Од 28 до 30 октомви 2015 година во Каен, Франција, беше одржана обуката на тема „Слобода на изразување и приватност на интернет“, организирана преку партнерство од фондацијата „Метаморфозис“ од Скопје и Институтот за човекови права од Каен.

На обуката учествуваа едукатори од Македонија и Франција кои работат со млади на возраст од 15 до 25 години, со цел да им се обезбедат алатки за подобра едукација на младите за последиците од користење на интернет и другите дигитални технологии. Опфатените теми вклучуваа педагошки методи за неформална едукација за човекови права врз основа на компаративните искуства од Франција и Македонија. Фокусот беше на приватноста и слободата на изразување, како и медиумска писменост, со користење на искуствата спротиставување на медиумски манипулации во рамки на Сервисот за проверка на факти од медиумите.

Дел од дискусијата во рамки на работилницата за човекови права.

Дел од дискусијата во рамки на работилницата за човекови права.

Меѓу 12-те учесници беа вклучени наставници и универзитетски професор од Македонија, како и искусни обучувачи за човекови права од Франција и Македонија, како и граѓански активисти од обете земји. Дел од учесниците се и претставници на граѓанската организација „Пријатели на образовнието“.

По обуката, г-а Марина Џепароска, наставничка од Охрид, изјави дека обуката „понуди едно ново искуство од организациски, методолошки и педагошки аспект. Темата која беше опфатена со обуката е застапена и во наставните програмии по некои од предметите и во основните училишта и токму затоа сметам дека може да се имплементираат работилници за наставници, ученици и родители, кои не само што ќе ги надополнат и збогатат содржините на задолжителните наставни програми, туку на еден нов и креативен начин ќе бидат насочени кон подигање на свеста и кај најмладата популација – ученици од 10 до 15 годишна возраст.“

Проф. д-р Ментор Хамити, професорот по етика на Универзитетот на Југоисточна Европа изјави дека обуката „беше многу корисна, оти ни овозможи подобро да ги разбереме одредените теми кои беа предмет на дискусии во различни средини. Со тоа се докажа, дека ние можеме да бидеме и различни, да припаѓаме во различни средини, но пред се можеме да бидеме еднакви и да некои многу важни вредности за општеството како слобода за изразување, почитување на приватноста, неширење на омраза — да ги поддржуваме и да ги промовираме каде и да сме. Доволно е и мотивацијата од обуката за да продолжиме понатаму!“

Пример за вежба преку која учесниците на обука се вклучуваат во дискусија за човекови права: правење хронологија на личности и настани.

Пример за вежба преку која учесниците на обука се вклучуваат во дискусија за човекови права: правење хронологија на личности и настани.

Обуката беше заснована на педагошкиот прирачник „Слобода на изразување и приватност во дигиталната ера“, развиен и објавен од Меѓународниот институт за човекови права и мир и Фондацијата „Метаморфозис“, како и неговата примена во практика во изминатата година по неговото објавување. Дигитална верзија на прирачникот на македонски и француски јазик е достапна и преку интернет.

Обуката беше спроведена во рамки на Програмата за децентрализирана соработка помеѓу Регионот Долна Нормандија и Република Македонија, со поддршка на Република Франција и АЛДА – Асоцијација на агенции за локална демократија.

Сподели: