Во рамките на проектот е-Локална самоуправа, организиран и поддржан од Проектот за успешна децентрализација на УСАИД и Метаморфозис – фондација за одржливи информатички решенија, беше спроведено истражување во 10 општини низ Македонија. Целта на истражувањето беше да се дознае мислењето на граѓаните за тоа кои услуги на општините сметаат дека треба први да се направат достапни по електронски пат.
Резултатите од истражувањето се достапни во форма на Каталог за електронски услуги на локалната власт.
Со истражувањето беа опфатени 10 општини од кои 7 беа поголеми и 3 помали, и тоа: Карпош, Гостивар, Дебар, Кавадарци, Прилеп, Велес, Струмица, Чучер Сандево, Зрновци и Кривогаштани.
Вкупно беа анкетирани 850 испитаници. Од вкупниот број испитаници, 395 беа мажи (46.5%) и 455 жени (53.5%).
Истражувањето беше спроведено од агенцијата БРИМА-Галуп (BRIMA-Gallup) од Скопје во периодот од 19 до 24 мај 2005 година.