Владата на седницата на 6-ти декември ја разгледа и усвои Стратегијата за транспарентност на Владата на РСМ, со акциски план 2023-2026 година, предложена од Кабинетот на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

Приоритетни области, согласно Стратегијата, се: унапредување на активната транспарентност, унапредување на пристапот до информации од јавен карактер, на фискалната транспарентност на Владата и другите органи на извршната власт, унапредување на дигиталните можности на институциите за олеснување и автоматизирање на процесот на отворање на податоците, како и зајакнување на механизмите за отчетност за креирањето на политиките.

Мерките се подетално разработени во Акциониот план за 2023-2026 година, каде што се конкретизирани со активности, временската рамка за имплементирање, процената на потребните финансиски средства за имплементирање на активностите, носител на активноста, како и вклучени институции за спроведување на активноста.


Фото: Влада на РСМ

Стратегијата е резултат на работата на работната група составена од претставници на граѓанските организации, медиумски и академски претставници и институции, што е дел од поддршката која Фондација Метаморфозис ја дава во рамки на соработката со кабинетот на вицепремиерката Грковска, и преку проектот „Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“ кој го спроведува Метаморфозис со финансиска поддршка од Фондација Отворено општество – Македонија.

————————————————————————————————————————————-

Активностите се дел од проектот „Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“ кој го спроведува Фондација Метаморфозис со финансиска поддршка од Фондација Отворено општество-Македонија.

Сподели: