На 3-ти ноември, во рамки на Самитот за слобода на интернет, Фондација Метаморфозис организираше панел-дискусија посветена на етиката во развојот на вештачката интелигенција и балансирањето помеѓу иновациите и заштитата на човековите права на интернет. На оваа сесија се обратија:

  • Богдан Манолеа, извршен директор на Асоцијацијата за технологија и интернет од Романија,
  • Ана Тоскиќ Цветиновиќ, извршен директор на Партнери за демократска промена од Србија и
  • Ирина Бузу, експерт за нови технологии во Европулс, Молдавија.

Сесијата ја модерираше Весна Радиновска, проектен менаџер во Фондација Метаморфозис.

Учесниците на оваа сесија споделија на кој начин користењето на вештачката интелигенција е регулирано во нивните земји, но и како практично изгледа примената на регулативата. Беа споделени и примери за тоа како се користи вештачката интелигенција од страна на јавните институции, вклучително и во насока на ограничување на човековите права, но и од страна на граѓаните, почнувајќи од користење ChatGPT за подготовка на испити па се до користење deepfake за дискредитација на политичките неистомисленици. Како резултат на дискусијата, произлегоа следните препораки:

  • Од клучно значење е да се обезбеди транспарентност и отвореност во сите процеси во кои се развива вештачката интелигенција, вклучително и во процесите на јавни набавки каде што се набавуваат решенија за вештачка интелигенција, кои обично не обезбедуваат доволна заштита на приватноста на луѓето;
  • Неопходна е автентична и ефективна вклученост на сите засегнати страни во процесот на развивање регулатива за вештачка интелигенција, односно поврзување на претставници на трите власти, независните институции, медиумите, граѓанските организации и тн;
  • Подигнувањето на свеста и едукацијата на јавноста за човековите права, дигиталните права и вештачката интелигенција е многу важно за борба против технофобијата и обезбедување соодветна заштита на човековите права и
  • Треба да се искористи потенцијалот на постојните институции надлежни за заштита на човековите права за соодветна заштита и на човековите права на интернет.

Сподели: