За целосно дигитални услуги за граѓаните потребно е да се обезбедат и правилни технички и кадровски решенија, да се донесат дополнителни законски измени и подзаконски документи, и иако сега основата за дигитализацијата е поставена, треба уште многу да се направи за таа успешно да се заврши и да биде вистински сервис на граѓанинот што ќе му го олесни живеењето и ќе одговара во целост на неговите потреби. Притоа, мора да се внимава многу и на тоа да се изнајдат решенија што ќе бидат одржливи, односно трајни, за разлика од некои примери од минатото или од сега, кога воведени дигитални услуги сега не се достапни или само половично се спроведуваат, па граѓаните сè уште треба да одат по шалтер и да вадат или поднесуваат документи, истакнаа учесниците на денешната дебата „Испорачување на дигитални услуги креирани за граѓаните“.
Настанот во организација на Фондација за слободата „Фридрих Науман“, Фондација за интернет и општество „Метаморфозис“ и Институт за општествени и хуманистички науки, кој се одржа со физичко присуство, а можеше да се следи и преку платформата „Зум“ и преку Фејсбук, ги собра претставниците на граѓанското општество што работат во полето на дигиталните услуги и претставници на Владата на дискусија за тоа што е направено досега, кои се грешките што не треба да се повторат, како и кои се најдобрите решенија за да се постигне целта да се пружаат квалитетни дигитални услуги, што е составен дел на Дигиталната агенда на Владата, која е всушност во голем дел пресликување на Дигиталната агенда на ЕУ.
Дигитализацијата каска, лоши примери има повеќе од добри
„Темата е битна за секоја земја, оти дигитализацијата не е иднината, туку сегашноста. Кога се говори за дигитализацијата на власта, на општествените услуги, треба да знаеме дека таа има позитивен директен ефект не само за функционирањето на државата, туку за сите општествени процеси и развојот на општеството. Секое успорување на овој план доведува до успорување на сите процеси“, порача во поздравното обраќање Ивајло Цонев, проектен координатор за Бугарија и Северна Македонија при Фондација за слободата „Фридрих Науман”.
Ќендреса Сулејмани, програмски директор на Фондација за интернет и општество „Метаморфозис“ и Искра Геразова – Мујчин, истражувач при Институтот за општествени и хуманистички науки, ги презентираа двете истражувања за искуствата и барањата на граѓаните за дигиталните услуги, но и за правците во кои треба да се насочи спроведувањето на дигитализацијата.
Како што потенцираше Сулејмани, од анкетата на граѓаните за електронските услуги на општинско ниво се утврдило дека на граѓаните им е побитно да добијат барем јасни информации во дигитална форма, отколку да им се нудат дигитални услуги што во реалноста сепак не функционираат добро. Истражувањето на „Метаморфозис“ опфатило 12 услуги.
„Општините Крива Паланка и Делчево се добри примери на општини со седиште во град што нудат ажурно и стабилно дигитални услуги и граѓаните се задоволни, а во поглед на општините со седиште во село, тука општина Дебарца е добар пример. Интересно е што 95 отсто од граѓаните што ги анкетиравме порачаа дека се задоволни и само од јасни информации, без да се нуди целосна дигитална услуга, отколку да има услуги што не се стабилни – односно може да се идеални, ама не се спроведуваат добро. Таков е примерот на „Види, пријави, поправи“, што е одлично решение, но општините престанаа да ја користат. Тоа е добар пример како граѓаните губат доверба во е-услугите уште пред да ги има. Во нашето истражување, многу граѓани велат дека е поефикасно да потрошат половина ден по шалтери и да завршат работа, отколку да се обидуваат онлајн“, објасни Ќендреса Сулејмани презентирајќи го истражувањето „Анализа на е-услуги во општините во Република Северна Македонија“.
Искра Геразова – Мујчин, зборувајќи за истражувањето „Дигитализацијата како пат на вистинска администрација ориентирана кон граѓаните: децентрализација на процесите како средства за забрзана и ефективна реформа“ нагласи дека главно се истражувале услугите за лични документи. Голем проблем тука е што администрацијата или не ги знае или не сака да ги спроведува законите, затоа што сè уште се бара граѓаните да обезбедуваат документи што администрацијата треба да ги прибави по службена должност.
„Ги истражувавме и законите и подзаконските акти што се однесуваат на личните документи, и првиот впечаток е дека има доста регулации во нив кои на некој начин ги оптоваруваат граѓаните и се во полза на администрацијата. Законот за општа и управна постапка во член 63 наведува дека пропратни документи за некоја услуга, ако не се доставени од граѓаните, ќе ги набави институцијата. Значи, се вели дека институцијата може да ги набави, ама ги бара од граѓанинот. И што се однесува до законите за личните документи, иако од 2019 некои од нив претрпеле измени и дополнувања, ниедна од нив не е за дигитализацијата, за три години речиси, ниеден не е адаптиран“, порача Геразова – Мујчин.
Неопходни се и техника и софтвер, но и пари
Согледувања и препораки за досега направеното и за тоа што треба да се реализира во иднина, во дискусијата дадоа и Зоран Димитровски, заменик-министер при Министерство за локална самоуправа; Ана Малцева – Маринковиќ, Кабинетски службеник за координација на соработката на Претседателот на Владата со државните органи, јавни претпријатија, установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и други правни лица; Искра Белчева – Ристовска, програмски координатор при Центар за управување со промени; и Мила Јосифовска – Даниловска, менаџер на програмата за Општествена одговорност и човекови права онлајн при Фондација за интернет и општество Метаморфозис.
И заменик-министерот Димитровски гледа нелогичности во сегашните состојби, но смета дека тоа што владата ја поставила дигитализацијата како врвен приоритет дава оптимизам дека работите може да се поправат.
„Пред секоја седница на Владата се информира до каде е процесот. Сега се зборува за јули 2022 година како некаков завршен период на дигиталната трансформација. Но треба да се внимава и на овој процес, оти во минатото имавме Е-влада, па едношалтерски систем, иницијативи на олеснување на услугите за граѓаните и тоа се соочуваше со проблеми на терен, и на крајот се случува услуги што дигитално сме ги добивале, еве, од Управа за матични документи, на пример, може дигитално да се пријавите, ви закажуваат термин да донесете физички документи, и тој процес не е олеснет, туку е закомплициран. Процесот на дигитализација мора да води сметка за одржливост, за софтверската поддршка, за службениците… Знаеме како нашата бирократија, односно администрација се однесува кога се издаваат документи, видовме и со МВР со личните карти и пасошите, и процесот со дигитализацијацијата може да се закомплицира повеќе ако не се води сметка за одржливоста. И мора уште сега Владата да направи буџетирање во Дигиталната агенда за хардвер, софтвер, менаџирање, сето тоа бара средства. Многу општини се жалат дека не може да влезат во процес на дигитализација, оти немаат финансии и владата треба да размисли за блок-дотации за таа цел“, нагласи заменик-министерот за локална самоуправа.
Ана Малцева – Маринковиќ од Кабинетот на премиерот нагласи дека дигитализацијата содржи и елементи на борба против корупцијата, за подобар и зелен живот на граѓаните – во поглед на намалување на искористената хартија, но и во поглед на интересите на граѓаните. Три работни групи во моментов работат на реализација на Дигиталната агенда, рече таа.
„Сега се прави дигитална реплика на сите наши физички интеракции, и она што особено го имавме предвид при развивањето нов систем е избегнување на принцип на шетање на граѓаните на различни дигитални платформи, туку се да биде централизирано, во една точка на комуникација. На 16 декември 2019 го воспоставивме Националниот портал за електронски услуги, и тој се промовираше, но поради падемијата неговото користење спласна. Инаку, во моментов во Владата за дигитализацијата се формирани три работни групи: една за измена и дополнување на 150 закони, работна група на инженери координирана од МИОА и третата за дигитализација на правосудниот систем и сите имаат тесна координација. Од аспект на тоа каде сакаме да стигнеме како држава, несомнено јули 2022 година е клучниот датум и се надевам ќе го постигнеме. Сега има многу закони во владина постапка, плејада законски интервенции, при што целта не е да се силува правниот систем, туку најмининално да се интервенира да се обезбеди правна сигурност“, порача Малцева – Маринковиќ.
Во поглед на сигурноста и на правата на граѓаните, Мила Јосифоска – Даниловска од „Метаморфозис“ како посебно важно го спомена и почитувањето на најновата верзија на законот за заштита на личните податоци. Во поглед на дигитализацијата, таа порача дека треба да се консултираат граѓаните по кој редослед да се дигитализираат услугите, но и да се обезбеди инфраструктура за пристап на граѓаните до дигиталните услуги.
„Предуслов за дигитализацијата е да имаме спремни институции кои ги имаат капацитетите да ги дизајнираат, испорачаат, и промовираат дигиталните услуги, како и да ги поддржат граѓаните во процесот. Воедно и да се овозможи потребната инфраструктура за пристап на граѓаните до дигитални услуги, и на тие што немаат домашен пристап до Интернет и дигитален уред. Тоа може да се направи преку локални центри за поддршка на граѓаните, постоечките интернет клубови, центрите “Една точка за услуги”, порача Јосифоска – Даниловска.
Текстот е целосно превземен од Мета.мк Новинска агенција и кон оргиналниот текст може да се пристапи тука.
Сподели: