Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, направи проценка на состојбата на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) во Република Северна Македонија за 2022 година. Проценката е резултат на спроведено истражување засновано врз Индексот на отвореност.
Истражувањето за 2022 година покажа дека повеќето општини не работат доволно за да ги задоволат стандардите за отвореност. Резултатите во областите укажуваат на тоа дека ЕЛС применуваат ниски стандарди за консултации, транспарентност, мониторинг и контрола во нивното работење.
Просечниот резултат на единиците на локалната самоуправа според истражувањето преку Индексот на отвореност за 2022 година изнесува 27 %. Ова претставува индикација за ниско ниво на отвореност во работењето на локалната власт во Република Северна Македонија. Највисока просечна оцена општините имаат за индикаторите во областа транспарентност 34 %, а најниска просечна оцена имаат во областа свесност 13 %, исто како и минатата година.
Индексот на отвореност покажа дека во мерењето за 2022 година најдобри резултати имаат општините Валандово (62 %), Прилеп (59 %), Битола (57 %), Охрид (54 %), Кочани (52 %) како и Велес и Делчево, Демир Хисар и Крушево (50 %) и Василево (47 %), додека најниско се рангирани Долнени (9 %), Врапчиште (8 %), Карбинци (7 %), Бутел (6 %) и Сопиште (5 %).
Целосниот извештај за 2022 година е достапен на македонски и албански јазик.
Сподели: