Денес, партнерите на ACTION SEE ги промовираа резултатите од мониторингот на отвореноста на извршните власти во регионот на конференција што се одржана во Подгорица. Конференцијата беше насловена како Транспарентност на извршната власт: ќорсокак за информациите, а нејзината цел беше да ги протолкува наодите од истражувањето на Индексот на отвореност 2020 за да ги идентификува предизвиците и потенцијалните решенија кон потранспарентни институции.

 

Според наодите од истражувањето на Индексот на отвореност 2020, владата на Северна Македонија е на прво место во регионот, исполнувајќи 83,43%од индикаторите, потоа следат Црна Гора (59,46%), Босна и Херцеговина (57,28%) и Србија (48,92%).

Ќендреса Сулејмани, програмски директор во Фондацијата Метаморфозис зборуваше за вредноста која Индексот на отвореност ја има во насочувањето на институциите кон вертикална политика за отвореност, што се материјализираше преку Стратегијата за транспарентност. Марјан Забрчанец, националниот координатор за стратешки комуникации во Владата на Северна Македонија, го потврди позитивното влијание на шестгодишното истражување спроведено од Метаморфозис и мрежата ACTION SEE во поддршката на институциите за подобрување на нивната отвореност. Двајцата говорници ја истакнаа важноста за подобрување на опсегот на Стратегијата за транспарентност во иднина, како и важноста за одржување високи стандарди за транспарентност во кризни ситуации, како што е пандемијата со Ковид-19.

 

На настанот присуствуваа партнерите на ACTION SEE, т.е Центарот за истражување, транспарентност и отчетност од Србија, „Зошто не?“ од Босна и Херцеговина, „Демократска транзиција“ од Црна Гора, како и ценетите власти и граѓанскиот сектор од регионот.

Истражувањето на Индексот на отвореност 2020 година беше поддржано од проектот на УСАИД за граѓанско учество и Националниот фонд за демократија.

Сподели: