приклучуваат се поголем број на училишта и ученици, а и Северна Македонија го следи тој тренд. Тоа значи дека младите тука знаат дека иднината е во информатичкото општество, во иновативноста и во постојаното истражување и откривање нешто ново – истакна во обраќањето пред учениците, министерот Дамјан Манчевски.

Според министерот, кодирањето помага да се развијат потребните вештини за живеење во 21 век, како што се компјутерското размислување, решавањето на проблеми, креативноста и тимската работа.

– Многу скоро, 90% од работните места ќе бараат основно ниво на дигитални вештини. Затоа почнувајќи од денеска мораме да работиме заедно, како влада, училишта – наставници, граѓански организации за младите луѓе уште од најрана возраст да развиваат вештини кои им се неопходни да бидат конкурентни на пазарот на труд – потенцираше министерот Дамјан Манчевски.

Во рамките на проектот “Meet and Code 2019!” којшто го организира Фондацијата „Метаморфозис“, има зголемување на бројот на грантови (за настани) од 25 лани на 40 оваа година.

Проектот „Meet and Code 2019″ во Македонија се спроведува од страна на Фондацијата „Метаморфозис“ во партнерство со ИТ-порталот „Stifter-Helfen“ и партнерите на мрежата „TechSoup Europe“. „Meet and Code 2019“ се овозможува од компанијата САП.

Сподели: