Земјите од Западен Балкан имаат многу заеднички карактеристики. Сите тие имаат малубројно население, релативно ниски примања и големи неформални економии, но почнувајќи од јуни 2018 година, тие споделуваат уште една работа – Дигиталната агенда за Западен Балкан на Европската комисија.

Постојат многу бариери за развој на е-општеството во регионот на Западен Балкан, но со заедничка визија и посветена работа, последните неколку години сведочеа за мошне креативни начини за надминување на тие бариери. Регионот предолг период е лишен од квалитетни крајни е-услуги, платформи за е-трговија и процеси за автоматизација, а сега сите ние сме сведоци на проширувањето и потенцијалот на онлајн услугите, кои станаа уште попотребни и евидентни уште од почеток на пандемијата. Пандемијата го поттикна развојот на е-услуги и е-трговија на Западен Балкан. Продавниците несуштествени за луѓето беа затворени, јавната администрација работеше ограничен број часови и целата интеракција се одвиваше преку социјалните медиуми. Промената не беше моментална, но дојде откако компаниите и јавната администрација пронајдоа начини да ја зголемат употребата на интернетот во ситуација кога физичкиот контакт претставува ризик. Меѓутоа, е-трговијата и е-услугите исто така носат некој вид на ризик. Главните стравови кога станува збор за онлајн трансакции се однесуваат на безбедноста и злоупотребата на личните податоци. Кога барате стоки или услуги преку интернет, не можете убаво да го разгледате производот или да прашате вистинска личност за него.

Дигиталната агенда за Западен Балкан има за цел да ја промени перцепцијата кон јавните е-услуги и да ја зголеми нивната употреба во секојдневниот живот. Шесте земји партнери од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија заедно со Европската комисија се обврзаа за:

  • инвестирање во широкопојасна конекција;
  • зголемување на кибер безбедноста, довербата и дигитализацијата на индустријата;
  • зајакнување на дигиталната економија и општество и
  • зајакнување на истражувањето и иновациите.

Европската комисија се обврза дека ќе оствари тесна соработка со властите на Западен Балкан и сите останати партнери за да се обезбеди целосна имплементација на Дигиталната агенда и, меѓу другото, правилна употреба на јавните е-услуги.

 

Споделувајќи ја визијата на ЕУ, Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академијата за е-владеење(Естонија), ЦРТА-Центар за истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора), ОДК-Отворени податоци Косово (Косово) и Лавизија Мјафт! (Албанија), го започнаа проектот Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда-ICEDA, кофинансиран од Европската Унија. Како дел од шемата за мали грантови на проектот, доделени се 15 под-грантови со кои се поддржува формирање и водење на Центри за поддршка на е-владеење.

Албанија, Косово, Црна Гора, Србија и Северна Македонија се вклучени во оваа активност, секоја со 3 граѓански организации (ГО), со што вкупно 15 ГО се поддржани во партнерство со локални и национални институции. Во изминатите 9 месеци, тие 15 ГО работеа на формирање и управување со граѓански центри за поддршка на е-владеењето. Преку тие центри, нивните целни групи се овластени да користат одредени е-услуги и да шират дигитална писменост. До 31 август преку овие центри, на околу 18000 граѓани им беше помогнато да добијат е-услуги. Можете да прочитате повеќе детали за секој под-грант на следниов линк.

 

Албанија

Фото: АРТИВИСТА (Албанија), работилница во Прњас, Албанија

Во Албанија, три ГО во партнерство со институциите водат Центри за поддршка на е-владеење и со тоа придонесуваат кон формирање и имплементација на Дигиталната агенда. Во Прењас и Поградец, Артивиста води Центар за поддршка на е-владеење во партнерство со Nehemiah Gateway Albania, поддржувајќи ја бизнис и претприемачката заедница при добивањето е-услуги.

 

Фото: Промотивна кампања на Епока е Ре

Паралелно, Епока е Ре работи во деветте рурални административни единици на Општина Фиер. Во тесна соработка со општината, тие создадоа платформа за локални е-услуги што ги нуди општина Фиер, преку кои ќе ги поддржат граѓаните при добивањето на локалните јавни е-услуги поврзани со општината.

Во Елбасан и Драч, Европската младинска асоцијација во соработка со Posta Shqiptare Sha (Албанска пошта) поставија мобилни штандови преку кои им овозможуваат на граѓаните широк пристап до е-услугите на владата.

 


Фото: Промотивна кампања на Европската младинска асоцијација

 

Косово

Трите граѓански организации од Косово поттикнуваат онлајн граѓанско учество. Демократија плус има за цел да ги ангажира граѓаните да пријавуваат жалби и да ја зголемат одговорноста на институциите. Тие поттикнуваат култура на граѓанско учество во Косово, преку ангажирање на граѓаните да ги пријавуваат своите поплаки за јавни услуги на ndreqe.com за албанската заедница и popravi.org за српската заедница.

Фото: Поддршка на граѓаните, Демократија плус

Во меѓувреме, Форумот за граѓански иницијативи соработува со Министерството за внатрешни работи и јавна администрација за да им овозможи на сите граѓански организации да се регистрираат и користат јавни онлајн услуги наменети за нив, преку Дигитална академија за граѓански организации креирана по мерка. Целта е да се зголеми капацитетот на ГО и медиумите да се справат со предизвиците поврзани со Дигиталната агенда, поттикнувајќи ги да станат активни учесници во овој процес и да покренат прашања поврзани со Дигиталната агенда во граѓанското општество и медиумите.

Фото: Форум за граѓански иницијативи- Твитер профил

Младинскиот совет на Косово има за цел да го олесни пристапот преку обезбедување на онлајн упатства за е-услуги за граѓаните, со што ќе го зголеми квалитетот на употребата на е-владините услуги. Нивната цел е да ги едуцираат граѓаните и другите засегнати страни како подобро да ги користат овие е-услуги преку обезбедување соодветна техничка платформа за дизајн што ќе им овозможи да ја разберат употребата на сите е-услуги што постојат во Косово.

 

Црна Гора

Три центри за е-владеење се веќе формирани и функционални во Црна Гора. Центарот што работи во Подгорица го води Центарот за образование на млади, каде што ги промовираат и поддржуваат моментално достапните е-услуги на општина Подгорица. Нивниот фокус е на промоција на е-услуги што ги нуди главниот град, но и споделување информации поврзани со дигитализација и претприемништво.

Е-центарот Дигитална училница функционира во рамките на основното училиште „Божидар Вуковиќ Подгоричанин“, за поддршка на наставниците и учениците за користење е-услуги поврзани со образованието. Центарот го води Фирен Аменка чија главна цел е да се намали дигиталната поделба помеѓу ромската и не-ромската популација.

ГО, исто така, имаат заеднички активности за поддршка на граѓаните во користењето е-услуги во кои учествуваше Фирен Аменка, а најновата ваква активност беше поддршката на учениците за електронско запишување во средните училишта.

Фото: Фирен Аменка помага на ромската заедница при електронското запишување во средно училиште, Фејсбук пост

Третата организација Супер Хаб работи во Општина Пљевља и преку нивниот центар им помага на граѓаните во користењето на постојните е-услуги во рамките на порталот за е-Влада.

Видео: TV Pljevlja

 

Северна Македонија

Од трите организации што работат со е-центри во Северна Македонија, едната се наоѓа во градот Скопје. SmartUp-Лабораторија за социјални иновации во рамките на нивниот центар Скопје Лаб разви програма за поддршка за граѓаните што ги користат е-услугите што ги нуди градот. Центарот функционира во просториите на Град Скопје и е отворен за јавноста секој ден. Овде граѓаните можат да добијат поддршка преку директни состаноци, преку е -пошта и телефон. SmartUp, исто така, обезбедува поддршка за граѓаните преку нивната веб-страница https://aplikacii.skopjelab.mk преку која граѓаните можат да користат некои од е-услугите што градот ги нуди и да добијат информации за достапната поддршка. Со овој центар управуваат двајца агенти за техничка поддршка и во моментов нуди поддршка за онлајн апликација за субвенции (субвенции за инвертер, субвенции за велосипеди, субвенции за е-скутери), како и е-апликација за финансиска поддршка за граѓански организации и поединци во повеќе области.


Фото: Платформата за поддршка на Скопје Лаб

Другите две организации се подвижни и покриваат области во неколку плански региони во земјата. Асоцијација за толеранција и граѓанска соработка – AГТИС работи во Долнени и Прилеп, претежно со маргинализирани заедници меѓу кои ромската заедница, граѓани со ниски примања и неписмени граѓани.


Фото: Волонтерите на АГТИС ги поддржуваат граѓаните при употребата на е-услуги

„Постојат неколку е-услуги што се нудат на локално ниво. Според податоците што ги имаме, целосно електронски услуги што се достапни се следниве: е-даноци, гис-порталот, запознавање со катастарските парцели на ДУП-от. Системот за пријавување проблеми функционира, кратко и електронски. Инаку, само 0,89 проценти од вкупните кликови на порталот на локалната самоуправа се за е-услуги. Постои насловот „е-услуги“, но единствено може да испечатите документ, “ објаснува Благица Цветкоска, координатор на проектот во AГТИС за интервју со МКД. „Неодамна, се случи да биде потребна е-услуга за запишување првачиња. Поради фактот што во последно време многу се зборува за електронски услуги, активностите на порталот веднаш се зголемија. Лесен е за користење. Ги охрабруваме граѓаните да користат што повеќе е-услуги, а институциите да ги направат повеќето услуги електронски и едноставни. Само така граѓаните ќе се охрабрат да ги користат,“ рече Цветкоска. AГТИС, исто така, има мобилен караван на активности каде што тие ги поддржуваат граѓаните да користат различни е-услуги на неколку места низ градот и руралните области.

Видео: АГТИС, Не чекај во редови – информаирај се!

Руралната коалиција работи на зголемување на довербата во јавните институции преку зголемување на употребата и квалитетот на е-услугите за локалната заедница особено кога е во прашање земјоделството во Гостивар, Врапчиште, Кичево, Кривогаштани и Долнени. Преку е-центарот, организацијата ќе им помогне на земјоделците и локалните жители да користат е-услуги и да ја зголемат својата дигитална писменост.


Фото: Отворање на Центарот за поддршка на е-владеење во Кичево, Рурална коалиција

Резултатите од истражувањето спроведено од Руралната коалиција во текот на јануари и февруари оваа година на 246 испитаници од општините Кичево, Кривогаштани, Врапчиште, Старо Нагоричане и Струмица покажуваат колку е потребна таква поддршка на локално ниво. „Иако 92% од испитаниците имаат електронска платежна картичка, мнозинството од 60% ја користат само за да повлечат пари од банкомат. Сепак, 93% од нив се убедени дека би го искористиле за електронски услуги доколку имаат поддршка во тој процес “, изјави Лилјана Јоноски, извршен директор на Руралната коалиција во својата презентација при отворањето на е-центарот. Граѓаните се свесни дека новите начини за давање услуги им заштедуваат време, пари и го штитат нивното здравје. Околу 64% од испитаниците сѐ уште одат на шалтер или ги добиваат потребните информации за услугите преку телефон, а помалку од една петтина (19,1%) успеале електронски да ја побараат и примат услугата. Според Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, само 5,8% од барањата за субвенции се поднесени по електронски пат. Повеќе од половина од испитаниците (54%) не го препознаваат националниот портал www.uslugi.gov.mk каде можат да добиваат услуги по електронски пат. Според Јоноски, нискиот процент на користење на овој портал до одреден степен се должи на ниската доверба во издавањето електронски документи.


Фото: Руралната коалиција ги поддржува повозрасните при добивање е-услуги во Кичево, Северна Македонија

 

Србија

Нашите под-грантисти во Србија, исто така, воспоставија врски со државни и локални институции. Центарот за социјална интеграција во партнерство со Градот Врање има за цел да ги едуцира граѓаните, со акцент на ранливите групи, со цел тие да стекнат основни дигитални вештини и креираа аудио/видео водич на веб -платформа со инструкции како да се користи порталот за е-владеење.

Видео: DIGITALIZACIJA – spona za budućnost, YouTube канал

Дели тесно соработува со Градот Ниш – додека СИНХРО работи во партнерство со градот Панчево. Сите тие имаат за цел да ја промовираат Дигиталната агенда на локално ниво со фокус на локалната употреба на е -владеење од страна на граѓаните и нејзиниот понатамошен развој.

Фото: Просториите на СИНХРО во Панчево, Србија, обука за едукатори

Центарот на СИНХРО е место каде што граѓаните можат да дојдат и да добијат информации за е-услугите за кои им е најмногу постребна поддршката, почнувајќи од електронски сертификати, е-граѓанин, регистрација, плаќања, запишување, дозволи, итн.


Видео: Фејсбук страницата на СИНХРО

Добрите резултати постигнати преку работата на овие 15 отворени е-центри не поминаа без пречки, без разлика дали тоа е политичката ситуација, пандемијата со Ковид-19 или пак недостатокот на свест и општата недоверба во институциите. Сепак, тие сведочат дека тесната соработка помеѓу граѓанскиот сектор и државните институции е клучот за приближување до граѓаните. Во услови на ограничена физичка подвижност и неизвесна социјална иднина, овие организации им помагаат на државните и локалните администрации да ги искористат дигиталните можности за извршување на нивните одговорности. Најголемите предизвици со кои се соочија нашите е-центри во изминатите осум месеци беа добивање на довербата на граѓаните и воспоставување високо ниво на заштита на податоците.

Западен Балкан може да има огромна корист од развојот на информатичката и комуникациската технологија (ИКТ). ИКТ сѐ почесто создава можности за владите да развијат подобри стратегии за креирање политики, да формулираат нови пристапи за лидерство и да ја подобрат ефикасноста и ефективноста на давањето услуги. Сега, граѓаните можат подеднакво да учествуваат во владините одлуки и процесите на креирање политики. Тие може да се вклучат дури и најоддалечените области, но посебно внимание и време треба да се посветат на зголемување на дигиталната писменост како алатка за еднаквост. Како заклучок, ИКТ поттикнува добро владеење, но неопходна е поддршка од сите засегнати страни во општеството за да се вклучат сите категории граѓани.

Бидејќи овие 15 центри работат брзо за да ја доближат Дигиталната агенда до граѓаните на Западен Балкан, им посакуваме добредојде на новите грантисти во Циклусот на грантови шеми ЛОТ 2: доделување грантови за спроведување иницијативи за застапување на Дигиталната агенда.

Сподели: