Гоце Арсовски, Фондација Метаморфозис, фото: принтскрин

Нивото на свесност на граѓаните, граѓанскиот сектор, медиумите, академската заедница, но и самите држави, за системите за автоматско донесување одлуки (АДО) и вештачката интелигенција (ВИ) е ниско и тоа треба да се промени бидејќи овие системи ќе продолжат да влијаат врз благосостојбата на граѓаните. Граѓанските здруженија треба да соработуваат меѓусебно и со државните власти за да разговараат за придобивките и ризиците од овие системи.

Ова меѓу другото беше кажано на сесијата „Алгоритми, приватност и безбедност. Да зборуваме за човековите права“, во рамките на 17-тата меѓународна конференција „е-Општество.мк“ во организација на Фондацијата Метаморфозис, на која говореа претставници на граѓанското општество и правни експерти од РСМ, Европа и Америка.

„Кога станува збор за употребата на АДО и ВИ, особено на АДО во официјална државна употреба, граѓанските организации во голема мера молчат за ризиците, придобивките и несаканите ефекти што може да ги донесе овој процес. Ова може да биде од различни причини, како што се недостаток на стручно техничко знаење за проверка на алгоритми, недостаток на човечки и финансиски ресурси, а можеби и едно општо чувство дека оваа тема е „многу техничка“ и дека и припаѓа на многу мал број на засегнати страни, но исто така може да се има чувство на несоодветност за коментирање на најновите случувања и трендови“, нагласи Гоце Арсовски од Фондацијата Метаморфозис.

Граѓанските организации можат да помогнат да се подигне свеста за употребата на системите за автоматско донесување одлуки или на вештачката интелигенција.

„Се согласувам дека нивото на јавна свест за АДО не е на вистинското ниво. Донаторските организации можат да помогнат затоа што работиме со позатворени заедници на локално ниво и тие можат да помогнат преку нудење на објаснувања за јавноста околу тоа која е целта на користење на АДО. Тие можат да обезбедат грантови за истражувања во оваа област, исто како што владите мора да обезбедат одредени средства од буџетот“, рече Олга Кирилиук, менаџерка за технички програми во Американската адвокатска комора.

Орсолија Винче, правен експерт во „К-мониторинг“ од Унгарија наведува дека државните функционери не се запознаени со овој процес, а здруженијата не се вклучени.

„Вештачката интелегенција во основа не е позната како тема за граѓанските здруженија, ние сме организација за борба против корупцијата и потоа се вклучивме во оваа област. Имаме коалиција за вештачка интелигенција (ВИ) и некои се дел од неа, но имаме и една етичка група која работи во однос на законодавството за тоа како да се регулираат алгоритмите. Кога станува збор за регулативите за АДО, малку доцниме. Она што го дознавме од нашата студија е дека државните функционери не се свесни за процесот“, истакна Винче.

Криштоф Издебски, од Фондацијата „Стефан Батори“ од Полска, зборуваше за електронскиот систем за распределба на судските предмети во Полска, кој е сличен на системот АКМИС што се користи во РСМ за распределба на судските предмети.

„Се обидов да го добијам алгоритамот на системот од Министерството за правда, првично не го даваа, но потоа го добивме случајот и сега алгоритамот е објавен на страницата на Министерството за правда. Луѓето мислеа дека ова не е отворен систем, и дека можеби се работи за манипулативен систем. За нас експертите беше важно да им покажеме дека спроведувањето на АДО што има влијание врз правата и обврските на граѓаните. Значи, секое донесување на одлуки, вклучително и АДО, мора да бидат транспарентни“, нагласи Издебски.

Сите панелисти се согласија дека граѓанските здруженија, без разлика на нивното поле на делување, треба да бидат вклучени во дискусиите за ова прашање.

Инаку, вчера се одржа вториот ден од овогодинешната конференција „е-Општество.мк„ која ќе трае 4 дена.

Денеска, на третиот ден од конференцијата, ќе се одржат две обуки на теми поврзани со сајбер безбедноста и приватноста. Првата обука од 12 часот ќе биде на тема Кибер безбедност – вообичаени митови, а обучувач ќе биде Гоце Арсовски.

„Изгледа дека дигиталниот свет, кој постојано се проширува, не го зема предвид нивото на дигитална писменост и искуство на корисниците на компјутерските системи. Дополнително, кампањите за дезинформации кои се честопати користени во политиката, имаат своја „кибер-подгранка“ кога станува збор за безбедноста и приватноста на интернет. Оваа обука ќе се фокусира на често застапените митови и дезинформации за вообичаените закани за кибер-безбедноста и ќе се обиде да понуди решенија за нив“, се вели во најавата за обуката.

Втората денешна обука е на тема „Како да се изгради силен и одржлив систем за заштита на приватноста“, а обучувач ќе биде Елена Стојановска.

Во најавата се вели:

 

Заштитата на личните податоци или Општата регулатива за заштита на лични податоци (GDPR) е често употребуван термин веќе подолго време, но многумина ја игнорираат или не ја разбираат неговата вредност. На оваа обука ќе се истражува актуелниот Закон за заштита на личните податоци и механизмите во Северна Македонија од аспект на ГО и граѓаните. На ГО ќе им се понуди знаење и поддршка за нивно целосно усогласување со обврските што ги утврдува Законот. Што се однесува до граѓаните, оваа обука ќе им помогне да го разберат Законот и моќта на (зло) употребата на нивните лични податоци од страна на други субјекти, но и опасностите од споделување на туѓи лични податоци без претходна согласност.

Сите заинтересирани можата да ги следат обуките преку приклучување на Зум линкот од настанот или преку директниот пренос на Фејсбук страницата на Фондација Метаморфозис.

Сподели: